Биологот кој се самоубил затоа што бил обвинет за измама

Утрински сурфајќи по телевизиските канали за расонување, во кадар ни прелета Дејвид Атенборо и неколку интересни клучни зборови: биолог, жаби, самоубиство. Не бевме раат дур не прочепкавме за што станува збор. 

„Сите листи на научни измами го вклучуваат случајот на Пол Камерер (1880-1926)“, гласеше воведната реченица на статијата што прва ја исфрли Гугл. Од неговите колеги-современици, тој бил обвинет дека ги фабрикувал експерименталните резултати со жабата-бабица (midwife toad), за да докаже дека искуствата со кои се соочува одредено животно во сопствената околина, и карактеристиките кои тоа ги развива како последица на истото, можат да имаат директно и наследно влијание врз неговото потомство. Така тој се ставил на страната на следбениците на францускиот природонаучник Ламарк, кој сметал дека корисните карактеристики за одреден вид се наследуваат, како во случајот со жирафата, која во својот примитивен вид (краток врат и кратки нозе) морала да се истегнува за да ги достигне високите лисја, со тоа развивајќи подолг врат и нозе, својства кои потоа ги пренела на следните генерации жирафи.

Во моментот на обвинувањето Камерер важел за еден од најпознатите еволутивни биолози на своето време. Тврдел дека неговите експерименти докажале дека вообичаено земни видови, како спомнатата жаба, може да се навикне да живее и да се репродуцира во вода, доколку се чува во вештачки загреана околина. Овие модифицирани „водни“ жаби положувале јајца кои се развивале во жаби кои имале вродена преференца да живеат и да се репродуцираат во вода, ДУРИ и ако биле растени во нормални, незагревани средини. По неколку генерации на ваквите (машки) жаби им се појавувале дури и мастилави, задебелени „палци“ (nuptial pads), кои отсуствуваат кај нивните земни „колеги“. Кога Крамерер ги споил „водените“ мажјаци со нормални земни женки, добил стопостотни водни жаби уште во првата генерација, а три четвртини во втората. Оттаму, модифицираните својства според него биле наследувани согласно Мендеелевите генетички правила (оние со гравчињата што ги учевме во основно).

Но, во 1926 негов колега Г. К. Нобл го испитал последниот и веќе престар примерок на ваквата вкрстена жаба, и открил дека во прстите ѝ било инјектирано индиско мастило за тие да личат на задебелените и темни „палци“. Дури и во време пред постоењето на интернет хејтери, скандалот бргу се проширил и целата дотогашна кариера на Камерер била доведена во прашање (целата приказна е опишана во книга на неговиот современик, писателот Артур Кестлер). Тој велел дека нема поим како мастилото завршило во жабите, и до крај одлучно се држел до исправноста на своите теории. Неколку недели откако било покренато обвинението за измама, тој се самоубил со пиштол во шума близу Виена. Противниците ова секако го сфатиле како чин на признавање на вината.

Но подоцнежните откритија во молекуларната биологија покажуваат дека епигенетските промени кај поединецот (такви кои се резултат на модификација на поединечни гени, а не на промена на самиот генетски код) може да бидат наследени од неговите потомци. Познати се примери на мајки кои биле изложени на голема глад во тек на Втората светска војна, за потоа нивните деца да покажат повисока стапка на прекумерна тежина и одредени ментални проблеми, кои понатаму биле пренесени и на следната генерација. Така, модерната генетика можеби ќе го рехабилитира името на Камерер, кој додуша и во свое време бил свесен дека можеби ќе наиде на отпор помеѓу колегите. Така, последниот пасус на една од неговите научни статии гласи:

„Се надевам дека моето дело ќе помине подобро отколку она на мојот славен претходник, Мендел; дека ќе си најде корисна примена во науката и економијата пред смртта на авторот и пред да поминат многу децении“.

15 февруари 2019 - 15:11