Букбокс акција: Раскажувам лектира (за награда)

Летото некако традиционално се поврзува со време за читање, а можеби тоа е навика од детството, кога единствената обврска за време на распустот беше да се прочитаат лектирите. И тоа не беше лоша работа, и се уште не е.

Само, проблемот настануваше кога ќе дојдеше време за обработка на лектирите во текот на годината. Како се викаа ликовите? Што воопшто се случуваше во книгата? Немавме навика на „фаќање белешки“, а изгледа и денешниве деца си ја преценуваат меморијата (се разбира оние кои навистина ги читаат лектирите).

Почнуваме нешто што се надеваме дека ќе биде серија објави на вакви потсетници за прочитаното, направени од деца, кои можеби ќе им служат на други деца. Единствен услов е да ги оставите сами да пишуваат, па макар и не било совршено. Она што ќе го оценуваме не е (толку) правописот и граматиката, колку дали е разбрано она што е прочитано, и како тоа е доживеано. За ова второто да се стават и ѕвездички, од 1-5 (1-многу досадна, 2-се чита, ама со сила, 3-ок, ама ништо посебно, 4-ја прочитав со задоволство, 5-ептен добра, пак би ја читал/а).

Сликајте го напишаното така да е читливо, и само со име и возраст на детето (не мора презиме и училиште) испратете ни го тука, најдоцна до 1 септември. Повикот се однесува само на основци. Сите пристигнати текстови ќе бидат објавени, а за да ги поттикнете домашните (си знаеме дека не е лесно), за најдобро раскажаната лектира ќе има и награда - школски прибор во вредност од 1.000 денари за новата учебна година.

За почеток еве еден прилично краток но јасен преглед на она што се случува во лектира за седмо одделение, вон конкуренција за награда. Да успееше да ја зипува во една реченица, веројатно ќе речевме дека во него се крие некој следен Хемингвеј:)

Лектира за 7 одделение
„Втора смена“ од Велко Неделковски
*****

Во оваа книга станува збор за едно дете по име Николче, кој оди на летување во Струга и таму запознава машки, женски, големи и мали. Меѓу женските се запознава со едно девојче по име Маргарита. На Николче таа му се бендисува, ама и други деца ја сакаат.

Тој нема да ја заборави првата љубов.

(Иван, 11 години)

20 јули 2018 - 14:19