Истото зајаче е, ама не е исто

Џон Оливер објави своја верзија на сликовница на Пенс

Две сликовници, во сосема ист формат и за иста целна група, едната напишана од ќерката и жената на потпретседателот на САД, а другата од Џон Оливер. Што ли би можела да биде разликата?

„Од моментот кога скокна во домот на ’второто американско семејство’, црно-белото зајче Марлон Бандо ги освои срцата на потпреседателот Мајк Пенс, неговата жена Карен и нивните деца, Мајк, Шарлот и Одри. Но малиот Бандо не е само семејно милениче, туку и национална славна личност! Се појавува на официјални настани на Белата куќа, се вози со Air Force 2 и има популарен инстаграм профил“.

Напишана од Шарлот Пенс, ќерката на потпретседателот на САД, илустрирана со акварели од самата „Втора дама“, сликовницата под наслов „Еден ден во животот на потпреседателот на Марлон Бандо“, на 40 страници и наменета за деца на возраст од 3-7 години излезе денес, 19.03.

Но само еден ден претходно, комичарот Џон Оливер во своето шоу на ХБО најави дека издал „преработка“ на истата книга, под наслов „Еден ден во животот на Марлон Бандо“, напишана од сценаристката на шоуто Џил Твис и илустрирана од ЕГ Келер, со ист број на страници и наменета за истата целна група.

Клучната разлика помеѓу двете книги е што оваа на Оливер е за „многу специјално момче-зајаче кое се вљубува во друго зајаче“.

Ваквата реакција на тимот на Оливер (кога побргу ја дознале, ја напишале и објавиле..) се должи на конзервативизмот на потпреседателот, особено оној поврзан со ЛГБТ правата и неговото непријателство кон геј заедницата. Оливер исто така посочи дека турата за промоција на книгата на Пенс вклучува и негови настапи во соработка со организација под име Фокус на семејството, која промовира терапија за конверзија од геј во не-геј.

„Целосно случајно, излезе дека и ние сме напишале книга за зајакот на Мајк Пенс. И додека неговата излегува утре, нашата излегува во моментов, и е посветена на секое зајаче кое некогаш се почувствувало поинакво“, изјави Оливер во емисијата емитувана во неделата.

Издавачот на верзијата со геј зајчето, која за помалку од 24 часа стана бр. 1 на Амазон, изјави дека сиот приход ќе оди за проект кој превенира самоубиства на млади припадници на ЛГБТ заедницата. Аудио верзијата вклучува нарација од славни личности како Џим Парсонс, Џон Литгоу и РуПол.

19 март 2018 - 17:44