Букбокс гледаше

„Јас не сум лесен маж“ (Нетфликс, 2018)

Француска сатирична комедија во која мизогиничниот свет на денешнината е заменет со таков во кој мажите се оние потиснатите и искористените. Но овој поинаков поредок всушност и не е толку различен. 

Во романтичната фантазија-комедија од 2000, „Што сакаат жените“, Мел Гибсон игра алфа мажјак, експерт за продавање производи на мажи, и заведување жени. Во еден момент паѓа во када со фен во рака, и не само што доживува електричен шок, туку добива и посебни моќи - да ги слушне мислите на жените.

Oва е само еден од многуте примери на филмови во кои на магичен начин се влегува во туѓи тела и мисли, замена помеѓу повозрасна и помлада жена, помеѓу татко и син, помеѓу девојка и постар маж, дури и помеѓу човек и куче. Но во француската комедија во продукција на Нетфликс, „Јас не сум лесен маж“ промената е многу подрастична. Не се заменува еден лик со друг, туку една реалност со друга, онаа во која жените се послабиот пол, со таква во која тоа се мажите.

Дамиен е млад и неженет француски фраер, кој живее од изработка на мобилни апликации. Неговата најнова идеја е програма за машка сексуална статистика, при што нивниот успех графички е илустриран со растење на дел од телото, како кај Пинокио, ама нешто појужно. Откако во еден момент, загледан во девојчиња на улица, тој ја удира главата во бандера, светот се менува. Наоколу веќе нема жени на штикли и кратки фустани, туку исклучиво такви во широки пантолани и сакоа, кои ги заземаат раководните места по фирмите, додека мажите варат кафе и се гребат од нив за привилегии. Тие се сега оние кои свиркаат по него на улица, или кои дрско бараат сексуални услуги. Нивните нозе и пазуви се влакнести, џогираат топлес, возат бесни коли и се коцкаат во друштво кажувајќи мрсни вицеви. На сметка на тоа Дамиен мора да се депилира, да носи кратки и провокативни пантолани и да си го најде патот низ овој нов поредок. По пат тој се заљубува во славна писателка која го користи за да си ја надмине блокадата и да напише сатирична книга за еден пропаднат „маскулинист“.

Иако замислен како сатира, филмот повеќе изгледа како некаква затскриена мрачна дистопија, подеднакво насилна и непријатна како и онаа во која доминираат мажите. Притоа, крајот не сигнализира некаква разрешница. Ако Дамиен беше оној збунетиот во светот на моќните жени, кога тој на крајот повторно ќе се чукне по главата, со себе во стариот поредок ја повлекува и неговата сакана Александра. Сега таа е онаа која ќе треба да се снајде во тој за неа нов и не многу храбар свет на бинарноста и отсуството на емпатија за другите, кои и да се тие.

Филмот нè потсети на „Моќ“, научно-фантастичниот роман од 2016 на Наоми Алдерман. Во него во блиска иднина жените развиваат заборавен талент да испуштаат електрични празнења од прстите, и повторно ја воспоставуваат доминацијата во светот. Тоа за мажите подразбира не само губење на дотогашните привилегии, туку и прогон и убиства. Луѓето се генерално монструми кога ќе им дадеш моќ, е една од можните пораки, слична на онаа на филмот, која додуша е презентирана навидум многу полефтерно и смешно. Во една сцена на пример, мајсторот кој доаѓа на повик за поправање на некаква врата е (како и повеќето мајстори во тој свет) жена, а додека таа работи клечејќи и се гледа половина задник - сцена која често сме ја сведочеле со разни мажи-мајстори и не сме можеле да претпоставиме дека е иста и некаде во Франција. Но поинтересно е како новиот светоглед влијае врз јазикот - сите професии се кажуваат во женски род, Бог е „таа“, а стандардната навреда „мајкоебач“ сега е заменета со татко. Во покер пар кралици се појаки од пар кралеви. И тоа е отприлика се што е „ново“ во тој пресликан свет, во кој мажите се оние кои со вештачки гради протестираат на улиците, барајќи ги своите права.

Илина, Букбокс

15 јуни 2018 - 10:43