Позајмено интервју

Чак Поланик: „Ми ги украдоа парите, ама тоа е ок“

Во интервју за Гардијан американскиот писател зборува за новата книга, различните облици на екстремизам и зошто тоа што ги загубил скоро сите пари е „некако фино“.

Оваа година била тешка за Поланик (кого до сега упорно го транскрибиравме како Паланиук). Прво од рак умрел таткото на сопругата. После сфатил дека целиот приход од последните неколку години му бил украден од сметководител во агенцијата која го застапувала. На врв на сè се самоуби неговиот пријател Ентони Бордејн, со кого во 2007 снимија емисија за гастрономските бисери на родниот град на Поланик, Портланд.

Во моментов тој предава пишување во истиот град, и е останат без пари, па најверојатно ќе мора да ја продаде куќата додека не заврши судскиот процес. Сепак вели дека чувството не е толку лошо. „Пишувањето најпрвин ми беше начин на заштеда, затоа што додека пишуваш не трошиш. Сега ова е начин да му се вратам. Има и поважни работи во животот. На пример свесноста дека јас сум човекот кој дојде до тука, па бидејќи сум истиот, тоа значи дека пак можам да измислам нешто навистина силно и интересно“.

Ваквиот оптимизам тој вели дека го црпи, меѓу другото, од ставот на Бред Пит. Кога го снимале „Боречки клуб“ Пит не бил особено среќен со некои филмови кои ги имал направено претходно, на пример со „Запознајте го Џо Блек“. Но велел дека секој филм е антидот на оној кој тукушто си го направил, дека вистинскиот благослов на неуспехот е единственото нешто кое ти овозможува изолација и време повторно да се најдеш себеси. Ако постојано нижеш успеси го немаш тој период на сонување на јаве, низ кој би измислил нешто оригинално и ново.

Најновата книга на Поланик која излезе летово, „Ден за прилагодување“ (Adjustment Day), е сатирична фантазија во која Америка доживува вооружен бунт. Слично како и во „Боречки клуб“ од 1996, банда агресивни мажи формираат братство и вршат насилства, кои во книгата е опишани во хорор детали. По бунтот САД се самосегрегира во бели и црни етно-држави, Кавказија и Блектопија, додека ЛГТБ од сите етнички групи ја преземаат Калифорнија, и ја преименуваат во Гејзија.

Книгата не беше баш нешто ентузајастично пречекана од критиката, која споредувајќи го „органскиот“ нихилизам на неговото најпознато дело со атмосферата на новата книга, втората ја нарече „уморна шок тактика“.

„Многу малку од она што го пишувам е измислено - повеќето е новинарство“, вели Поланик во интервјуто. Во текот на истражувањето за романот, тој разговарал со групи кои веќе промовираат американски етно-држави, вклучително и со белата „Американска ренесанса“. И Калифорнија би можела да се подели на три држави по референдумското гласање во ноември. Во меѓувреме движењето „Инсел“ на мажи во недоброволен целибат постојано го цитира „Боречки клуб“ како пример зошто не треба да се потценуваат обичните фрустрирани мажи.

„Ова покажува колку малку опции имаат мажите во смисла на метафори: некохенрентен инвентар од слики. Го имаат Матрикс - со многу црвени и сини таблети, и го имаат Боречки клуб. Останува уште Друштвото на мртви поети, каде мажи одат во пештера и си рецитираат песни, ама тоа сигурно нема да го прифатат“. Жените, вели Поланик, имаат многу повеќе книжевност на располагање како инспирација кога се во прашање женските социјални структури, дела кои би им помогнале да се поврзат.

Сепак, вели дека „Боречки клуб“ не бил замислен како родово обоена поука. „Повеќе станува збор за ужасот на тоа дека ќе живееш или ќе умреш без да разбереш што и да е што е важно за себе“.

Со оглед на годината која ја поминува, Поланик ја има ваквата шанса на претек.

Извор: Гардијан

21 јули 2018 - 11:04