Интернет домените и националниот идентитет: примерот на Каталонија

Во 1985 имаше само седум топ-левел домени: .com, .org, .net, .edu, .gov, .arpa и .mil. Денес има повеќе од 1.000, од .uk до .gucci. Еден од нив е и .cat и тој има врска со актуелниот референдум за независност на Каталонците.

Во 2005, со поддршка на шпанската влада и одобрување од Интернет корпорацијата за доделување имиња (ICANN), .cat стана прв домен доделен на специфичен јазик, на каталонскиот. Ова беше голема победа за Каталонија, автономна заедница во Шпанија чиј центар е Барселона. И иако делува како банална техникалија, токму оваа кратенка со тоа стана дел од нејзиниот идентитет.

Токму затоа доменот се најде во вестите последниве денови - кога регионалната влада на Каталонија, водена од про-сепаратистичката коалиција Жунс пел Си (Заедно за „Да“) неодамна најави дека ќе организира референдум за отцепување од Шпанија, кој врховниот суд го прогласи за незаконски, властите ги запоседнаа канцелариите на Фондацијата „ТочкаКат“ (Fundació PuntCat), која ги менаџира регистрациите за овој домен, и ги отстрани сајтовите кои се про независност.

Истите тие власти не беа свесни за последиците кога во 2005 оваа фондација успеа да се избори за .cat. Практично тоа го направи со финта, а најголема улога одигра тајмингот. Имено, во тоа време на полето на интернет домените се водеше една друга, многу поатрактивна расправија - борбата за .xxx, односно обидот да се создаде „улица на црвените светилки“ на интернет, организиран од непрофитна организација во корист на фимската индустрија за возрасни. Администрацијата на Буш, помеѓу другите, пружи отпор на ваквата идеја, и иако во прв момент воведувањето на ваквиот домен не успеа, неколку години подоцна, во 2011, почнаа да се појавуваат првите од таков тип.

Но на многу начини .cat ја редефинираше дигиталната култура многу посуштински отколку што тоа го направи .xxx. PuntCat има воведено специфични услови за апликантите - ако сакаш твојот сајт да ја има оваа наставка треба да имаш легитимна културолошка причина тоа да биде така. И кога еднаш ќе го купиш доменот треба да објавуваш значајно количество содржини во врска со Каталонија на сајтот, а не само статии на англиски или на шпански.

Некои сајтови се обидаа да доакаат на ваквите правила. NYTimes.cat, пародија на весникот во која сите фотографии се заменети со слики од мачки се појави на кратко во 2015 но набргу беше затворен заради тужба за авторски права од Тајмс. Популарната игра Nyan.cat пак остана онлајн затоа што додаде варијанта на каталонски.

Со тоа што се воспостави, а потоа и успешно се спротивстави на хакирање на доменот, .cat успеа во својата поширока мисија на вдомување на идентитетот на повеќе од 10 милиони луѓе во дигитален дом. Истовремено тоа стана силна политичка алатка за промоторите на каталонската култура - постојат над 110.000 сајтови со .cat, некои од нив помеѓу стоте илјади најпопуларни на светот. Има сајтови за локални вести и каталонски спорт, па до такви за видео игри и тинејџерска култура.

Доколку резултатите од денешниот референдум бидат на страната на независност на Каталонија (што е тешко за верување со оглед на моменталната реакција на федералните власти и на полицијата), регионот ќе може да побара и поатрактивен домен од две букви, на пример .ct. Тоа е затоа што домените за земји се доделуваат согласно стандард наречен ISO 3166, кој ги следи насоките на Обединетите нации кога се работи за додавање нови држави-членки. До тогаш љубителите на мачки кои се обидуваат да регистрираат сајтови за нивните миленици ќе се информираат за постоењето на каталонскиот јазик, кој има преживеано стотици години прогон. Ако во 19 век гаранција за негово преживување била книжевноста, во дваесетиот образованието, во 21 век тоа е интернетот.

1 октомври 2017 - 17:32