Бизнисмените што учат од комичарите

Звучи шашаво, ама изгледа помага - компании плаќаат на стенд ап комичари да им ги обучуваат вработените, за овие да знаат како да комуницираат, да раководат, да продадат. Сето тоа низ смеа и хумор.

Како што известува Економист, бројот на компании кои ја користат комедијата како начин да ги подобрат таканаречените „меки вештини“ на своите вработени е во подем. Она што тие сакаат да го развијат - „применета импровизација“ - на прво слушање звучи „суво“ и неинтересно. Но тоа е точно она што се случува на сцената при настап на стенд ап комичар, а кое може во секој момент да му се најде на секого во деловна смисла, кога треба нешто да се испреговара, да се изменаџира или да се продаде.

Клубот The Second City од Чикаго е стар 60 години, а во него имаат настапувано легенди од типот на Бил Мареј, Стив Карел и Тина Феј. Но тој истовремено е и место за одржување семинари со раководители, луѓе од маркетингот и други корпоративни типови. Нивни досегашни клиенти биле луѓе од Твитер, Гугл и Фејсбук, а и други фирми, како МекДоналдс, Најк, Моторола и Нисан веруваат дека испраќањето на извршните директори на часови по комедија може да помогне во извршување на секојдневните работи, особено кога станува збор за односи со колеги и деловни партнери.

Стотици компании сметаат дека хуморот може да поттикне сериозно „латерално мислење“ (креативен пристап кон решавање на некој проблем), но и таква реакција кон туѓите идеи која нема да ги сосече во корен дури и оние кои можеби имаат потенцијал. Вежба за импровизација на спомнатите семинари, на пример, се нарекува „Да, и“ и од учесниците бара да прифатат и да развијат каква и да е сугестија од колега, колку и таа да е бизарна. Во ваков полежерен контекст можат да се кажат и глупости, а сепак тие да доведат до нешто корисно. Или барем да предизвикаат смеа.

извор (целиот текст со претплата)

9 октомври 2019 - 09:29