Букбокс гледаше

„Мртвите не умираат“ (2019)

Нов на Џармуш? Со Бил Мареј, Иги Поп, Tилда Свинтон и Том Вејтс? Давàј! 

Да речеме дека сте гледале (скоро) сè од Џармуш, и со јака доза когнитивна дисонанца не прифаќате можност тој да направи лош, па дури ни просечен филм. И да речеме дека немате против веќе пресушена нарација од типот „наезда на зомбиња во мал град“, со сатиричен став кон капитализам, шовинизам и национализам. Плус сте заслепени од харизмата на „најдобрата екипа во зомби филм на сите времиња“ (факт). Е, тогаш овој филм ќе ве бендиса.

Во спротивно, со крајче на окото ќе ја забележите збунетоста на повеќето од актерите кои се прашуваат што мајка бараат во ваков филм и се обидуваат да извлечат максимум од речиси нула сценарио, кое нè потсети на начинот на кој ни имаат кажувано дека биле снимани епизоди на нашите народни ТВ приказни - се собира јака екипа, им се кажува дека во филмот треба да има ѓавол, баба и селанец, и се пушта камерата. Па што биде-биде.

И тука улогите се препознатливи - тројца полицајци, еден вработен на бензинска со афинитет кон стрипови и хорор филмови, две келнерки од единственото ресторанче во градот, еден црнец, еден радикално бел белец, еден „отпадник“ и една необична „туѓинка“ вешта во ракување со катана. Плус Иги Поп во незаборавни неколку секунди како зомби. И не дека сево ова е негледливо, освен ако сте гадливи на сцени со луѓе направени „мусака“, и ако не ве фаќа јанѕа од модри фаци залепени на прозорец. Ама па знаевте дека ова е филм со зомбиња, и тука нема љутиш. Она што не го знаевте е дека неколку поенти (вклучително и најавната песна) ќе се повторуваат толку често, и толку многу, што ќе ја загубат својата симболична вредност. „Ова нема да заврши добро“ е една од тие реченици, која излегува авто-пророчка.

Сè на сè, изгледа како на Џармуш да му се правело домашна журка, знаел дека во двор ќе му се појават познати фаци, па кај се веќе тука, решил со нив да сними и филм. Има еден мета-момент каде овој „журката е моја, ќе си правам што си сакам“ став е прилично очигледен. „После сè што направив за него...“, вели Бил Мареј во неа, кратко време пред и од него да направат мусака.

Добро што нашата за ручек ја изедовме со време.

Илина, Букбокс

9 септември 2019 - 10:16