Букбокс читанка

„Гевгелексикон" од Стефчо Стефанов

Оние кои го следат Букбокс знаат за нашата желба за промовирање на измислени, но и подзаборавени а прекрасни зборови од нашите дијалекти. Затоа уште на невидено го поздравивме излегувањето на лексиконот-збирка зборови од гевгелискиот, кој нам од „северот" ни звучи токму како странски.

На видено пак, радоста беше уште поголема - изданието го собира во една дланка, лапни-голтни е, без ронка претенциозност дека е некаков вископарно академски и скап проект (како што обично ни се претставува изготвувањето на речниците) и однапред се оградува од некаква конечност и завршеност. Едноставно се гледа дека е правен со - љубов.

Можеби причина за ова е што авторот не е македонист, ниту лингвист, па нема ни кому посебно да му се докажува. Работи како професор по психологија „без брада и строг диоптриски поглед" во средно училиште во Гевгелија, автор е на една претходна новела, член на тимот што стои зад фестивалот „Бош" и зад независното електронско списание „Чивилук". Токму таму и почнала рубрика во која се објавувале по 10-тина гевгелиски зборчиња, која по три години веќе содржела повеќе од 300 зборови. Ова издание (патем, првото е исцрпено и ова е второ) на „Гевгелексикон" на хартија содржи 1040 зборови, иако како што вели авторот со тоа само си ја отворил бељата - зборчиња допрва се појавуваат, и собирањето продолжува.

Каде и да го отворите лексиконот има зборчиња чиј изговор и значење варира од „познато" до „нема шанси". Но она што е уште поинтересно се објаснувањата, лежерни но сосема инструктивни. Еве некои од нив:

Азг'н - Состојба на сексуална невоздржаност

Г'бесан - симболично за човек со запуштена хигиена, кај кого се појавуваат габи и лишаи; нечист, неизмиен, нискапен

Иараде (акцент на е) - Воодушевувачки извик, но може да биде и донекаде завидлива реакција на нечиј успех (Иарадеее, дек ќи ојш су двете женски бе?"). Провоцирачко подбуцнување („Иарадеее, ама си са уптегнал пуд сенката).

Пиче - Оди, се движи глатко и без мака, лета, вози, трча („Јас су точкут на таа дупнина пичум, ич не кочум")

Рок-тимница - Целосна темница, потполн мрак („Баба рога")

Тондав - прилог за големина („олку мал") (проследено со показна гестикулација со раце или прсти)

Чалбур - кајгана со вода и јајца; мешавина, замрсено, заплеткано

Ова е само мал дел од вклучените зборови, некои од нив шармантно илустрирани од Оливера Томиќ. Она што би го препорачале на крај е издавање на истава книга во електронска верзија, но со аудио (или видео) клипчиња преку кои истиве зборови и реченици ќе можат да се чујат во оригинал. Затоа што џабе се (коректно) наведени акцентите, никој друг освен гевгеличанец не може да го изговори З'б'ркутеш (мешаница, хаос) ко што треба. 

6 декември 2014 - 10:27