Букбокс читанка

„ТИШИНА: МОЌТА НА ИНТРОВЕРТНИТЕ ВО СВЕТ КОЈ НЕ МОЖЕ ДА ПРЕСТАНЕ ДА ЗБОРУВА“ од Сузан Кејн

Пред да го прочитате освртот за книгата која денес ја претставуваме, чисто за да знаете дали се однесува на вас, направете го следниов тест. Запишете си на колку прашања сте одговориле со „точно".

1. Повеќе сакам разговор еден на еден, отколку групни активности
2. Често сакам да се изразувам преку пишување
3. Уживам во самотија
4. Изгледа дека не се секирам толку за богатство, слава и статус во споредба со останатите околу мене
5. Не сакам оговарање, но уживам во детален разговор за теми кои ми значат
6. Луѓето ми велат дека сум добар слушател
7. Не сум човек што ризикува
8. Сакам работа која ми овозможува да „нурнам" во неа, без некој да ме прекинува
9. Сакам мали роденденски прослави, со само еден или двајца пријатели или членови на семејството
10. Луѓето ме опишуваат како тивок/тивка и спокоен/спокојна
11. Повеќе сакам да не разговарам околу мојата работа со други додека не е завршена
12. Не сакам конфликт
13. Најдобро работам сам/а
14. Обично мислам пред да проговорам
15. Се чувствувам исцрпено по излегување, дури и ако убаво сум си поминал/а
16. Често не кревам слушалка кога некој ме бара.
17. Ако можам да бирам, би сакал/а викенд исполнет со ништо, а не викенд со премногу амбициозни планови
18. Не уживам во правење повеќе работи одеднаш
19. Можам лесно да се концентрирам
20. Повеќе сакам предавања од семинари

Веќе погодивте - колку повеќе потврдни одговори, толку сте позатворени во себе. Прашањата се формулирани според својства на интровертност кои се широко прифатени од современите истражувачи. Јас просто се уплашив - освен она со родендените, кое некако ми е наметнато бидејќи сум родена на празник во лето, кога во градов и така нема никој - изгледа ги задоволувам сите останати 19 услови. Дали имам проблем?

Авторката Сузан Кејн - која и самата се смета за интровертна - напишала книга која ја раскажува приказната како оваа карактеристика на личноста, во време кога самопромоцијата и отвореноста се 'ин' полека станува работа која се критикува, па дури и се смета за некаков вид нарушување. „Но интровертноста е всушност преферирање околини со понизок праг на стимулација. Тоа е кога некој сака тивка, небучна средина, со помалку акција. Голем број луѓе мислат дека да си затворен значи да си антисоцијален, но тоа е погрешно. Интровертните се само поинаку социјални. Тие сакаат на пример да испијат чаша вино со близок пријател, наместо гласна забава полна со странци", објаснува таа.

Значајно за разбирање на интровертноста е разликата помеѓу неа и срамежливоста - срамежливоста подразбира страв од негативен општествен суд. Значи можете да бидете интровертен без да имате таков страв, а можете да бидете и екстровертен, а сепак да ве опседнува мислењето на другите. До одреден степен, барем во американската култура, екстровертноста отсекогаш била на цена, потребата да се промовираш себеси за да добиеш работа, за нешто да продадеш. Но придвижувањето од нешто што историчарите на културата го нарекуваат „култура на карактерот" кон „култура на личноста" сепак не е без последици. Под првото тие подразбираат таква култура во која одреден карактер се проценува врз основа на неговите (добри) дела, кои се вршат кога никој не гледа. Под второт се подразбира дека наместо карактерот на одреден човек, почнува да доминира неговата јавна личност, која иако е можеби самата себе се претставува како харизматична, во реалноста, на ниво на карактер, е шуплива и неетична.

Интровертните во ваквата култура се среќаваат со голем број проблеми, особено на работните места кои се сè повеќе такви што подразбираат максимална интеракција, или со „клиенти" или со останатите колеги. Почнавме да мислиме дека сета креативност и продуктивност е производ на некаков групен процес, на „мозгање" во тим, но често пати тоа е само губење скапоцено време, на сметка на фокусираното, осамено размислување, кое може да даде многу подобри резултати. Ако книгата воопшто нешто критикува, тоа сепак не се екстровертните луѓе сами по себе, туку доминацијата и промоцијата на идеалот на екстровертноста, како единствена можна опција за успешна личност.

Само како потврда на резултатите од тестот, го започувам викендот кој сепак нема да биде исполнет со ништо. Ќе се собереме неколку интровертни души кај мене во двор, и ќе си ќутиме...

6 април 2012 - 00:00