Нова студија на еден меѓучовечки однос

Боже, чувај ме од пријателите

Пријателството е еден од оние концепти кои интуитивно ги препознаваме, но кој одолева на обидите да се дефинира и рационализира. Една нова книга се обидува да го стори токму тоа.

Ентони Клифорд Грејлинг (1949), англиски филозоф, во новата нова книга со едноставен наслов „Пријателство", прави преглед на историјата на обидите да се разбере што е тоа пријателство, како пријателот се разликува од љубовникот, познаникот или сојузникот, и какви морални последици повлекува ваков однос со друго човечко суштество. Притоа тој анализира филозофски дела на оваа тема, но и познати пријателства од Библијата и книжевноста (Илијада и Одисеја, Енеида), до пријателства помеѓу самите писатели, како она помеѓу поетот Артур Хенри Халам и Алфред Тенисон. На крај дава видувања за пријателството, врз основа на сопственото животно искуство.

Дел од проблемот на дефинирањето на пријателството е чисто лингвистички. Како што во англискиот има разлика меѓу „пријател" и „најдобар пријател", така во македонскиот има разлика помеѓу „другар/ка" и „пријател/ка", а пак двете се разликуваат од „познаник". Во ерата на Фејсбук „пријател" може да значи и некој кого дури ни лично не го познаваш.

Но во филозофска и психолошка смисла она што е најважно е спрегата на нашата со личноста на некој друг. Според Аристотел (Никомахова етика) „пријателот е второ јаство", а слично на ова Цицерон во „За пријателството" вели: „во лицето на вистинскиот пријател го гледаме нашето друго јас". Ваквата дефиниција не ни кажува многу, освен тоа дека нашите пријатели главно ги бираме така за тие да личат на нас. Но постои и спротивна традиција, на тврдење дека пријателите (исто како и интимните партнери) ги бираме не според она колку тие се исти со нас, туку напротив, затоа што имаат карактеристики кои нам можеби ни недостасуваат. Но дали може да се биде вистински пријател со некој кој има различни политички или етички убедувања од нас, или тоа се сепак краткотрајни површни сојузништва, кои потклекнуваат пред првата ситуација во која ќе дојдат до израз суштинските разлики во двата светогледи.

Она што му се замера на авторот на оваа студија е одбегнувањето да ја земе предвид популарната култура и нејзините описи на пријателството. Со тоа е пропуштена голема прилика да се биде (по)релевантен, затоа што токму филмовите, сериите, популарната музика, и другите производи на популарната култура се преполни со материјал на оваа тема - од пријателството помеѓу Кирк и Спок од „Ѕвездени патеки", серијата „Пријатели" или „Со мала помош на моите пријатели" од Битлси.

И на крај, вечното прашање: дали различните полови можат да имаат несексуално пријателство? Дали е анти-комплимент ако некој за сопствениот партнер изјави дека му е „најдобриот пријател"? И дали пријателството трпи голема разлика во години, или тогаш повеќе се работи за однос на учител и ученик? Дали може да се биде пријател со животно? Можеби наместо да инсистираме на само еден вид пријателство и да се обидуваме да го сместиме во тесните филозофски калапи, мораме на концептот да му оставиме простор да дише, и секое пријателство да го третираме одделно. Затоа што тоа е, како што велеа некогашните споменари, „ѕвезда која небо краси, пази је да се не угаси".

Рамбо Амадеус - „Пријатељу“

22 октомври 2013 - 18:47