Букбокс гледаше: „Зелена книга“ (2018)

Eден од оние „фил гуд“ филмови кој спојува ликови за кои во реалниот живот никогаш не би се обложиле дека би можеле да завршат во иста приказна. А тие се токму такви, базирани на вистински и необични луѓе, кои прават, барем за време на празнициве, да се чувствуваме дека има надеж за разбирачка и пријателство помеѓу различните.

Годината е 1962. Тони „Лип“ Валелонга, кого го игра веројатно намерно подздебелениот Виго Мортенсен, е редар во њујоршкиот клуб Копакабана, навикнат на расчистување на „теренот“ и со убаво, и со тупаници. Семејството му е со италијанско потекло, па тоа му дава и некаков третокласен мафијашки, но и домаќински шмек на ликот. Кога во првите сцени тој се враќа дома од работа, група машки роднини се кај него, за да ја „чуваат“ сопругата од двајца црнци дојдени да испорачаат јаглен. Кога работниците ќе заминат, Тони со гнасење ги фрла во канта чашите од кои пиеле лимонада.

Клубот во кој работи привремено затвора, и Тони почнува да бара нова работа. Но кога ќе му закажат интервју кај извесен доктор Дон Ширли, кому му е потребен возач, Тони ќе остане шокиран по неколку основи: „докторот“ е всушност академски образован пијанист, живее во огромен и богато опремен стан над Карнеги хол, додека зборуваат седи на нешто што личи на трон, и е - црнец!

После првичното натегање околу работните задачи (возач и телохранител - може, чистење чевли - никако), Тони сепак ја прифаќа работата. Следи двомесечна турнеја и многу разговори помеѓу двајцата кои се одвиваат преку ретровизор, а кои ќе покажат дека нивната животна ситуација и не е толку различна колку што изгледа на прв поглед. Дон (го игра одличниот Махершала Али, од „Мунлајт“) е крајно софистициран, образован и елегантен, но сепак „обоен“. И покрај тоа што се школувал во конзерваториум, неговите менаџери го ангажираат да изведува популарна музика, а не да оддржува концерти со симфониски оркестри свирејќи го Шопен. На југот се соочува со уште поголема сегрегација, мора да спие во хотели наведени во тн. „Зелена книга“, односно такви кои се дозволени за црнци, и да јаде во помошни простории наместо во ресторанот, каде вечераат оние кои истата вечер ги забавува со својата виртуозност. Тони пак е белец, но сељак кој јаде со раце, не ја вади цигарата од уста, речиси е неписмен, а и покрај „мафијашката“ аура едвај составува крај со крај. Во текот на нивното зближување паѓаат во вода сите стереотипи поврзани со класа и раса, а останува само чистата човештина и топлина. Тоа што последните сцени се одвиваат токму на Божик само додава на фил-гудот.

Како што дознаваме од одјавната шпица, Дон и Тони останале блиски до нивната смрт во 2013. Она што во филмот е сепак само начнато е неверојатно богатата биографија на првиот, кој не бил само пијанист туку и композитор. Почнал да свири кога имал само две години, а на девет бил поканет да изучува теорија на Ленинградскиот конзерваториум, како прв црн музичар кој се запишал таму. Имал докторат од музика, психологија и теологија, течно зборувал осум јазици и бил талентиран и за сликарство. Имал компонирано симфонии за органа, концерт за виолончело, опера-едночинка, како и симфониска тонска поема базирана на делата на Џејмс Џојс. Во филмот додуша се спомнуваат неговите „Варијации“ на митот за Орфеј во подземјето, албум за кој Тони мисли дека е за некакви „сирачиња“ собрани околу оган за Нова година.

Еве го вистинскиот Ширли, на стари години како го свири Гершвин во една од ретките видео снимки од него:

3 јануари 2019 - 11:32