Ела, касета и чаша

Гласот кој кршеше стакла

Koга научно-популарен мит ќе се спои со џез легенда во антологиска рекламна кампања.

Во 1970 агенцијата Лео Барнет од Чикаго имала креативна идеја за продавање на новата серија празни касети Меморекс. (За помладата генерација можеби е потребно мало објаснување - празните касети беа она што го користевме за снимање и преснимување музика, нешто како подоцнежното ЦД. А ЦД беше...добро, не е важно.)

Рекламната кампања за Меморекс требало да го потврди познатиот мит дека оперски пејач може да скрши кристална чаша со висока нота, и да покаже дека касетата за која станува збор има толку голема звучна прецизност што и снимката од таа висока нота можела да го стори истото.

Лео Барнет направил неколку ТВ реклами на оваа тема, со тенорот Енрико ди Џузепе и сопранот Ненси Шејд. Текстот гласел: „Репродукција која е толку вистинита што може да скрши стакло“.

Сепак, слушателите на опера биле малубројни за големите амбиции на Меморекс. За да стигне до поширока публика, таа морала да вклучи музичка ѕвезда која им била блиска на многумина.

И тука во приказната влегува Ела Фицџералд - златен стандард за вокална исклучителност, и во тоа време веќе позната не само како легенда, туку и како американско културно наследство. За да проверат дали се уште ја држи гласот, сопствениците на Меморекс ја повикале на аудиција во хотелот Алгонквин во Њујорк и ја замолиле да го испее крајот на How High the Moon. Пробала неколку пати, и чашата се скршила. Луѓето дури имале донесено и адвокати за да го потврдат тоа.

Така, во 1972, на возраст од 55 години, Ела Фитџералд станала заштитно лице на Меморекс касетите. И ова било важно не само за обновување на нејзината кариера, туку и за популаризацијата на џезот кој во тој момент, под наплив на рок културата, почнал да губи публика.

Она што е впечатливо е што ништо во рекламата не е посебно „работено“ - Фитџералд е средовечна, со перика, полничко тело и на моменти со наочари. Не било потребно ништо друго освен нејзината појава за на кампањата да може да ѝ се верува. „Дали е ова во живо или е Меморекс?“, гласело реторичкото прашање.

Две години подоцна била направена и нова варијанта, со Каунт Бејзи, долгогодишниот соработник на Фицџералд, кој требало да погоди дали она што го слуша е касета или Ела. „Мора да се зафркаваш, не можам да познаам!“, била неговата реакција.

До 1975 Меморекс била најдобро продаваната касета во Велика Британија, а подоцнежни заштитни лица биле Стиви Вондер и Реј Чарлс.

4 септември 2019 - 08:29