Јерговиќ за Кемал

Човекот кој можеше да ги отпее сите таги на светот

Кемо замина, а зад него остана интересна биографија, исполнета со анегдоти и зафрканции, кои самиот ги кажувал за да избега од тагата. Не залудно рекле - кога некој умира, со него заминува и еден цел свет, на нешта кои се случиле, и на нешта кои ќе било подобро и да не се случат.

Беше околу Божик, 1992. Седиме во пансионот Моника, пиеме виски и нешто ситно мезиме. Паѓаат гранати па не може да се оди дома, но никој овие денови нема некоја голема работа ни обврски, во војна сме како на одмор. Мава некаде блиску, Кемо се штрекнува, оди до собата да погледне што е со Ноно. Тоа е татко му, се вика Освалдо, но го викаат Ноно. Кога се врати, онака заради виц почнува приказна. Неговиот татко крајот на војната го дочекал како непријателски војник, во партизанско заробеништво. И, како што тоа понекогаш се случува, се загледал во домашна девојка, муслиманката Бехрија.

Неговата љубов била толку голема што, како во некоја бајка, ги совладал и ги прегазил сите предрасуди кои стоеле помеѓу него и неа: таа за фашистичкиот војник помеѓу антифашистите, на крај од една страшна војна, онаа за странец во затворена, во сè загледаната ориенатална касаба, онаа за католикот пред постелата на една муслиманка. Само едно не можел да победи: тоа што од родното Монфалконе пошол во војна како оженет човек, и што во текот на последното отсуство му се посреќило жена му да затрудни.

Му родила ќерка Даниела, која таткото нема да ја види за време на нејзиното детство и младост. Да стапнел на тлото на Република Италија, можеле да го уапсат и да го осудат за бигамија.

Толкава и таква, со обични животи немерлива, била љубовта на заробениот италијански војник кон една сараевска девојка. Од таа љубов во 1948 се родил Кемал Монтено. Име од арапско потекло, кое значи совршен, целосен човек. Во време на неговото раѓање било најпознато по Мустафа Кемал, таткото на турската држава.

После, како пораснато момче, патувал во Словенија, во Сежана, за прв пат на границата да се сретне со сестра му. Ги пуштиле и едните и другите граничари да се најдат на ничија земја. Тоа било многу сентиментално доживување, кое нема да го ублажат ниту променат идните редовни видувања, нормалните преминувања на границата, динамиката на некое вообичаено братство и сестринство, а ни Кемаловата склоност и оние приказни од кои очите би му се полнеле со солзи да ги раскаже низ шала, така за сите да се смеат. Така се штитеше од онаа стара сараевска навика меѓу рајата и во друштво да се исмее секоја, па и најтешката солза, и машките грубо да им се потсмеваат на машките заради вишок на чувствителност. Најубавите денови од нашите животи, додека уште се имавме себеси и својот град, ги трошевме на тоа во туѓото око да најдеме некаква непримерна солза, онаа солза предавничка која ја спомнува Ханка. И Кемо се шалеше со туѓите солзи, па затоа и ги криеше своите. 

Владееше мислење дека Кемо најмногу од сите се плаши од гранати. Тој не беше поголем од стравовите на другите, но беше поинаков, позафркантски. Ова е една од последните запаметени приказни за неговите средби со гранатите:

Има денови кога паѓаат упорно и константно, како досаден ноемвриски дожд, и тогаш луѓето се снаоѓаат како знаат, но не се секираат премногу. Гледаат само како би минале помеѓу капките дожд и помеѓу гранатите. Но има и денови кога не се слуша ни пукање од пушка, пеат птици, свети сонце, а потоа почнуваат да паѓаат, сто во секунда. Еден таков ден го фатило Кемо гранатирањето, почнал да паничи, гледа каде да се засолни, па втрчал во еден од оние магацини со брановиден лим, како лимот да ќе го заштити од бомби, и во темницата се фрлил преку некои кутии. Така во темницата и под картоните некако му било полесно да го слуша татнењето. А траело, вели тој, како никогаш претходно. И паѓале наоколу, на педесет метри. Конечно кога се смирило, Кемо се крева на нозе, па допира, гледа што има во тоа кутиите. Кога - ќибрити. Илјадници и илјадници кутии со ќибрити, производство Долац Травник. Само една искра да стигнела до него баш фино ќе си поминел.

Кемо го раскажуваше тоа, а ние се смеевме, толку што нè болеа стомаците. Беше убаво да се смееш среде војна. Само, зошто оваа приказна веќе не е смешна? Што се смени во меѓувреме?

