Издадена специјална карта за метро посветена на Боуви

Не се знае дали, и колку често Боуви користел метро во Њујорк. Но неговата најблиска станица би била онаа на Бродвеј/Лафает во Сохо. Таа до 13 мај ќе биде дизајнирана во негова чест, а во тој период ќе можат да се купат и посебни Боуви билети, кои содржат музика.

Во контекст на одржувањето на големата ретроспективна изложба David Bowie Is во Бруклински музеј (за која пишувавме тука), транспортните власти на Њујорк (Metropoliten Transit Authority) почнаа соработка со Спотифај, за да создадат пет различни видови метро карти посветени на славниот музичар.

Тие можат да се купат од машини за билети на самата станица, и тоа на следниве теми: Зиги Стардаст, Аладин Сејн, Д Тин вајт дјук, Скери монстерс Пјеро, како и тинејџерското издание на Боуви, Дејвид Џонс, саксофонистот на Д Конрадс.

Истовремено, станицата е облепена со разни работи поврзани со Боуви - од уметност направена од негови обожаватели, до огромни репродукции на фотографии од тековната изложба. Самите метро билети, како и голем број од сликите се придружени со Спотифај код, кој скениран носи до звучен фајл.

Изложбата има корени во сличен лондонски проект, но оваа е фокусирана на врските на Боуви со Лондон. Иако нема фотографија од него во њујоршкото метро, еве една од она јапонското.

23 април 2018 - 17:22