Денес на „Киненова“

Букбокс гледаше: „Без датум и потпис“ (2017)

На програмата на фестивалот Киненова денес, понеделник 8.10, ова е филм за вината и малите нешта кои предизвикуваат големи последици.

Патологот доктор Нариман една ноќ несакајќи удира со колата во мотор на кој се вози цело четиричлено семејство. Бебето плаче, жената е уплашена, мажот изнервиран, но тој е најзагрижен за осумгодишното дете кое покажува симптоми на блага несвестица и болки во вратот. Не викаат полиција, а докторот како отштета нуди пари и ги упатува на блиската болница. Ги следи и им блиндира кога минуваат крај клиниката, но тие не застануваат.

Следниот ден телото на момчето е донесено мртво во болницата на докторот. Негова колешка врши аутопсија и заклучува дека причината за смртта е ботулизам - труење со храна.

И покрај ваквата дијагноза Нариман не може да се ослободи од чувството на вина. Дали момчето би поживеало ако не се случеше несреќата? Зошто самиот не го однесе во болница?

Во меѓувреме таткото Муса се соочува со сопствените демони. Затруеното месо самиот го купил за евтини пари од блиската кланица и практично си го убил детето давајќи му да јаде од него.

Така, филмот станува студија на два машки лика, секој со своето бреме од настанот. Но додека докторот-интелектуалец со него се соочува со преголема доза на интроспекција и калкулација кои го инхибираат и му ја одложуваат реакцијата, сиромавиот Муса дејствува инстинктивно, немајќи веќе што да изгуби.

И кога конечно ќе се спојат парчињата од приказната, не само што е предоцна за сите, туку гледачот и понатаму останува да се прашува - од што навистина почина детето? Од лошо третирана болест, од несреќен случај или од сиромаштија? Од себичност на докторот кој не пријави во полиција затоа што му истекла сообраќајната, или од непромисленост на таткото кој од немајкаде купил заразено пилешко? Од такви кои воопшто продаваат животински трупови некому за и самите да преживеат, притоа не почитувајќи ги основните човечки и божји закони? „Де, де, ко да купив замок со парите“, се правда фабричкиот работник соочен со гревот што го направил, и самиот приморан да прехрани семејство.

Вториот филм на Вахид Џалилванд, после големиот успех на неговиот дебитантски „Среда, 9 мај“ покажува дека иранската кинематографија има уште многу да понуди после Оскарите на Фархади за „Разделба“ и „Продавачот“. Со нетрпение го очекуваме неговото следно остварување, можеби уште една потресна и универзална приказна како оваа.

8 октомври 2018 - 08:25