Го гледав со години претходно како стои, потпрен над прозорецот, на првиот спрат на една куќа во улица Скендерова. Јас одев на училиште, а тој стоеше така и гледаше во ридот, кон Домот на извидниците. Не беше тоа некој поглед, но сеедно, не можев тоа да го заборавам. Стои Кемал Монтено на прозорец и го гледа Сараево. Ја гледа стрмната ледина на која младите горани само што засадиле 88 стебла за другарот Тито и гледа кон опсерваторијата, кон Домот на извидниците, кој многу подоцна ќе го добие името на основното училиште Силвие Страхимир Крањчевиќ, претходно иселено од реституирана црковна зграда. Гледа за да му мине времето, гледа затоа што тоа е се уште оној град во кој било можно чудото на неговото раѓање.

Имаше 19 кога во 1967 ја отпеа „Лидија". Неколку години подоцна, во војска напиша песна која ќе го прослави: „Једне ноќи у децембру, кад је била хладна зима, чувао сам тебе Бранка, чувао сам нашег сина...". Тие зборови обични, немушти, како од некој осмоодделенски состав, неговиот глас ги претвораше во нешто друго, во некое неспоредливо чудо. Човечкиот глас е орган на говорот, гласот му служи на говорот, а на некои им е дадено и да умеат убаво да пеат. Само гласот на Кемал Монтено не беше таков. Неговиот глас беше орган за пеење, пееше сам од себе, така што не му требаше мелодија. Не беше тој создаден за говорење, и требаше Кемо да се труди да зборува, како што други се трудеа да пеат. Додека зборуваше се обидуваше да се шали, да не ја изневери онаа вечно наметната улога на духовит Сарајлија, а беше во состојба да ги отпее сите таги на овој свет. И сега, кога јавуваат дека веќе го нема, нема ништо потажно од гласот на Кемо. Нема некој кој би рекол дека сето тоа е заебанција, некоја лимена куќа полна кутии со чкорчиња.

После го отпеа и текстот на сликарот и карикатурист Алија Хафизовиќ, оној текст во кој каде и да тргнам за тебе сонувам, и патиштата кон тебе ме водат, затоа што гледам со некој копнеж кон светлата твои, Сарајево љубов моја. Голема песна е тоа, затоа што е големо сето она што мина и исчезна, но пред сè е голема заради гласот на Кемо, неговата боја и природа. Колку беше тажна таа песна за Сараево. Таква беше и кога уште ништо не беше загубено, ниту пак се знаеше што сè може да се загуби. Беше тажна затоа што тој глас пееше само тага. И во песната тој судбоносен стих: со некој копнеж гледам кон твоите светла. Вистина, драги Алија, чиста вистина: го памтиме тој копнеж, додека возот мрзливо се влече од Пазариќи кон градот, а ние будни сред ноќ чекаме кога ќе му ги видиме светлата. Никогаш за ниту еден град нема тоа да го почувствуваме.

Во војната ослабе, се преполови, како што и сите ние се преполовивме. И никогаш не бевме поблиску до својата човечка прилика и мерка, никогаш не бевме поскладни отколку тогаш, така преполовени. На Арсен во Загреб му прати писмо-песна. А со Златан Фазлиќ и Злајо Арсланагиќ пееше: Ако питаш како ми је, да ти рокну само двије, све би ти се само казало, и во неа оние неколку стихови кои се за мене и денес онаа „пупка роза" од која се развива и се расприкажува еден цел минат живот: „Дуго топло лето, Зеница, томбола. Црно-бели теве, на њему гондола" и „Два-три метра снега, и тутањ лигура. Пусти фиќу што не пали док га раја не гура". Има ли нешто што би можело да се каже за нас, денешните? Можеби и има, но го нема веќе гласот кој тоа би го отпеал.

Кемал Монтено живееше помеѓу војни. Се роди како една од најубавите последици на Втората светска војна, зрелите години ги дочека среде опсадата на Сараево. Пееше: „Ако питаш где сам сада, не идем из овог рада, све је моје овде остало". А потоа, сепак замина. Беше благ, весел и незлобен човек. Не си придаваше значење, ниту пак беше љубоморен на други пеачи. Како и би можел да биде со таков глас. Во тој глас го носеше Сараево.

Го нема повеќе.

Aвтор: Миљенко Јерговиќ

„На Бембашу“ (во живо)

23 јануари 2015 - 08:35