Букбокс гледаше

„Нељубов“ (Nelyubov, 2017)

Уште еден одличен филм на Звјагинцев по „Враќање“ и „Левијатан“, после кој не можете веднаш да одлучите како се чувствувате, и дали и што сте научиле од неговата морничава приказна. Отприлика исто како и сите ликови во него, кои никако да излезат од лимбото на нељубов, и одлучно да пресечат - или вистински и пожртвувано да сакаат, или барем активно да му се спротивстават на она што го мразат.

Бракот на Борис и Жења се распаѓа, и прашање на денови e кога нивниот стан ќе се продаде и секој oд нив ќе тргне по својот пат. Но процесот не оди мазно - гневот и одмаздољубивоста кои го придружуваат се прекршуваат преку нејаките плеќи на синот, 12-годишниот Аљоша, кој е товар за обете страни. Мајката, која и онака не ја посакувала бременоста, се однесува кон него грубо, нестрпливо очекувајќи го остварувањето на својата среќа, со друг, богат маж. Таткото пак веќе чека бебе со друга жена, иако е под постојан притисок на тоа дека заради разводот би можел да ја загуби работата. Газдата на фирмата е „православец-фундаменталист“, чија корпоративна политика се базира на (наводни) семејни вредности, што ги принудува оние кои се веќе разведени да носат платени придружнички на заедничките прослави за да ја одржат илузијата.

Аљоша е срамежлив и осамен, со само еден пријател во „реалниот свет“, кој се состои од големи празни простори околу висококатниците каде живее, и оголена блиска шума, чиј изглед не ветува ништо добро. Всушност не стигнуваме ни асално да го запознаеме како лик, бидејќи многу бргу по почетокот на филмот тој исчезнува. Целата нарација која следи се фокусира на неговото пронаоѓање, процес кој ги разоткрива мрачните страни на руското општество, но и мраковите во душите на оние коишто го бараат.

Болници, сиви влезови на згради, мртовечници, распаднати некогашни монументални објекти, се симболичките места каде, парадоксално, може да се крие надежта за спасување на еден млад живот и за катарзично исцелување на односот помеѓу неговите родители. Но Звјагинцев подлажувајќи нè со ситни назнаки за можна позитивна разрешница, во текот на приказната всушност нè храни со уште повеќе меланхолија и гнев кон она како стојат работите. Ништо во тој злокобен синџир не останува неискритикувано и неискоментирано, а репертоарот на директни и индиректни вперувања со прст во луѓе, институции и во „духот на времето“ воопшто е голем.

Критичарите притоа нив главно ги толкуваат како специфична осуда на современа Русија. И тоа секако стои. Но голем број ситуации и нивни последици се препознатливи и применливи и во други контексти, па и во нашиот. Додека во филмот медиумите го пренесуваат пророштвото на Маите за можниот крај на светот, сфаќаме дека тој веќе одамна започнал, а дека евентуалната апокалипса би била само негова логична завршница. Луѓе навлечени на материјалното, нарцисоидно зјапнати во мобилните. Средовечни тела опседнати со секс во желбата да надоместат за својата промашена младост и неа бесконечно да ја продолжат. Институции кои само бирократски регистрираат што се случува, отрпнати за човечкиот аспект на приказните.

Има само еден светол елемент во морничавиот општествен мозаик кој ни го претставува Звјагинцев: самоорганизираната, волонтерска група за потрага по исчезнати лица, практично пара-полициска единица за итни интервенции. Начинот на кој таа функционира - беспрекорно, одговорно и емпатично - е барем навидум потребниот зрак оптимизам во целата приказна, особено земајќи предвид дека Иван, раководителот на групата, е единствениот доблесен лик во неа. Но и оваа бонбона е со горчлив вкус, затоа што поуката е следна - во момент кога општеството се распаѓа има само еден излез, а тоа е самоорганизација на луѓе кои се подготвени, и во смисла на ресурси и во смисла на човечки квалитети, да надоместат за отсуството на поредок. Ама...што ако такви луѓе нема?

Дека филмот пред сè се однесува на Русија јасно покажува последната сцена, во која мајката, конечно вдомена во луксузниот апартман на нејзиниот љубовник, но не и нешто видливо среќна, во тренерка на која на предната страна со голем - не може поголем - фонт е испишано RUSSIA, трча на трака за вежбање, во место. Надвор снежи, на вести одат слики од војната во Украина, а ништо во животите на главните ликови не е разрешено. Ваквото емотивно статус кво, кое доколку е долготрајно преминува во хипнотичка тапост на сите сетила, но и на душата, е одлично пресликана во оригиналниот наслов на руски. Не-љубов, ниту љубов, ниту омраза, туку орвеловски новоговор, како непремостлив јаз помеѓу она што може(в)ме да бидеме и она што проклето сме.

Претходно: Букбокс гледаше - Левијатан (2014)

15 ноември 2017 - 09:36