Букбокс гледаше

„Г-дин Никој" (2009)

„Зошто сум јас јас, а не некој друг?" е едно од прашањата кои ни ги поставува филмов. Но многу потешкото е - дали кога би го знаеле одговорот би биле задоволни од oна што сме станале?

„Мораш да направиш вистински избор.

Сè додека не одбереш, сè е можно".

Немо, или на латински „никој", има пет лица - 9-годишно момче, 15-годишен тинејџер, 35-годишен маж и 117 годишен старец, кој е последниот на светот кој во 2092 година ќе умре од природна смрт, додека сите останати имаат постигнато квази-бесмртност постојано обновувајќи си ги матичните клетки преку љубимци - прасиња компатибилни со нивната генетска структура. Фасцинирани од егзотичноста на дедо Никој, медиумите во живо ја покриваат неговата смрт, организирајќи дури и гласање за тоа дали треба да се остави да умре или да му се овозможи вештачко продолжување на животот. Тој отпрвин не се сеќава ни од каде е, ни дека е Никој, сè додека еден психијатар не го хипнотизира, поттикнувајќи го да ја раскаже својата приказна.

Но таа излегува многу посложена отколку што се очекува, со чести временски скокови и со најмалку три верзии на животот на Немо Ноубади, коишто ги препознаваме преку различните жени со кои тој завршува - девојчиња од неговата улица на која живеел како дете. Облечени во три различни бои фустанчиња - жолто, црвено и сино - тие го одредуваат колоритот на сцените: жолтото е за Јапонката која Немо не ја сака, но со која има најмногу пари; сината е за жената која е постојано тажна, а црвената е за неговата најголема љубов, Ана.

Ваквите „рачвања" на главната приказна на неколку можни реалности во стилот на „што би било кога (не) би било" се веќе видени во современата кинематографија, од „Трчај Лола трчај" до „Лизгачки врати". Но, она што го издвојува овој филм е многу посложената структура, која се мултиплицира како амеба во повеќекратни верзии на себеси, при што ниту една не е прогласена за „погрешна" или обратно, за „вистинска". „Секој пат е вистинскиот, и сè можело да биде нешто друго, па сепак да има исто толку значење", мудро заклучува 118-годишниот Никој, нудејќи си себеси, но и нам, утеха за тоа дека кој и пат да сме го фателе кога сме наидувале на животните раскрсници, крајниот есап не би ни бил многу различен.

Така некако му излегува сметката и на Немо, кому таквата клучна раскрсница (или поточно рачвање на шините) му се случува на 9-годишна возраст, кога тој при разделбата на родителите треба да одбере дали ќе замине со возот со мајка му, или ќе остане со татко му, и така ќе ја одреди сета негова понатамошна судбина. Неспособен емотивно да излезе на крај со таквата драма, тој во неколку секунди се обидува да ги замисли сите последици на изборот - животот во првата, и животот во втората варијанта. Во обете има и по нешто добро и по нешто за кое би можел да зажали, дури и трагични исходи кои не можат да се избегнат. Таквото „Знаење" за варијантите од една страна би требало да му помогне да одбере, но од друга страна тоа го закопува во место, бидејќи ниту една од нив не превагнува. Парадоксално е: првично не може да одбере затоа што не знае што ќе се случи, а откако знае што би се случило, токму заради тоа не може да одбере. „Во шахот", вели Немо, „тоа се вика Цугзванг, кога единствениот исплатлив потез е - да не мрдаш".

Честите референци на теоријата на хаосот, теоријата на струни и ефектот на пеперутката можеби и не морало да бидат толку нагласени, бидејќи и без таквото покажување со прст кон научните докази за човечката немоќ за контрола над сопствената судбина тие и интуитивно се подразбираат. Поинтересен оттаму е филозофскиот поттекст (кој не го исклучува првиот, но е посуптилен), за природата на времето и што значи тоа да се „постои" во него. Старецот кој ги знае одговорите му ги пренесува на неговото помладо „јас" (кое и да е тоа), и го води кон универзалниот најмал (а најголем) заеднички содржател на секоја среќна животна приказна - љубовта. Во моментот кога Немо во една од верзиите конечно се спојува со неговата долгогодишна љубов Ана, сите други верзии се укинуваат, Никој станува Некој, а животот на старецот кој во една секунда престанува потоа како ништо да не било продолжува, придружен со негова громогласна смеа.

Ова е прв филм на англиски на Белгиецот Јако ван Дормел, кој е и автор на сценариото и режисер на филмот. Џаред Лето ја игра 35-годишната верзија на Немо, а под убедлива шминка и неговата најстара варијанта. „Зошто сум јас јас, а не некој друг?" е едно од прашањата кое тој си ги поставува во филмот, упатувајќи ни го и нам. Но многу потешкото прашање од ова е - дали и кога би го знаеле одговорот на ова прашање би биле задоволни од она што сме станале?

Од убавиот саундтрак, темата која провејува низ целиот филм базирана на Pavane op. 50 на Габриел Форе:

2 ноември 2014 - 19:56