Британски студенти префарбале песна од Киплинг

Универзитетот во Манчестер реновирал една од зградите, и на ѕидот ја испишал песната „Товарот на белиот човек“ од Радјард Киплинг. Студентите се организирале и ја замениле со друга.

Пред некое време пишувавме за несреќниот потег на британскиот политичар Борис Џонсон, кој во бившата англиска колонија Мијанмар (поранешна Бурма) и во најсветиот будистички храм во оваа земја, сосема нетактично ја рецитираше „Патот за Мандалеј“ на Киплинг, чии стихови можат да се толкуваат како славење на колонијализмот.

Истиот писател сега е повторно повод за скандал. Синдикалната организација на Универзитетот во Манчестер, откако ги реновирале своите простории, на еден од ѕидовите ја испишале неговата песна „Товарот на белиот човек“ (целата на англиски тука). Таа е напишана по повод Филипинско-Американската војна (1899-1902) , а во неа поетот ги повикува САД да преземат колонијална контрола над нивниот непријател. Вообичаената интерпретација на текстот е дека го слави расизмот и одговорноста на белците за цивилизирање на тн. „трет свет“.

Студентите се побуниле против ваквиот избор, и на своја рака го замениле текстот на ѕидот со песната од Маја Ангелу, Still I Rise. Нивното образложение било дека сакаат да ги актуелизираат „црните и кафените гласови“ кои вообичаено се бришат од историјата. За иронијата на случајот да е поголема, самата зграда, таканаречената Лидерс Лонџ, го носи името на јужноафриканскиот борец против апартхејдот, Стив Бико.

Синдикатот во меѓувреме се извини што не ги консултирал студентите при изборот на песната, но некои од британските познавачи на делото на Киплинг велат дека обидот тоа да се нарече „расистичко“ е „неверојатно сурово и површно“.

Киплинг е роден во Индија во 1865, а најпознато дело му е „Книга за џунглата“ објавена во 1894. Во 1907, тој стана првиот писател од англиското говорно подрачје кој доби Нобелова за литература.

19 јули 2018 - 16:05