Бубашвабата што стана премиер: нова книга на Јан Мекјуан

Модерна верзија на „Преобразба“ на Кафка, која е истовремено и политичка сатира, новиот краток роман на Мекјуан под наслов „Бубашваба“ главно се однесува на Британија. Иако политиката насекаде е полна со гнасни инсекти.

Најновата новела (краток роман од 100 страници) на Јан Мекјуан почнува вака: еден инсект кој живее во Вестиминстер, по име Џим Самс, се буди и сфаќа дека станал премиер. Тој сега има само четири екстремитети, голема глава, а единствен остаток од старата кафена черупка е црвеникавата коса.

Претходната вечер Џим заминал од дома, како и секогаш шетајќи низ канализацијата. Но во еден момент се одделил од своето вообичаено јаство и потпаднал под влијание на многу поголема сила-водилка - колективниот дух и неговото „феромонално несвесно“. Иако изгледа како обична бубашваба во човечка форма, тој може да сфати сложени интелектуални концепти, како на пример значењето на „Велс“.

Примарната задача на овој премиер е да воспостави тн. „реверсализам“ - економска политика која е изгласана на референдум, а подразбира обратен проток на пари - вработените да ги плаќаат вработувачите, касиерите муштериите. Опозиција се тн. Клоквајзерс („Напредни“, во насока на стрелките на часовникот) за кои Реверзалистите сметаат дека ја враќаат Британија назад. Додуша има и ултра-реверзалисти, терористи, кои обезглавуваат луѓе како реакција на статус-квото во кое е земјата, заглавена помеѓу едната и другата фракција. Воден од својата внатрешна бубашваба, премиерот станува Реверзалист и сфаќа дека и неговите колеги кои минале низ сличен процес на паразитизам, сега се на исто мнение, иако претходно можеби застапувале поинакви ставови.

Не е потребна кој знае каква анализа за да се сфати симболиката и врската со моменталната состојба на британската политика. Сепак, во книгата се разработуваат и пошироки идеи на напредок и регрес, на течењето на времето (има нешто и од физика, од вториот закон на термодинамика), на парадоксалноста на бинарноста минато:сегашност итн. Ние додуша при првиот поглед на корицата со инсект со британско знаме не помисливме ни на Кафка, ни на Брегзит туку на - Битлси.

4 октомври 2019 - 18:33