Тhe Way of F**k It

Филозофијата на „заеби“

Да речеш „заеби", тоа е масажа на умот - ја релаксира тензијата, прави да се чувствуваш добро, да ги изигнорираш сите и да си истераш по свое. Џон Паркин оди и чекор понатаму тврдејќи дека тоа е духовен чин, совршен западен еквивалент на источните идеи за ослободување од небитните нешта.

Џон К. Паркин, син на англикански свештеник, после 20 години практикување источни духовни учења, сфатил дека за човек да биде раат и да се ослободи од гајлињата е потребен само еден магичен израз - „Заеби".

Од ова тој направил цело F**k It движење, и објавил дури три бестселера на темата: Заеби: ултимативниот духовен пат, Заеби терапија и Патот на заеби, кои до сега се продадени во 400,000 копии и се преведени на 22 јазика. Освен тоа, тој и неговата сопруга одржуваат еднонеделни Заеби семинари во нејзината родна Италија, кои се букирани со месеци однапред. Како што тврди Паркин, голем број од луѓето доаѓаат заебани, а заминуваат ослободени.

Малку јога, малку медитација, цитати од Јунг и Фројд, куп шаманистичко мамбо-џамбо, анализирање соништа и таи чи, тоа е рецептот на Паркин. Книгите главно му се состојат од кратки совети, при што последната реченица секогаш е „Заеби". Истата онаа која толку често си ја користимe oнака, од душа. Книги, упатства, медитации и учени муабети? Море, заеби!

Варијација на тема, која исто така ослободува од стрес, а понекогаш помага и во отварањето трето око (она модрото, одма до десното).

13 март 2014 - 11:12