Етичарите не се ништо поетични од нас

Може на сите ѕвона да ни кажуваат како треба, но самите не се баш модели за однесување. Или што би се рекло народски - „не го слушај попот што зборува, туку гледај што прави“.

Студија која опфатила 417 професори, објавена неодамна во списанието Филозофска психологија покажала дека иако 151 од нив, кои предаваат етика, изразиле построги морални ставови, тие не биле ништо подобри од останатите во етичкото однесување.

Статијата изработена од постдипломецот по филозофија Филип Шенегер од универзитетот Сент Ендрјус од Шкотска и професорот Јоханес Вангер од Универзитетот во Грац, ги сумира теоретските гледишта на професорите во однос на низа морални теми, вклучувајќи донација на органи, хуманитарни донации, па дури и тоа дали и колку често тие им се јавувале на своите мајки. Истовремено, таа ги содржи изјавите на професорите за нивното сопствено однесување во секоја од категориите.

Од професорите се барало да проценат дејства на скала од 1 (многу неморално) до 9 (многу морално). Биле испитани три категории од нив: етичари (односно филозофи кои се фокусираат на етика), филозофи кои се фокусираат на теми кои не спаѓаат во етика и други професори.

Притоа, кога станува збор за теоретските ставови, се покажале извесни разлики - етичарите имале многу построги очекувања во споредба со други професори кога станувало збор за доброволните прилози, но биле поблагонаклони кон неморалноста на кражбата и контактирањето со мајките. Меѓутоа истражувачите не наишле на исти такви разлики во моралното однесување. На пример, етичарите во просек рекле дека професор треба да донира 6.9% од својата плата за хуманитарни цели, не-филозофите 4.6% а останатите филозофи 5.1%. А кога биле прашани колку тие самите донираат, етичарите изјавиле дека донирале 4.6% од личните примања во текот на минатата година, споредено со истиот процент за филозофите не-етичари и 4.4% за останатите филозофи. Што се однесува до контактирањето со мајките, 75% од нефилозофите, 70% од не-етичарите и 65% од етичарите рекле дека да не се јавуваш на мајка ти е неморално. Но кога биле прашани како тие се однесуваат кон својот родител, 87% од етичарите рекле дека се јавуваат најмалку два пати месечно, а истото го рекле 81% од не-етичарите и 89% од нефилозофите. Како и со повеќето други морални чинови, истражувачите не нашле јасна врска помеѓу експертизата во областа на етиката и етичкото однесување.

Единствениот исклучок било вегетаријанството: етичарите почесто велеле дека е неморално да се јаде месо, но исто така почесто биле самите вегетаријанци.

Оваа студија претставува повторување на претходно истражување од 2013, спроведено од американски научници, кои дошле до истиот резултат - дека етичарите не се некакви „надлуѓе“ кои точно знаат што треба да се прави и токму така и се однесуваат во реалниот живот. Единствената разлика е што оригиналната студија се фокусирала на професори од англиско говорно подрачје, додека втората е за германското говорно подрачје. Оттаму ова покажува дека оригиналните резултати се реплицираат и во друга култура.

3 април 2019 - 18:28