Гладни кози библиотека од пожар спасуваат

Ова не е наслов на некаква модерна басна, туку вистински случај, од Калифорнија.

Минатата недела избил голем пожар близу долината Сими во Калифорнија, еден од неколкуте кои во истиот период беснеел низ државата. На неговиот пат се нашле и претседателската библиотека и музеј Роналд Реган, дом на куп документи, фотографии предмети поврзани со 40-тиот претседател на САД. За среќа институцијата се спасила, и тоа благодарејќи на неколку - кози.

Во мај оваа година, предвидувајќи дека во иднина во овој регион можат да се случат пожари, фондацијата Реган побарала помош од сервисот за расчистување на земјиште „805 кози“, преку кој можат да се изнајмат чапункари кои се повеќе од среќни кога им се дава задача да брстат запаливи грмушки.

Петстотини животни, со имиња како Винсент Ван Гоут или Селена Гоутмез, биле распоредени во област околу библиотеката. Така направиле обрач кој подоцна спречил ширење на пожарот, кој избувнал во средата, 3.11, токму датумот на кој вработените требало да имаат вежба за реакции при природни катастрофи.

Ваквиот начин на спречување шумски пожари се користи и на други места во Калифорнија (за што пишувавме тука), а козите главно се увезувани од Перу. Нивното брстење заштедува најмалку 10% од градскиот буџет, кој инаку би требало да ангажира луѓе за сечење и фрлање на тревите. Додуша да успеале да влезат во библиотеката, можеби ќе продолжеле и со книгите.

6 ноември 2019 - 12:21