Букбокс гледаше

„Бегај“ (Get Out, 2017)

Филмот кој од нејасни причини беше номиниран за Златен глобус во категоријата „најдобар мјузикл или комедија“, жанровски е веројатно најблиску до социјален трилер или хорор сатира на расизмот. Но според режисерот Пил, кому ова му е дебитантски филм, „Бегај“ (двосмислено, и како предупредување, и како навреда) е - документарец.

„Причината поради која овој филм се нарекува комедија е тоа што сè уште живееме во време во кое африканско-американските повици за правда не се земаат сериозно. Треба да се има предвид дека иако има смешни моменти, систематскиот расизам на кого се однесува филмот е многу реален. Дали ќе го наречете хорор, драма, акција или документарец, на крајот на краиштата не ми е гајле. Како и да го викате, знајте дека тоа е нашата вистина“.

Ова го напиша Џордан Пил откако „Бегај“ беше сместен во спомнатата категорија за Златен глобус, кого на крај не го доби. Реакциите на оние кои сметаат дека одлуката е неправедна, и дека тоа е најдобриот филм за 2017, ме поттикнаа сепак да го гледам, откако подолго време го одбегнував зазирајќи од хорор моментите, од крвишта и колежи. Но неговата вистинска морничавост всушност е на сосема друго место - во лицемерната насмевка на белиот либерализам на 21 век.

Накратко: талентираниот млад (и црн) фотограф Крис има неколкумесечна врска со белата Роуз. Во еден момент таа го кани на имотот на нејзините родители, кои (наводно) не знаат ниту дека таа има нов дечко, а уште помалку дека тој е црн. Кога Крис изразува јанѕа по ова прашање, Роуз го убедува дека нејзините не се расисти, и дека напротив, татко ѝ, неврохирург, да можел и трет пат ќе гласал за Обама.

Но ситуацијата на лице место не делува баш таква. Во куќата работат двајца црни слуги, кои се однесуваат како зомбија. Кога мајката на Роуз, психијатар, му нуди на Крис одвикнување од цигари преку хипноза (која ја постигнува со ритмичко ѕвецкање на лажиче во шоља чај), тој почнува да се сомнева дека тука нешто не е во ред. Но во моментот кога одлучува да избега, прави фатална грешка - не сомневајќи се дека и девојка му е дел од шемата, ѝ нуди да заминат заедно. Тогаш конечно го разбираме обемот на заверата, дека господин и госпоѓа Армитраж не се залудно специјалисти за мозок, а и дека не случајно се толку „фини“ кон црнците.

Развивајќи систем на киднапирање, перење мозоци и на крај пресадување на оние на белците во здравите и генетски супериорни тела на црнците, тие на членовите на својот „култ“ им ги нудат како слуги, секс играчки или замени за сопствените тела во случај на деформитет или телесна маана. A притоа сето тоа го покриваат со изјави од типот: „Привилегија е да може да се искуси културата на другите“.

Хоророт завршува среќно и, да, бизарно комично. Со тоа Пил ризикува тешките теми на колонијализмот, наци-ариевството и ропството, кои ги поставува во текот на целиот филм да се автопародизираат. Но на некое друго, мета ниво, тој прецизно ја опишува дебатата околу овие важни прашања - јавноста се хипнотизира преку толку многу и толку лажно „либерално“ дрн-дрн, што на крај не останува некој доволно свесен, кој ќе пукне со прстите, и ќе нè избави од „потонатото место“. Едно е сигурно - после овој филм секое ѕвецкање со лажиче по порцелан ќе ви одѕвонува поинаку. 

Илина Ј.

8 јануари 2018 - 21:30