Златна Бубамара

Бојс за трајни вредности

Наградата за Трајни вредности оваа година ќе му буде доделена на Драган Каранфиловски-Бојс, композитор на голем број хитови во повеќе жанрови од популарната музика: рок, поп, песни за деца, шансони.

Во својата солистичка кариера како кант-автор Драган Каранфиловски-Бојс ги создаде: Опасно сум вљубен во тебе, Бели нарциси, Валерија, За мене најдобра, Лулај ме нежно, Зелен шал, Парижанка, Весела романтика, Афричко лето.

Кариерата ја започнал во рок музиката кога во 1973 година ја формирал групата Македонија. Своите најголеми успеси, како автор и музичар ќе ги оствари откако во 1975 година ќе стане член на тогаш култната битолска група Мадригали, преименувана подоцна во Трн во око. Со овие групи ќе ги сними своите најпознати рок песни: Здраво млади, Македонски рок, Битола, Македонија, Скопски блуз, Плати една дупла, Марш да те нема, Зошто јас човек сум мал, Чудна игра, Битола.

Со групата Мадригали, на гитаријадата во Зајечар во 1977 година ја освојуваат првата награда од публиката и првата награда од музичкото списание Џу бокс.

Мадригали настапиле и на фестивалот Младина '77, а следната година на истиот фестивал, но со новото име Трн во око, оствариле голем успех со Млад ерген ама што сум.

Од опусот со песни за други пејачи мошне популарни беа:Јануарска ноќ (Зафир Хаџиманов), На минус 23 (Трајче Манев),

Моја Латина (Дарио и Миг 21), Искро моја(Игор Џамбазов), Штипската пастрмајлија(Питер Џон Босе), Една игра јас и ти(Даниел Поповиќ), Заведи ме(Верица Каранфиловска).

Неговата 100% Те љубам(XXL) со која Македонија учествуваше на Евросонг 2000, е несомнено една од најхитовските песни со кои Македонија учествуваше на Евровизиските фестивали.

Драган Каранфиловски-Бојс има богат албум од песни за деца, од нив голем број хитови. На фестивалот Си-До во Битола изведени му се хитовите: Прва љубов, Наташа од Трето три, Боби баш ми е гајле, Ало амбуланта, Лифт стори, Флај Мики флај. На Златно славејче се испеани детските хитови: Песна за Скопје, Песна за Вардар, Мама Ели, Ви се колнам жими лепче, Роденденска песна. За ТВ емисии ги напиша : Горане мој Горане (Дајте музика,МТВ), Мамина маза (ТВ Сител).

Драган Каранфиловски-Бојс го иницирал и три години го водел фестивалот за тинејџери Старс фестивал во Битола, каде своите први чекори на музичката сцена ги направија: Влатко Илиевски, Ѓорги Крстевски, Мелани, Верица Каранфиловска и Билјана Павлеска.

31 јануари 2014 - 08:43