Букбокс гледаше

„Животот на Ник Дрејк: чувствителна душа“ (2002)

Вечерва (петок, 6.9), на програмата на фестивалот Скопје синема сити, Кинотека, 19 часот, документарец за еден од најмеланхоличните трубадури во историјата на музиката, прерано починатиот „Ники“ Дрејк.

Освен пар подвижни слики од неговото детство, не постои филмска снимка од Ник Дрејк. Овој документарец со траење од само 47 минути се обидува да ја надомести таа празнина посветувајќи му ги на преталентираниот стихописец и музичар, кој почина од предозирање со антидепресиви на само 26 години.

Очигледно е дека филмот на холандскиот режисер Џероен Берквенс е правен повеќе од љубов отколку со некакви големи продуцентски и авторски амбиции - пар архивски снимки од семејството и местата каде живеел Дрејк, па малку музика, па реконструкција на изгледот на неговата соба врз основа на сочувани фотографии, па муабет со луѓе кои го познавале (главно негови музички соработници, го има и Пол Велер од „Џем“), и најважно - неговата сестра, актерката Габриел Дрејк. Оние одамна вшмукани во мекиот вокал и гитарчето на нејзиниот брат нема да дознаат нешто повеќе од она што веројатно веќе го знаат, но целата атмосфера и 11-те песни на Ник вклучени во филмот ова го прават едно нежно потсетување на повлечениот и пресензитивен музичар.

Од детството поминато во Бурма, адолесценцијата во пасторалниот Ворвикшир, студирањето на престижниот Кембриџ до првиот албум Five Leaves Left, работата делувала дека ќе ја биде. Но Дрејк развил чувство дека не го бидува, особено по прекинатата турнеја за спомнатиот прв албум по клубови и барови, каде не успевал да им го привлече вниманието на разграканите гости. „Не беше он Кит Џерет па да им викне ’Ај заќутете’“, вели неговиот некогашен продуцент во една од сцените. На последниот - трет албум, Pink Moon, не бил веќе во состојба истовремено да пее и да свири. На раб на сили и на нерви, тој не гледал смисла во она што го прави, затоа што тоа „не допира до никого“.

Колку ли само згрешил во проценката. Постхумно изградениот имиџ на „проколнат уметник“ му има продадено околу 3 милиони албуми, и тоа само во САД и Британија. Паралелно, како што пишувавме тука, постхумно излезе и албумот со песни на мајка му, талентирана музичарка, која извршила огромно влијание врз неговиот стил. Тоа што филмот е прекраток е можеби намерно - за да го отслика прекраткиот престој на кршливиот Дрејк на овој свет. Фала му и за толку.

Рекламата на Фолксваген со „Розовата месечина“ од 2006

6 септември 2019 - 16:04