Букбокс гледаше

„Баладата за Бастер Скрагс“ (2018)

Одамна немаме гледано толку концептуално издржан, а истовремено презабавен филм. И ова не е само затоа што во него глуми Том Вејтс.

„Баладата за Бастер Скрагс“ почнува со еден од оние старински воведи: отварање книга и поглед во нејзината содржина - шесте поглавја - како браќата Коен да ве подготвуваат да читате, а не да гледате филм. Но можеби подобро толкување, со оглед на моментите кога наликува на мјузикл, е дека филмот е всушност музички албум, а приказните одделни песни кои чинат една единствена приказна - онаа за смртта.

Жанрот на овој албум е кантри-вестерн, а локацијата американскиот Запад, митско место и време во кое се сместени бројни легенди и преданија. Како и секоја митологија и оваа никогаш не се заокружува, нудејќи можност на навистина големите уметници да ги искористат брзите револвераши, Индијанците со томахавки, крцкавите кочии и трагачите по злато, за да раскажат нови приказни и низ нив да пренесат универзални пораки.

Такви приказни во филмот има шест и секоја трае по дваесет минути. Самите Коеновци ги пишувале последниве дваесет години. Првобитната идеја била да се сними серија, но на крај деловите се споени во филм кој функционира како целина. Нивните заплети не се поврзани, а за некои дури е и прашање дали воопшто имаат заплет, бидејќи обидот да се раскажат се сведува на „човек доаѓа во еден град и го убиваат“.

Па сепак дури една ваква навидум банална предлошка е толку богата со визуелни детали и актерски финеси што чувствувате дека сте гледале многу повеќе од она за што сте платиле (ако сте претплатени на Нетфликс). И не залудно филмот доби награда за најдобро сценарио на филмскиот фестивал во Венеција оваа година - текстот е толку богат и сочен што на моменти имате чувство дека следите некаква шекспирова драма, а не „обичен“ вестерн.

Има тука и класични битанги, (буквално) бледолики момички спремни за мажење, мизерни забавувачи, ловци на глави, коњи што пеат, огромни ненаселени пространства со само едно дрво за бесење, или шуми низ кои трчаат елени и течат реки полни златни рипки. Мизантропи какви што се, браќата Коен во валканоста и суровоста на постоењето на земјава сепак успеваат да ги најдат оние зрнца злато, причините заради кои вреди да се живее. Една од нив е за да се раскаже, за она што се видело или она што се замислило, за најдлабоки човечки желби и стравови, од кои најголем е оној од смртта.

Кога сме ја победиле? Кога хипнотизирани од нечие раскажување нема да забележиме дека кочијата застанала на последната станица. А раскажувачот, барем за момент, ни ја зел душата.

Наместо трејлер една од песните на саундтракот - сосе филмот симнете си ја и музиката

19 ноември 2018 - 08:49