Букбокс читанка

„Македонска рок енциклопедија (1963-2018)“ од Тошо Филиповски

55 години музичка историја, биографии на 333 бендови, 500 страници, 400 фотографии. И овие бројки не би значеле ништо, да не се вградени во методолошки крајно издржан и со душа изработен производ, со кого може да се гордееме, повеќе отколку со голем број таканаречени „енциклопедии“ и „капитални“ изданија, кои во изминатите години произлегоа од оваа култура, а беа дотирани „шаком и капом“ од разни гарнитури.

Крајот на 1980-тите. Имам шеснаесет, и со другарка ми некако се наоѓаме во подрум во Козле каде Горазд, Стапот, Бутот, Сале и Кети вежбаат за претстојните концерти на „Мизар“, а Сергеј прави друштво. Премногу сме млади за да ни текне дека тие моменти некогаш ќе бидат важни за историјата, па да чкрапнеме некоја фотографија, или да го запишеме она што се случува. Некој отвара вино и подава пластични чаши, се рецитира Бодлер. Од музиката сфаќаме само дека е мрачна, но такви „даркерки“ сме и ние, затоа што тоа е кул, и затоа што е поинакво.

Поминува концертот во Домот на млади, кого го снимам на новинарскиот диктафон на татко ми, со онакви мали касети. Ладно е, ама се собираме пред „Лондонче“ на Картерот, правиме круг околу диктафонот, и со краен напор се обидуваме да ги одделиме звуците на песните од френетичните реакции на публиката. „Ходенжеее“, пееме на глас, вртејќи ја на народно. Од виното.

Сигурно многумина кои ќе ја прелистуваат новата Македонска рок енциклопедија ќе се најдат во слична ситуација, своите интимни спомени да ги споредат и врамат во поголемата слика, на она што се случувало паралелно со она што ним им се случувало, да ја трасираат хронологијата на настани кои меморијата понекогаш ги извртува, па дури и целосно измислува, да се покајат што можеби биле премногу немарни кон чувањето на спомените кои денес се дел од една поинаква и често маргинализирана историја на македонската култура. Но некои луѓе биле посвесни и многу повредни, па ја завршиле хроничарската работа за нас. Ги има, или треба да ги има, во секоја култура, за да го раскажат она што другите не го памтат или намерно го премолчуваат. Тошо Филиповски, долгогодишен новинар, организатор на музички настани, радио водител, пасиониран собирач и документарист на македонското рок-наследство, е тој човек кај нас.

„Мигот во кој се наоѓам сега - го пишувам овој предговор, последниот текст за Енциклопедијата - го сонувам точно две децении“, вели тој на почетокот на книгата, односно на крајот од нејзиното создавање. Педесет и пет години музичка историја, биографии на 333 бендови, 500 страници, 400 фотографии. И овие бројки не би значеле ништо, да не се вградени во методолошки крајно издржан и со душа изработен производ, со кого може да се гордееме, повеќе отколку со голем број таканаречени „енциклопедии“ и разни други „капитални“ изданија, кои во истите тие дваесет години произлегоа од оваа култура, а беа дотирани „шаком и капом“ од разни гарнитури.

Оваа на Тоше не се обидува да му прави лице некому на сметка на некој друг, не е пишувана за тој да биде избран за советник во кабинет на Министерот за што-и-да-е, и е изработена колку што е можно почесно во однос на вистинитоста на податоците, до кои често доаѓал со речиси детективски методи. Неговиот проект е истражувачки, иако можеби не бил претходно осмислен како таков. На музичарите им биле испратени над 1000 прашалници, со очекување дека одговорите ќе ја формираат базата на книгата. Но резултатите биле разочарувачки - самите бендови како да не сакале да бидат овековечени во историјата. Критериумите за тоа кој ќе влезе во списокот исто така се менувале и прилагодувале на објективните околности, но никогаш не се темелеле на некаков вредносен предзнак, туку само на доказите за историското постоење на бендот или музичарот.

И ако тргнувате со мисла дека ќе ги знаете повеќето од „енцилопедиски единици“, почнувате да се сомневате дали воопшто сте живееле во земјава последниве децении, затоа што половина од имињата на бендовите никогаш не сте ги слушнале. Изохипси? Потоп, Премиер? Еригон од село Росоман? Демир Хисар од Скопје? Да не е енциклопедијава спомените за голем дел од вклучените екипи веројатно би останале само во приватните архиви и спомени на засегнатите. Некои од нив, како и двајца од погорната приказна за тој подрум од Козле, одамна не и меѓу живите.

Честитки на Тоше и на неговите соработници за одлично спакуваната книга, со сите тертипи (индекс, дискографија на бендовите, италици, болдови, транскрипции, врвче за одбележување страници, тврда корица, подарок ЦД, потпишана, со број на издание, чуда, врагови). И да го послужи ентузијазмот и здравјето за уште најмалку два тома составени од материјалите на кои се уште работи, а за кои после ваков прв можеби ќе има повеќе спонзори и заинтересирани соговорници.

(од вчерашната промоција, 08.05, МКЦ)

Илина, Букбокс

9 мај 2018 - 09:59