По премиерата во Белград

Горан Стефановски: Шест белешки за пристапот кон „Хамлет“

Минатата сабота (17.09) во Југословенско драмско позориште се одржа премиерата на Шекспировиот „Хамлет“. Режисер е Александар Поповски, а новиот Хамлет е Небојша Глоговац. Адаптацијата ја направи Горан Стефановски, а композитор е Кирил Џајковски. Еве дел од од драматуршката експликација за претставата на Горан, која ја пренесуваме од белградско „Време“.

ШТО (СТРУКТУРА)

Хамлет излегува од гробот, ги отвара очите, како да се буди од спиење, ја тресе правта од себе како некој кој се враќа од мртвите, осуден да мине низ истиот круг. Ничеанско постојано враќање на истото.

Тој од една страна ја прозрел стварноста и темелно му е згадено од неа, како да вели: зарем повторно треба да се мине низ сето ова. Тој е на работ од умот, во „мрачна ноќ на душата“. Вчера еднаш веќе минал низ драмата, а денес тоа мора да го прави одново, да се пробива низ неа во сопствената пот и крв.

Од друга страна, тој како весело да одлучил: е па ако веќе сум осуден на ваква „слобода“, тогаш барем ќе се погрижам да најдам нови забавни варијанти, неиспитани можности на оваа стара игра. Циничен е со сите околу себе, бара забава, денес јога, утре боречки вештини, како да се обидува да се самоизмами, иако е препаметен за да успее во тоа.

Хамлет си е самиот на себе странец, отуѓен од дејството, статист во својата драма. Тој се обидува да ги состави коцкичките, како што се составува сложувалка, како да бара нови неиспитани нивоа во стара видео-игра, која веќе многупати ја „свртил“.

Претставата ги покажува аспектите на хамлетовата потсвест. Приказни од неговиот „збудален череп“.

Хамлет лебди над својот живот, го посматра од птичја перспектива, ги анализира своите постапки, го расчленува заплетот, ја испитува структурата на дејството.

Кога вели „Зборови, зборови, зборови“, тој го чита Шекспировиот Хамлет. Како да пишува драматуршки дневник.

На крајот на претставата тој повторно оди да спие во својот гроб. „Да се биде или не“. До зората и до новото будење. Под претпоставка дека воопшто ќе успее да заспие. Live, die, repeat. Живеј, умри, повторни.

Воена грозница, параноја, кралот постојано заседава во штабот. Маршираат војски, сите се на готовс, се држат мртви стражи. Логорски огнови, шинели. Странски агресори. Полицајци во панцирни униформи, цивилни служби за обезбедување. Лудилото на принц Хамлет не е само приватно прашање, тука се работи за лудило на цела држава.

Духот носи војнички мундир, но под тоа има крвави пижами. Стариот крал е убиен за време на попладневниот одмор.

КАДЕ (МЕСТО)

Во средината на драмата има ГРОБ. Тој се наоѓа во спалната соба, среде салата за прием во Елсинор.

ГОворејќи метафорично, Хамлет е во фундусот, во антикварницата на историјата, во мавзолеј, во музеј на бивши решенија, во архив на модели и мртви тајни. Од екранот викаат восочни фигури: Џон Гилгуд, Лоренс Оливие, Ричард Бартон, Инокентиј Смоктуновски и Раша Плаовиќ: играј како мене! Тука висат маски и костими, кои како да велат, пробај ме мене, кој би сакал да бидеш денес? Како самопослуга на готови комерцијални модели за идентитет. Беџови, постери.

Кралот и Кралицата, Розенкранц и Гилденстерн се помодари, со наочари за сонце и со тениски рекети под мишки. Хамлет со мачнина и со хумор гледа на овој панаѓур на суетата, на манекени кои позираат, говорат во огледало, имитираат живот. Секако, тој истото на големо го прави и самиот.

КОГА (ВРЕМЕ)

Времето на дејството е истовремено вечно постојано враќање на истото, и оној дел од секунда на лимбо помеѓу животот и смртта.

Драмата не е затворена нарација, туку emerging narrative, фабула која постојано се обновува. Таа се третира како видео-игра и нуди можности за монтажа, повторување, стоп кадри, синхроницитет, враќање назад.

Сите отворени сцени се ноќни, нема ниту една дневна сцена во претставата.

КОЈ (ЛИК)

Гробарот и Хорациј се истиот лик. Хорациј-Гробар е стариот ментор и најдобриот пријател на Хамлет. Како Тиресиј. Како Зганарел и Санчо Панса.

Гертруда е мажена за помладиот брат на бившиот крал. Стрикото на Хамлет има отприлика исто години колку и тој.

Лаерт е исфрлен од драмата. Ова произведува битни драматуршки последици со тоа што го укинува двојниот заплет и става комплетен, опсесивен акцент на ликот на Хамлет. Полониј самиот на себе си кажува совети кои во драмата му ги кажува на синот Лаерт, Офелија сама на себе си кажува совети кои во драмата ги добива од братот Лаерт, Хамлет е тој кој го сведочи лудилото на Офелија, а не Лаерт. Кралицата му кажува на Хамлет за смртта на Офелија, а не на Лаерт. Со ова кратење драмата се ослободува од механичноста на финалниот дуел помеѓу Хамлет и Лаерт. Тоа отвара простор за поинакви читања.

