Човекот кој си играше со оган: нова книга за Стиг Ларсон

Пред да се прослави со своите трилери, како „Девојката со тетоважа на змеј“, објавени постхумно, тој бил новинар и активист, кој се обидувал да посочи на опасноста од десничарскиот екстремизам и нео-нацистичките групи во Шведска.

Пред скоро 40 години, кога се сметаше дека десничарството во Европа не треба да се зема сериозно, Ларсон увидел дека оваа расистичка, сексистичка и генерално насилна реторика има потенцијал да стане легитимна. Неговите предвидувања сега се видливи низ целиот свет, со подемот на популистичките и националистичките режими.

Новоизлезен англиски превод на книга на шведскиот новинар Јан Стокласа, „Човекот кој си играше со оган: загубените фајлови на Стиг Ларсон и ловот по убиецот“, раскажува како Ларсон, кој почина од срцев удар во 2004 на возраст од 50 години, помеѓу другото се обидувал да ја реши мистеријата на најпознатото политичко убиство во Шведска, она на премиерот Улоф Палме од 1986. Тоа се уште не е расчистено, а околу кое се плетат исто толку мистерии колку и околу она на Кенеди. Стокласа добил пристап до архивскиот материјал на Ларсон, чуван од анти-расистичкото списание Експо кое писателот го основал во 1995, и се обидел да продолжи онаму каде што овој застанал.

Каква е можната врска помеѓу првото, анти-десничарските ставови на Ларсон, и второто, убиството на Палме? Премиерот беше левичарски ориентиран политичар, застрелан од непознат сторител на 28 февруари 1986 на враќање од кино со сопругата, која останала неповредена од вториот куршум, кој се заглавил во капутот. До нив немало телохранители, бидејќи самиот премиер ги испратил дома порано вечерта.

После голем број интервјуа и долга истрага, уапсен е криминалец по име Кристер Петерсон, кој е суден и осуден, но кој подоцна е пуштен заради недоволен број докази. Иако случајот е се уште отворен, од тогаш полицијата се однесува како тој да е завршен.

Во првата половина на книгата Стокласа оди во детали илустрирајќи како Ларсон се обидувал да ја расветли мистеријата, бивајќи истовремено и истражувачки новинар но и инспектор и форензичар. Една од неговите теории била дека извршители на убиството се десничарски екстремисти од Шведска, а втората дека станува збор за интервенција на Јужно-африканската влада поради нејзино незадоволство од критиките на Палме кон тогашниот апартхејд во оваа земја.

Во вториот дел Стокласа се внесува како лик во нарацијата, со што книгата станува мета-приказна, за истражување на нечие туѓо истражување, и за тоа колку опседнат може некој да стане со тоа. Ова е делумно биографија, делумно реалистичен трилер, но во голема мерка и опис на тоа како работат, живеат, а понекогаш и умираат новинарите кои се занимаваат со истражување на опасни теми.

Tрејлер за истоимениот документарец правен според книгата, кој имаше премиера на Санденс во февруари:

4 октомври 2019 - 10:01