Излегува продолжение на бестселерот „Капиталот во 21 век“ на Томас Пикети

„Капиталот и идеологијата“ се надоврзува на темите начнати во претходната книга, која се продаде во 2 милиони примероци.

За него имаме пишувано во повеќе наврати, на пример кога го одби најпрестижното француско признание - Легијата на честа - порачувајќи им на политичарите да не кажуваат кој е заслужен а кој не, туку да се фатат за работа.

Наградата сакаа да му ја доделат меѓу другото заради неговиот бестселер „Капитал во 21 век“ (2013), во која на над 700 страници тој го истражуваше односот помеѓу стапката на акумулација на капиталот и економскиот раст во Европа и САД во последниве 250 години, притоа фокусирајќи се на изворите на нееднаквост и нудејќи идеи (според некои критичари прилично утописки) како таа да се надмине.

Потоа излезе веста дека според книгата ќе биде снимен документарец во кој „сувата“ економска теорија ќе биде преточена во гледлив филмски материјал, но по неколку одложувања (немале капитал?) новиот датум за негова премиера е октомври 2019.

Најново е дека овој четврток (12.9) ќе излезе продолжението на „Капиталот во 21 век“ под наслов „Капиталот и идеологијата“. Станува збор за француското издание, бидејќи англиското се планира дури за март 2020. Ако претходната беше обемна, оваа е веќе „бабачко“, со 1,232 страници, исто колку француското издание на „Војна и мир“. И оваа ги истражува идеите кои ја оправдувале нееднаквоста во текот на историјата, жали за нефикасноста на традиционалните партии на левицата и десницата, и се обидува да смисли решенија за поправична распределба на богатството.

На пример, Пикети предлага вработените да заземаат 50% од местата во бордовите на компаниите; гласачката моќ на најголемите сопственици на акции да биде замрзната на 10%; да се воведат многу повисоки даноци на имот, до 90% за најголемите; на секој над 25 години да му се додели пашуален капитал од 120,000 евра; како и да се воведе индивидуализиран данок на јаглероден отпечаток со персонализирана карта, која би покажувала колку секој од нас придонесува кон глобалното затоплување.

И не е ни чудо ако и оваа книга, исто како и претходната, биде популарна кај генералната читателска публика (барем онаа која ќе се потруди да се занимава со економска теорија), но не и кај богатите и властите. Истите оние кои - иронично - сакаа да го овенчаат со признанија.

10 септември 2019 - 08:06