8-те книги кои се инспирација за филмовите номинирани за Оскар

Oваа недела беа обелоденети номинациите за 91-то доделување на најпрестижната филмска награда. Ако не можете во моментов да најдете некои од филмовите, не очајувајте. И онака книгата најчесто е подобра.

Еве некои од номинираните филмови во различни категории, чија содржина е инспирирана од книги:

„Да можеше Бејл стрит да зборува“ од Џејмс Болдвин

Роман од 1974 на легендарниот автор за млад пар чија врска запаѓа во криза заради лажно обвинување за силување. Номинацијата се однесува на категоријата за споредна улога, за актерката Реџина Кинг.

„Кралицата на Шкотите: вистинскиот живот на Мери Стујарт“ од Џон Гај

Биографијата на австралиско-британскиот историчар послужила како инспирација за филмот на Џоси Рурк. Главната улога на кралицата која почнала да владее кога била стара само една недела è припаѓа на Сирша Ронан. Филмот е номиниран за шминка и фризура и за костимографија.

„Првиот човек: животот на Нил А. Армстронг“ од Џејмс Р. Хансен

Рајан Гослинг го игра астронаутот во овој биопик на Демјен Шазел посветен на вистинскиот човек на Месечината. Филмот, кој заработи номинација за звук, е базиран на популарната биографија на Хансен за морнаричкиот ветеран и астронаут роден во Охајо.

„Ќе можеш ли некогаш да ми простиш?: мемоари на еден книжевен измамник“ од Ли Израел

Мелиса МекКарти доби номинација за главна улога за нејзиното портретирање на Израел, биографка која почнува да фалсификува писма од книжевни легенди за да заработи некој долар. Биографијата на Израел од 2008, која беше контроверзна и во времето кога излезе, е базата за филмот на Мариел Хелер.

„Кањонот сиот од злато“ од Џек Лондон

Краткиот расказ на Лондон за трагач од дивиот Запад кој пронаоѓа огромна жица злато служи како основа за една од шесте вињети во „Баладата за Бастер Скрагс“ (го игра Том Вејтс, Букбокс осврт тука). Филмот на браќата Коен доби номинација за адаптирано сценарио.

„Црниот припадник на Кланот: раса, омраза и неверојатната тајна операција“ од Рон Сталворт

Филмот на Спајк Ли доби повеќе номинации меѓу кои и такви за најдобар филм, режисер и адаптирано сценарио. Тој е базиран на одличниот мемоар на Сталворт, црн американски детектив од Колорадо кој во 1970-тите успева да се инфилтрира во Кју Клукс кланот со помош на својот бел колега.

„Мери Попинс“ од П. Л. Траверс

Серијата од осум книги на Траверс за омилената магична дадилка е инспирација за „Враќањето на Мери Попинс“, филмот на Роб Маршал со Емили Блант како Попинс. Хит особено помеѓу оние кои го имаат гледано и сакано оригиналниот филм од 1964, тој е номиниран во повеќе категории, меѓу кои оригинална песна и продукциски дизајн.

„Сопругата“ од Мег Волицер

Глен Клоуз ја добива својата седма номинација за филмот на Бјорн Рунге, во кој глуми со Џонатан Прајз и Кристијан Слејтер (Букбокс осврт тука). Филмот е базиран на мрачно-комичен роман од 2003, за познат писател чија сопруга одлучува да си ги следи сопствените книжевни соништа наместо да ја игра улогата на тивка жена која е постојано во сенка на својот маж.

извор

Целиот список на номинации тука

24 јануари 2019 - 08:51