Со наш скромен придонес

Човекот кој протестира против уличните реклами

Џордан Сајлер не се смета себеси (толку) за уметник, колку за активист. Тој ги заменува билбордите и постерите од кои нè заплиснуваат реклами по автобуски постојки и други јавни површини со свои дела. Причина: рекламите визуелно нè трујат. Нудиме и наш скромен придонес кон неговата акција.

Кампањата е започната во 2000 и за овие шеснаесет години е проширена од САД во повеќе од 40 градови во светот. На Менхетен, каде се наоѓа работилницата на Сајлер, тој рачно изработува клучеви (или повеќе отварачи) на оние стаклени излози во кои се поставуваат рекламните постери, а кои се главно стандардизирани. Така, без оглед дали живеете во Њујорк, Шангај, Амстердам, Истанбул или Скопје, овие клучеви можат да ви ги отворат локалните рекламни кутии. А она што вие потоа треба да го направите е да го замените постојниот постер на кој се рекламира производ или услуга на некоја од големите компании со ваше дело, кое ќе ја зголеми свесноста за визуелното загадување кое го предизвикува ова надворешно рекламирање.

Сајлер со неговата акција сака да потсети - дека очите се наш скапоцен имот, исто како и нашето внимание, кое некој за свои комерцијални цели сака насилно да ни го одземе. За ова често не сме ни свесни, освен кога некој - да - ќе ни сврти внимание на овој растечки проблем (како во книгата „Како да станеш индивидуа во доба на одземено внимание" за којашто пишувавме тука)

Иако проектов низ светот го шират главно колеги-уметници на Сајлер, нему му се обраќаат и поединци кои на овој начин едноставно сакаат да покажат граѓанска непослушност. Развиена е и апликација за ајфон која во подземните железници ги заменува рекламите со избор на уметнички дела и на тој начин го претвора вашето патување низ серијата реклами во прошетка низ галерија. 

А ние ви нудиме нешто поинакво - излеговме на улица, сликавме реклами, графити и други визуелни пораки и од нив направивме кратки приказни, наши, кои ги заменуваат оние често баналните, нивните. Галерија за фото-колажите тука.

5 март 2016 - 10:48