Г-дин Спок и сентименталното воспитување во Југославија

Текст на Светлана Слапшак, авторка на над 40 книги чии сфери на истражување се антропологијата, лингвистиката и феминизмот, во кој таа се сеќава на нејзиното „читање" на Ѕвездените патеки во времето на Југославија, и начинот на кој тоа еволуирало како што се развивала и приказната на нејзината некогашна татковина. Сето тоа со очигледни симпатии упатени кон човекот со зашилени уши.

Телевизиската серија „Ѕвездени патеки“ во Југославија почна да се прикажува со некои две години задоцнување, мислам 1968/9. Телевизорите тогаш, сè до осумдесетите, беа црно-бели, екраните мали, а серијата неверојатно наивна и комична: освен хартиено-гипсените чудовишта, пластичните (демек) роботи кои се сопнуваат, зраците кои со „вселенски" звук удираат онаму кадешто треба - знаеме затоа што гаѓаното суштество паднало - со копчиња што сјаат и трепкаат, невозможни костими со хеланки и дами во кратки здолништа и со фризури со премногу лак, ентериери во кои сите благо се накривуваат на свемирските свиоци, со минијатурни вселенски лаѓи на јадици пред камерите и вонземјани кои сите зборуваат англиски, тука имаше уште и дијалози и дејства засновани на примарни социјалистички и комунистички замисли за општеството. Серијата се емитуваше во попладневните часови - тогашната југословенска телевизија беше сериозна институција - и ја гледав главно како комично олеснување. Мајка ми и очувот еднакво се кинеа од смеење со мене. Мајка ми за г-дин Спок измисли име - Вулканизер: многу години подоцна кај вистински вулканизер некаде во длабока Грција на фирмата ја видов главата на г-дин Спок...

Како научно-фантастичен производ, Стар Трек или Ѕвездените патеки немаа многу шанси да станат култ: бевме едноставно разгалени со врвна литература од тој тип, стрипови кои веќе наголемо ги истражуваат пост-апокалиптичните светови и со филмови кои, наместо техниките на трикови, поставуваа многу сериозни, повеќе поетични и филозофски прашања - на пример „Соларис" на Андреј Тарковски, со незаборавни слики на дожд кој паѓа внатре, во куќата.

Идеолошки работите стоеа многу полошо: таман почнавме, после разбудувачкиот пораз на студентското движење од 1968, да се навикнуваме на аргументативност, суптилна рефлексија, борба на зборови и докази, изигрување на невидливата цензура и предвидување на потезите на противникот. Никако не ни одговараше рудиментарната слика на идниот свет на еднаквост, без пари, расизам и насилство (освен кога е нужна тепачка гради во гради, значи во секоја епизода), почитување на други култури, одрекување на секаков колонијализам, и сето тоа во некоја парамилитантна рамка на хиерархија (офицери, капетани и сл.). Популарноста којашто серијата ја уживаше во САД, каде имаше сосема доволно врвна научна фантастика, може да се објасни од една страна со конечниот престанок на најжестоката опресија на студената војна и на Макарти, и од друга со појавата на големо граѓанско движење за човекови права и против војната. Во една од епизодите, некој уште поразвиен вонземјанин интервенира во сегашноста така што оневозможува и американски и советски атомски бомби...а неговата партнерка, мозокот на операцијата, ја игра вистинска, животинска црна мачка. Американците одлично ги разбираа пораките, и се рашири вистинско општествено-културно движење на „треки-фанови", кое и денес, благодарејќи на продолженијата и филмовите, успешно живее.

