Букбокс од лице место: На гости кај Ајнштајн во Берн

Без оглед дали во Музејот на Ајнштајн ќе одите како на научен аџилак, или само за да си купите маица со неговата слика со исплазен јазик, тука ќе дознаете многу повеќе отколку што сте очекувале. На пример дека човекот имал и кец во свидетелство, дека никогаш не носел чорапи и дека парите од Нобеловата ги вложил во станови кои потоа ги издавал. Мислете си вие дека физичарите се луди...

- А за колку се стигнува од железничка до музејот?
- (Придушено, „мамли“ смеење) Сè е релативно!

Посетата на музеј посветен на најголемата (а можеби и единствената?) рок ѕвезда од областа на науката повлекува ваков Big Bang Theory хумор, особено ако во друштвото има и асли физичар, подготвен на реметење. Лукавиот план дека би можеле покрај него да добиеме некаков попуст сепак пропаѓа - дечкото на каса не е воодушевен од идејата да ни постави тешка задача, и ако ја решиме, да нè пушти гратис. 18 франци по човек, бите.

Ајнштајн живеел во Берн од 1902-1909 и тука ја развил својата Теорија на релативност. Во главниот град на Швајцарија дошол откако добил работно место во Федералната канцеларија за интелектуална сопственост, како асистент-проценител. Во 1903 тој и неговата сопруга и колешка од факултет Милева Мариќ се преселиле во стан на третиот спрат на Крамграсе 49 во центарот на градот, со што започнал негов плоден интелектуален период. Во него тој успеал да го објави својот прв научен труд од областа на термодинамиката, да ја одбрани докторската теза на Универзитетот во Цирих, но и да формира кружок пријатели под авто-иронично име „Олимписка академија“, со кој редовно мезел и дискутирал за наука и за филозофија.

Сето ова кулминира во 1905, негова annus mirabilis или чудесна година, во која објавува дури четири револуционерни статии, што му обезбедува слава во академскиот свет, на возраст од само 26 години.

Оттаму и „логиката“ Берн да му посвети спрат од својот историски музеј, со поставка која не е нешто посебно интерактивна, но е импресивна во една друга смисла - по начинот на којшто го сместува ликот и делото на овој научник во историскиот, но и во културолошкиот контекст во кој тој живеел. Тоа се детали кои на прв поглед застрануваат од главната нарација, но всушност ја збогатуваат на неочекуван начин. Така, оваа изложба станува неколку изложби во една, подеднакво пресек на турбулентната прва половина од 20 век, колку и животна приказна на еден човек кој влијаел врз идеите на истиот период, поврзани не само со науката, туку и со културата воопшто.

Жолтата налепница наместо влезница е во најмала рака необичен дизајнерски избор, особено затоа што првата просторија е посветена на Ајнштајн како Евреин - неговите предци и семејство, кое додуша не било религиозно. Изложени се книгите кои Алберт ги читал на околу 12-годишна возраст, меѓу кои четирите тома на „Космос“ од Александар фон Хумболт од 1845, и Кантовата „Критика на чистиот ум“, која ја совладал на 13. Во текот на животот научил по малку италијански, француски и англиски, но не бил талентиран за јазици - вели еден од натписите, додавајќи го и битниот биографски факт, дека Алберт „не сакал да носи чорапи бидејќи му се потеле нозете, па најчесто одел во влечки, бос“.

Ваквиот полушеговит тон се провлекува и во другите белешки, пресликувајќи го шармот кој веќе се насетувал кај малиот Ајнштајн, кој уште повеќе доаѓа до израз на училишна фотографија каде стои до соученик-мргуд. За вториов не е наведено ништо, но со голема сигурност може да се тврди дека не добил Нобел.

Изложени се и свидетелствата од основно и од гимназија, на кои, на воодушевување на присутните деца („ете, гледаш!“) е очигледно дека Алберт не бил бубалица. Освен одличните оценки по природни науки, има по некоја тројка и четворка, па дури и еден болдиран кец, по физичко.

