Дејвид Атенборо бара ди-џеј

На 93 години, човекот чие име стана синоним за природонаучни документарци, бара фиљан музичар кој ќе направи ремикс на документарни музички снимки, регистрирани пред шеесетина години на Бали.

Во 2018 беа објавени две ЦД-иња со домородна музика која Атенборо ја снимал во земјите кои ги посетувал помеѓу 1954 и 1963. Со себе тогаш носел од денешна перспектива примитивен, голем и тежок касетофон на батерии. Се интересирал за животните и растенијата, но секако и за луѓето. Некои од нив никогаш немале видено ваква „машина“, па биле прилично сомничави кон нејзиното присуство. Еден тапанар од племе од Сиера Леоне, на пример, кога ја слушнал снимката не сакал да признае дека е импресиониран, па изјавил дека таа е добра за репродуцирање „едноставни“ звуци, но дека не би можела да го стори истото и со покомплицирани. Потоа зел да тропа најдобро што знаел. Кога Атенборо му ја пуштил и таа снимка, човекот видел-не видел морал да му оддаде признание на духот во апаратот.

Од другите музички парчиња, ЦД-ињата содржат и снимка направена на остров во Фиџи по име Коро, каде постои традиција островскиот свештеник да ги повикува желките, односно нивниот бог Накаси. Кога желката навистина се појавила по извиците на свештеникот, Атенборо не бил посебно изненаден, знаејќи дека таа секако морала кога-тогаш да ја извади главата од вода и да земе воздух. Но кога по неа излегла и ајкула, за која се смета дека е постојан придружник на Накаси, е тогаш било ред на сер Дејвид да признае дека е импресиониран.

За да ги приближи овие веќе подзаборавени звуци на новите генерации, тој сега бара Ди-џеј кој би направил ремикс на триминутна снимка на света музика од Бали од 1956.

Првично ова парче музика требало да биде искористено за серијата Zoo Quest во која Атенборо придружувал вработени од Лондонската зоолошка низ светот за да соберат нови примероци. Конкурсот се однесува на уметници базирани во Британија. Жири ќе ги одреди шестмината финалисти, а потоа до ноември ќе се одвива гласање од публиката.

Идејата можеби произлегла од фактот што веќе постои рејв инспириран од Планетата Земја 1 и 2, наречен Дејвид Атенборо џангл буги.

8 мај 2019 - 16:00