Гиљермо дел Торо: „Најрадикалното нешто што може да го направите е да бидете оптимист“

Прво што помисливме читајќи го насловот е дека дел Торо инкогнито бил во Македонија, и дека ова е неговата пост-фестум порака, со која сака да ни даде сила. Ама изгледа оптимизмот е насушна потреба на светов воопшто.

Оптимизмот е радикален. Тој е тежок избор, храбар избор. И ми се чини дека е најпотребен токму сега, во овие очајни времиња - токму како што автомобилот е корисен кога треба да совладаш некаква дистанца. Во спротивно тоа е само голем, неподвижен предмет паркиран во гаража.

Деновиве најсигурниот начин некој да изгледа интелигентен е да биде по дефиниција скептичен. Делуваме софистицирано кога велиме „не веруваме“ и неискрени кога велиме дека го правиме тоа.

Историјата и приказните докажуваат дека ништо не е загубено засекогаш. Давид може да го совлада Голијат. Една плажа во Нормандија може да го смени текот на војната. Храброста може да ги навјаса моќните. Овие факти често се сметаат за исклучоци, но не се. Секој ден ние сите стануваме кантари на нашите избори - избори помеѓу љубов и страв, верување или очај. Ниту една надеж не е премала.

Оптимизмот е нашиот инстинкт да се земе здив додека се гушиме. Нашата потреба да го декларираме она што „треба да биде“, соочени со она што е. Оптимизмот не е некул; тој е бунтовен и дрзок и витален.

Американскиот писател Теодор Старџон еднаш рече: „90% од сè е срање“ и верувам дека беше во право. Но сигурно тоа значи и дека „10% од сè вреди за трудот“.

И така со време, избор по избор, одлучуваме дали зад себе ќе оставиме биографија или епитаф. Погледнете наоколу и одлучете се помеѓу двете.

Вдишете или умрете.

Гиљермо дел Торо, од специјалното издание на Тајм посветено на оптимизмот

Претходно - Букбокс читанка за „Оптимизам: биологија на надежта“ од Лајонел Тајгер

11 февруари 2019 - 16:59