И ова е наука: како влијае музика врз вкус на кашкавал?

Една од пооткачените теми на дипломска за кои сме слушнале кај нас се однесува на брзината на слегнување пена кај разни видови пиво. Слично на ова, и студијата за начинот на кој влијаат различни жанрови врз вкус на млечни производи може да се кандидира за овогодишниот Иг Нобел.

Правењето добар кашкавал вклучува сложен „танц“ помеѓу млекото и бактериите. И во буквална смисла, свирењето на вистинската мелодија додека трае танцот може да влијае врз вкусот на финалниот продукт. Ова го покажува нова студија спроведена од - некако логично - швајцарски тим од Универзитетот во Берн, во соработка со производителот на сирења и кашкавали Бит Вампфлер.

Истражувачите им пуштале Лед Цепелин, А Трајб колд квест и Моцарт на 22 пити кашкавал од видот ементалер од по десет килограми за да видат како звучните бранови влијаат врз нивниот вкус. Тоа го правеле во тек на шест месеци, при што секоја пита била изложена на 24-часовен луп од една мелодија, со користење на мини-трансформатор кој ги насочувал звучните бранови директно кон кашкавалите. Притоа, класичниот кашкавал ја слушал „Волшебната флејта“ на Моцарт, рок кашкавалите „Стервеј ту хевн“, амбиенталниот ја слушал „Монолит“ на Јело, хип-хоперскиот „Џез“ на А Трајб колд Квест и техно-сирењето UV на Врил. Контролниот примерок зреел во тишина, додека три други пити биле експонирани на едноставни високи, средни или ниско фрекфентни тонови.

Резултатот е: хип-хопот го истакнува и акцентира вкусот, резултирајќи со посилна арома во споредба со другите примероци. Ова независно го заклучиле и дегустатори кои го опишале овој кашкавал како „необично овошен, и по вкус и по мирис, и значајно различен од другите видови“.

Колку и да звучи целава работа необично, постои посебно поле наречено сонохемија, кое се занимава со ефектите на звучните бранови врз цврсти тела. Иако во случајов можеби оние на кои (не) им се допаднала музиката се самите бактерии. Следниот план за нив е да бидат изложени на различни видови хип-хоп, за да се види дали и помали жанровски нијанси прават некаква разлика.

19 март 2019 - 17:50