И во библиотеки тепаат, зарем не?

Еден од инцидентите на вчерашните протести се случил во читалната на библиотеката „Браќа Миладиновци", во која специјалци упаднале со зборовите - „не лажете, никој не учи во 11 ноќе". Логично - кој чита, тој крева револуции.

„Опасно занимање? Насилство во јавните библиотеки", текст објавен во списанието New Library World во 2002, е само еден од оние кои се занимаваат со различните, насилни инциденти кои се случуваат во библиотеките низ светот. Во САД, земја во која има по 2,4 убиства на работното место дневно, за жал страдаат и библиотекари. Сето тоа заради тенденцијата на овие институции да имаат политика на отворени врати за сите оние кои сакаат да влезат во нив.

Историски, јавната библиотека е сметана за бастион на мирот, тивко место каде можеш раат да читаш и да учиш. Секако, тоа не е секогаш така, но инцидентите кои се појавуваат во библиотеките, со оглед на тоа што не се од екстремна природа, ретко се пријавуваат, со што темата станува„скелет во шифоњерот", за која зборуваат само вработените и оние кои биле изложени на некакво малтретирање во ваква јавна институција. Библиотекарите се обвинувани за превисока толеранција, и недостаток на тренинг за да излезат на крај со „проблематичните посетители".

Но да видиме кои се тие, според текст под наслов „Насилни закани во јавните библиотеки" на Џенифер С. Новија, од Универзитетот Дрексел. Првата категорија се безопасните, под кои таа ги подразбира „посетителите кои имаат силен, нападен телесен мирис". Вторите, кои се потенцијална закана, се „алкохоличари или корисници на дрога кои можеби случајно влегле од улица". Тука спаѓаат и млади кои ја користат библиотеката за собирање, особено доколку таа работи и во ноќните часови, а кои кога ќе им се укаже на правилата (да не креваат џева) може да одбијат да заќутат. Тешки кривични дела (убиства, силувања) во библиотеките, и покрај нивната отворена природа, се ретки - во периодот од 1990-2000 година се регистрирани само пет такви инциденти.

Нас најмногу нè загрижија тие младите, кои во просториите полни книги формираат револуционерни ќелии и им нудат засолниште на непослушните. За таквите треба посебно обучени специјалци, кои минале низ пеколен тренинг на читање, до доцна во ноќта.

6 мај 2015 - 09:12