Духот на кралот го игра Глумец Крал. Текстот којшто го говори Глумецот во драмата е истиот текст кој го говори Духот. Хамлет го запишал текстот на својот татко и го моли Кралот Глумец да го одигра пред Клавдиј. Хамлет сам го игра убиецот со пантомима.

ЗОШТО (МОТИВАЦИЈА)

Хамлет има биполарни, циклични промени на расположение. Епизоди на маниjaкална брзина се заменуваат со епизоди на кататонична исклученост.

Епизодите кои се смртно сериозни се заменуваат со епизоди кои се хумористични и фарсични (Ова е на трагата на режисерискиот ракопис на Александар Поповски во претставите „Одисеј“ и „Figurae Veneris Historiae" на Горан Стефановски).

Во својата егзистенцијална блокираност и неодлучност Хамлет е сличен на ликовите на Бекет кои не знаат што да прават со себе, па измислуваат бизарни активности за да го покријат недостатокот на акција. Во „Чекајќи го Годо“ Естрагон и Владимир трчкаат наоколу и кажуваат бајати вицови за да го потрошат времето и да го скратат неподносливото чекање. Вини во „Среќни денови“ не знае дали да се нашминка или да се убие, додека полека тоне во гроб. Во „Последната лента на Крап“, Крап, човек дух, преслушува снимени дневници од своето матно минато. Хам на почетокот на „Крајот на играта“ се буди од кошмар, како да станува од гроб, и не знае со што да го почне денот. Неговата прва реплика е: Me to play (Јас сум на потег). Таков е и почетокот на нашиот Хамлет. „Јас сум на потег. Кое шаховско отварање да го одберам денес во оваа партија која ми е наметната и која сум принуден да ја играм без радост“.

КАКО (ПРИСТАП, ЖАНР)

Жанрот е трагична фарса, хибриден жанр во кој се меша сериозното и комичното, каде на беспомошноста се гледа од нејзината смешна страна. Визијата на трагикомедијата е визија на беспомошен очај и ужас. Но, парадоксално, многу е слична на нашите секојдневни животи: одиме понатаму, не знаејќи дали да се смееме или да плачеме.

Хамлет е ничеански, трагикомичен лик. Тој сака „нешто повеќе од животот“. Нему не му се доволни вообичаените човечки потпори: Бог, црква, идеологија, секта, национализам, спас на планетата, фатализам, наука, спорт, вегетаријанство. А не му е доволна ни изолација, исфрлување од свеста на мисли и чувства кои нè вознемируваат и ни го нарушуваат статус кво-то.

Неговата трагичност е совршено прикажана во монолозите. Хамлет е мислител од најкрупен дионизиски формат, тој стекнал сознание, неговата артикулација и увид во ништожноста се ненадминати. Сè што гледа тој е quintessence of dust, му се чини дека сите лица се мртви черепи, сè што ќе допре е трошно и се рони.

Но во неговите активности е комичен, се будали, ништо не зема за сериозно. Употребува техники на одвлекување на вниманието, го забавува егото со импресии: секс, дрога и рокенрол.

Шекспир бил под големо влијание на Монтењ. Можно е во Хамлет да ја имал предвид максимата на Монтењ - „да се филозофира значи да се учи како да се умре“. Џорџ Харисон има песна Art of Dying, која ја користи старата будистичка мантра: "Nothing in this world that I’ve been trying, can equal or surpass the art of dying". Хамлет вежба умирање. Во својот монолог "Readiness is all" тој ја слави подготвеноста за смрт, да се биде постојано на готовс.

Имануел Кант вели: „Ѕвезденото небо над нас, и моралниот закон во нас“. Но во денешната „постмодерна“ и неолиберална Данска е загрозена и доведена во прашање и самата суштина на моралниот императив, и самата смисла на прашањето „Да се биде или не“. Тоа прашање има значење во време кога постои општествен договор и критериум за тоа што значи „да се биде“ и како може, треба и мора „да се биде“.

Во време на модернизмот читањето на Хамлет обично претставувало трагичен крик, свет на болка, грч на индивидуална мачнина. Хамлет бил прогресивен борец, херој, политички ангажиран против тоталитаристичката завера.

Што е, меѓутоа, Хамлет во време на постмодернизам, кога наместо социјален ангажман на пасивизираните маси им се подметнува „конзумерска култура“ на емоционална и социјална отапеност?

Данска стана глобален супермаркет, пустина на смисла, неолиберален затвор, со деноноќни онлајн дистракции и спинови. Хамлет е раздробен во парчиња. Небото е празно како издишан балон.

Горан Стефановски

извор: Време (со претплата)

22 септември 2016 - 20:11