Џин Роденбери својата општествена утопија, помешана со агностицизам, хуманизам, магливи спомени на рационализмот и просветителството, како не баш највкусен коктел, ја изразуваше во сценаријата за ТВ и филм повеќе токолку во книгите. Г-дин Спок сигурно е неговото најголемо достигнување, затоа што всушност го претставува разумот во сите клучни облици во инаку предвидливата нарација. Ликот требало да биде Марсовец, но Роденбери на крајот се одлучил за живот на сосема невозможниот Вулкан. Изработен врз основа на можеби површно разбраните текстови на Спиноза и Мајмонидес, г-дин Спок со време слизна во њу ејџ фолклор, а онаа отсутност на емоции всушност се претвори во нејзина целосна спротивност - емпатија, соживување, емотивна интелигенција. Единствено што ја спасуваше работата беше каменото лице на Леонард Нимој со зашилените уши и способноста да крене една веѓа - а кога тој почна да се меша во сценаријата, се гледаше дека има исклучителен хумористичен и ироничен талент. Роденбери умре во 1991, дел од неговата пепел малку патуваше по вселената па се врати, а другиот дел, со остатоците на уште дваесетина познати Американци, е пратен во космосот, но леталото после неколку години се дезинтегрираше.

Веќе кај репризите на серијата (тогаш немаше видеа!) престанав супериорно да се смеам и почнав да обраќам внимание на утописката слика на општеството и пораките на ликовите и на нивните односи: му го припишувам тоа на освестувачкиот ефект на дипломирањето и постепеното свртување кон бесконечното студирање и кон осаменоста. Г-дин Спок, со неговиот необичен однос со жените и уште понеобичниот однос со капетан Кирк, стана инспиративен повод за размислување за спротивниот пол и воопшто кој и да е пол. Логичко-аргументативната способност без реторичко заведување изгледаше сјајно, споредена со реалниот свет, во кој и најаргументативните и најлогичните примероци после некоја чашка запаѓаа во градски песни и крајно фрагментарно рецитирање на Јесењин. Споредбата секако придонесуваше за утврдување на личните критериуми. Стана јасно и кој е тој митолошки примерок кој му послужил на Роденбери - античкиот сатир, суштеството со коњски уши и копита (не козји!). Некоја година подоцна, мојот колега и пријател Франсоа Лисараг ги истражуваше сатирите, и дојде до заклучок дека тие всушност се фантазма на античкиот атински граѓанин, суштества кои можат да прават сè што граѓаните не можат: лежејќи на гозбите и вртејќи ги во рацете вазните со исцртаните сцени, многу често со сатири при најневозможни пијани и опсцени дејства, граѓанинот на непосредната демократија на своите соседи и на себеси им раскажувал приказни врз основа на сликите - а ги гледал и во театар, како весело го завршуваат трагичкиот циклус со сатирска игра. Во Роденбериевата утопија, г-дин Спок го презел празното место на можната фантазма која можела да заинтригира било која варијанта на родот.

Наголемо во време кога, непосредно пред и за време на распадот на Југославија, гледавме идеолошки и дискурзивно уште попредизвикувачка нова верзија на Ѕвездените патеки: втора генерација, успеав од уште една реприза да ги пренесам на видео сите епизоди на првите Ѕвездени патеки, технички обновени. Утописката содржина сега едноставно експлодираше, во време на грозно едноставни дилеми и целосна безнадежност. Ако Ѕвездените патеки: втора генерација без двоумење ги изнесуваа вистинските политички проблеми, и тоа со далеку посложена реторика, во некои епизоди речиси релевантни за она што ни се случуваше, старата серија, и во неа најмногу г-дин Спок, поучуваше наивност на која по катастрофата мораме да ѝ се вратиме, за да преживееме - наивноста на логиката, знаењето, просветленоста, немилосрдното проучување и признавање на минатото...

Леонард Нимој вон улогата најде свој начин на испитување на светот, во фотографијата. Прво сликаше раце, потоа премина на актови - серија слики на кои женското тело го претставува Бога, па серија слики за луѓето кои го откриваат своето тело, и серија со актови на вистински дебели жени. Весел по дух, тоа не му пречеше да се ангажира околу болното прашање на признавање на европскиот холокауст. А признанието кон него би морало да биде поголемо од она кое му го оддаде НАСА.

Авторка: Светлана Слапшак

3 март 2015 - 20:25