Букбокс гледаше

„Дамите имаат предност“ (Ladies first, 2018)

Краток документарец чија премиера на Нетфликс се случи на 8 март, зборува за некогашната светска шампионка во стреличарство и нејзината неверојатно инспиративна приказна. Во која дамите немаат секогаш предност.

Стреличарството кај нас не е многу познат спорт, а оние кои се обидуваат да се бават со него се соочуваат со куп просторни, финансиски и други проблеми. Но приказната на Депика Кумари, денес петта на светската ранг листа, а пред неколку години на самиот врв, содржи многу поголеми предизвици од тоа да не можеш да најдеш соодветна сала или нервозата што треба да молиш некого да м’кне опрема од странство, затоа што тука нема каде да се купи.

Депика е од една од најсиромашните држави во Индија, нејзиниот татко е возач на рикша, а мајка ѝ една од ретките жени кои работат вон домот, во локалната болница, иако за ептен мали пари кои стигнуваат еднаш на три месеца. Животниот пат на повеќето девојки е ист - до возраст од 18 години се мажат, и остануваат дома за да се грижат за семејството. Сè надвор оваа шема се смета за срамно и предизвикува голем притисок од комшии и роднини.

Во една таква средина, во голема сиромаштија, Депика на свои 12 години решава да се занимава со стреличарство. И тоа не оти на почетокот знаела за што се работи, туку затоа што во клубот каде се запишала нуделе бесплатни сместување, храна и облека. За да стигне до местото, татко ѝ ја возел на скутер 130 километри, но тренерот не сакал да ја прими затоа што била многу слабичка и нејака. Таа предложила - да ѝ дадат шанса во следните три месеци, па ако не ја бива да ја вратат дома.

Следниот период живеела во земјанка со две простории, прикажана во филмот, само со два кревета, сијалица и отворен оган на кои се готвело, и по цел ден тренирала. Набргу ја примаат во вистинска стреличарска академија, основана од сопруга на некој битен индиски политичар, каде конечно добива соодветна опрема и униформа, како и месечен џепарлак. За време од три години поминати таму, Депика се вратила дома само еднаш, и тоа кога го освоиала кадетскиот светски шампионат во 2009, на петнаесет години.

Веќе следната година почнува да добива златни медали во сениорска конкуренција, а во 2012 го освојува и првиот Светски куп во поединечна конкуренција. Истата година станува светски лак број 1 во женска конкуренција. Но предизвиците не престануваат. Заради бирократии и корупција во индискиот спорт ништо не се одвива како што треба - доцнат пријави за квалификации, на далечни патувања индиските стреличари одат без физиотерапевт, лекар, психиолог или нутриционист туку само во придружба на тренерот и двајца политичари кои појма немаат од спорт. Притоа спортистите летаат со туристичка, додека „органите“ со бизнис класа. На Олимпијадата во Лондон 2012 Депика пристигнува со повредено рамо, висока температура и тотално исцрпена. Елиминирана е уште во првата рунда, по што не може да си дојде на себе, со оглед на тоа што сите во нејзината земја очекуваат да се врати со медал. Медиумите ја мелат, и таа паѓа во депресија. Сака целосно да се откаже од стреличарството, но тренерот некако ја крева на нозе и почнува да ја подготвува за Рио.

Документарецот всушност го покрива периодот од 50 денови пред Олимпијадата од 2016, отсликувајќи го сиот психолошки и физички товар што го доживува кој и да е спортист кој се подготвува за едно вакво натпреварување. Но за разлика од нејзините колеги и колешки од други, „развиени“ земји, Депика мора да се занимава и со голем број вонспортски теми, како оговарање од комшии од каде ѝ се парите со кои им изградила скромна куќа на родителите, и дали навистина таму во странство се занимава со спорт или со нешто друго. Сето ова ја прави ранлива на меѓународните настапи, и таа во Рио не успева да обезбеди високо место. Но целта на филмот меѓу другото е токму тоа, да ја зголеми свесноста за значењето на спортот за промоција на една држава, но и на обврските на таа држава за поддршка на своите атлети.

Oткако го гледала филмот, Манека Ганди, актуелната министерка во индиското Министерство за жени и деца, одлучила државата повеќе да вложи во новите генерации стреличари. Тие, инаку поттикнати да се занимаваат со овој спорт токму од постигнувањата на Депика, така барем ќе имаат подобра стартна позиција. 

Нашето отварање сезона во двор:


 

10 март 2018 - 12:47