На 16 години полага приемен на Универзитетот во Цирих. Иако не го постигнува потребниот број бодови во генералниот дел, заради исклучителните оценки по физика и математика сепак е примен. Во истата генерација, помеѓу шесте студенти е и единствената девојка - Милева Мариќ, која подоцна ќе му стане сопруга. Нивниот заеднички живот во Берн е илустриран со статистички податоци: дознаваме дека Ајнштајн заработувал 1.95 франци на час, што било доволно за да ја издржува фамилијата (жената и тогаш едното дете), споредено со 0.54 франци за ѕидар или 0.29 за текстилна работничка. Кило шеќер чинел 0.56 франци за што Ајнштајн требал да работи 17 минути. Презентирани се и условите за живот на средната класа, начинот на кој се одржувала хигиената, се переле алиштата или се одело во ВЦ. И ништо од ова не е ни безначајно, ни релативно.

Следи покривањето на неговите чести патувања, студиски престои, но и околностите во кои тие се одвивале - Првата, а потоа и Втората светска војна. Испреплетени со неговиот турбулентен приватен живот (разводот со Милева и бракот со братучетката Елза), тие делуваат како историски роман за измислена личност - симбол на сето она низ што поминал светот во својата понова историја. Но и покрај често погрешно припишаните цитати, и митологијата околу неговата личност, Ајнштајн бил сепак многу реален. Дека и покрај својата ноншалантна појава добро знаел што прави во практична смисла, покажува и податокот дека парите од Нобеловата која ја добил во 1922 ги потрошил на три згради со апартмани на централна локација во Цирих, за становите да ги издава, а со тие пари, меѓу другото да ги обезбеди Милева и двата сина кои ги имал со неа.

Секако, изложбата содржи и панели и екрани кои колку што е можно поедноставно ги објаснуваат неговите теории и научен придонес. На пример, начинот на кој патува светлината, со видео на дедо маскиран како Ајнштајн и девојче кои се возат на ескалатор и со себе носат светилки. Иако девојчето трча многу пред дедото по скалите, светлината од обете светилки има иста брзина. Или начинот на кој во 1919 била потврдена општата теорија на релативност, со набљудувања на позицијата на една ѕвезда при затемнување на сонцето, кои покажале дека гравитацијата може да се толкува како закривеност на просторот. Да, и анимација за специјалната теорија на релативност во која присутниот физичар најде дидактичка грешка - двете топчиња во неа паѓаат и отскокнуваат од земја со иста брзина, а би требало телото кое паѓа како што се приближува кон земјата да се забрзува, што пак би влијаело и врз брзината по неговиот одраз. Оној кој ова ќе го забележи би требало да заслужи барем гратис кафе во кантината.

Но овие детали за оној кој дошол во Музејот на Ајнштајн како во музеј на „бушавиот со исплазен јазик“ и не се толку битни. Повеќе остануваат во сеќавање интересните вмрежувања на луѓе (неговите пријателства и соработки со Фројд, Тагоре, Чаплин), но и тажната вистина, дека човекот кој целиот свој живот бил против војната и дискриминацијата од секаков вид бил токму оној чии научни откритија овозможиле користење на нуклеарната фисија како оружје.

„Сети се на својата хуманост, и заборави го сето останато“, гласи реченица од манифестот кој Ајштајн го напишал заедно со филозофот Бертранд Расел во 1955, среде Студената војна. Сепак најчесто цитирана реченица која би требало да ја опише релативноста, а која тој најверојатно никогаш не ја кажал е - „Кога седиш со убава девојка два саата мислиш дека поминала минута, ама ако седиш на жешка печка една минута тоа ти изгледа како два саата“. Или како што рекол извесен Пеце по предавањето на Ајнштајн во Битола, а не добил ни франк од Нобеловата -

Не мојш бе чоек така.

Илина, Букбокс

11 јуни 2019 - 11:12