„Грлото постојано ме боли“: маките на професионалните читачи на аудио книги

Освен доколку станува збор за славни актери, најголемиот број од луѓето кои ги читаат аудио книгите никој не ги знае по име. Но затоа помеѓу нив има такви чии гласови не може никако да се помешаат со други. И кои на издавачите им носат милиони.

Бизнисот со аудио книги во САД носи скоро милијарда долари годишно. Во момент кога продажбата на печатените и електронските книги во Британија стагнира, онаа на аудио книги во 2019 пораснала за 43% во однос на минатата година. Ова главно се должи на подемот на Audible, платформата чиј сопственик е Амазон, која доминира со дигиталниот пазар на аудио книги преку својот стриминг сервис. Денес нејзиниот каталог содржи повеќе од 400.000 наслови, а во 2018 нејзините членови симнале скоро три милијарди часови содржина. Секако постојат и други, како на пример Storytel, која доминира во Скандинавија.

Но иако технологијата ја има трансформирано индустријата, таа сепак се потпира на армија читачи на аудио книги за да успее да ја задоволи побарувачката. И за нив главно никој не слушнал. Во САД 81-годишниот актер Џорџ Гајдал се смета за „тешкаш“ во сферата на аудио нарацијата: неговиот баритон се слуша на над 1300 снимки, а меѓу делата кои ги има читано се оние на Достоевски, Џонатан Франзен и Стивен Кинг.

Читањето може да изгледа како едноставен начин да се направат пари - само седиш пред микрофон и читаш. Но тоа воопшто не е така. Понекогаш читачи се самите автори на книгата и тие, како на пример Бил Брајсон, сведочат дека и покрај сето разбирање од страна на продуцентите, се уште лесно се заморуваат и почнуваат да пелтечат по одредено време минато во снимање. Други велат дека некогаш поминуваат и по три денови во темна просторија, обидувајќи се разговетно да прочитаат реченица. Такво е искуството на Клер Кобет, која има прочитано околу 300 аудио книги откако се вработила во радио-драмата на Би-би-си. Таа, со уште две актерки е добитничка на наградата Ауди за „Девојка на возот“ од Пола Хокинс, која беше прогласена за најдобра аудио книга во 2016. Една од најтешките задачи ѝ била последната - читањето на „Талкачи“ на нобеловката Токарчук, која содржи руски, полски и хрватски зборови, за кои морала да се консултира со сосетки со вакво потекло.

Една од најтешките работи при читањето аудио книги е што мора да се биде сосема мирен, бидејќи секое движење создава врева: шушкање облека, крцкање на столица, тупкање на нога. Пред да биде измислен ајпадот и вртењето на страниците било продуцентски кошмар. Што се однесува до содржината, текстот напишан во прво лице е многу полесен бидејќи личи на глумење во театар, но она во трето лице кое вклучува дијалози помеѓу неколку ликови го прави читањето комплексна мешавина на глумење и раскажување. Не секој добар актер е и добар читател. Во „Хари Потер“, на пример, има 143 ликови, а нараторот позајмил гласови од цртани филмови, од неговата тетка и од човек кого го слушнал како зборува во лифт.

Повеќето од актерите долго се подготвуваат пред снимањето, за да не ги изненади некој неочекуван акцент среде текстот или име на место кое не би знаеле да го изговорат. Ако се случат евентуални грешки сите од техниката се лути, затоа што студиото се плаќа на час, но нивната работа, како и онаа на актерите, се плаќа според час снимен материјал. И иако издавачите најчесто сакаат да имаат некој познат читач, ретко кој се нафаќа, затоа што тоа е осамена работа која трае со часови, после што те боли сè - и грлото, и кичмата и умот.

извор

18 ноември 2019 - 09:15