Јас...

Зборував со човек осуден на смрт

Да не даде Бог, еден ден да треба со жив мртовец да зборувате. Во очите да не даде Бог смртта едвај заобиколена да ја видите. Севишниот да ве чува од приказни како некој близок се чека на јаже да го гледа публика. Да не даде Бог предвреме да умирате без пенкало од кое тече животен сируп инсулин наречен. Уште помалку да помислувате како да спасите некој кој чека во смрт да биде вратен порано или подоцна. 

Сини папучи за низ дома ми видоа очите низ прозорот од нашиот лимен контејнер во кој кроиме бегалски судбини. Песок и камење шилесто се пикаa во гумата едвај видлива. На папучите пишуваше нешто, не се сеќавам најдобро на кинеската извезена порака.

Нозе сламки ги влечеа памучните налани, зениците ми посведочија. Извалкани евтини фармерки ги прикриваа чачкалиците од месо човечко тук - таму исполнети. Мозочни флешови ми ја вратија сликата на неисцицаните докрај смолени фишеци кои шушкаа под јазикот детски. Социјалистички реминисценции.

И јакна некоја сина како небото над Табановце беше закачена на тело - офингер, закопчана докрај да штити од некого, од нешто. Сувото тело уште толку повеќе го оптеретуваше некој ранец голем колку и желбата да дознам зошто усните се испукани, а гласот изгубен во обид да каже тој жив мртовец нешто.

Се гледа дека во некој кал пливал, дека ползело негде тоа тело скоро метар и осумдесет и пет високо. Дека се борел со сопствената слобода, очите ми видоа. Во 21 век, некој уште по слобода пека и сонува.

Едната нога ја следи другата во полициска придружба, глас строг ни најави дека живиот мртовец од болница ни доаѓа. Отпусна листа на четири страни во рацете, еве ви го, снаоѓајте се. Тимор го видов надвор, златниот ни бегалец - преведувач кој и персиски јазик разбира. Тој пак од Авганистан ни доаѓа. Од онаа небиднина со афион и америчко семе злокобно посадена. Преведувај ми Тимор, воведи ме во светот и судбината на овој несреќник што на македонско тло залетал.

Тимор се наведна кон мртовецот. Не се слушаше персискиот добро од грлото и гласните жици кои едвај ги напињаше Иранецот. Вели го боли при голтање, зарипнат глас излезе од коравите тенки усни со бели кристал заби исполнети. А на листата со болд букви забележано – дијабетес да се лекува доживотно.

На буквата к изгледа му почнуваше името, сега се мачам да се присетам. Мртовецот во кома некаде кај липковските села бил пронајден. Талкал со денови со проклети криумчари, а подоцна паднал во кома поради компликации на кетоацидоза. Жива среќа што бил пронајден. Рацете да им се исушат на оние кои го ограбиле, кои го газеле додека лежел како пцовисано куче на пат најдено.

Како првпат да гледам бегалец, срцето пред глетката наеднаш ми се скрши. Гледам жив мртовец од Иран доовде заакан, глетка секојдневна, а сепак трогателна. Извадив од шкафчето јогурти, кифли, не прашав чии се, седнав до него и вперив поглед во тие трепки долги накај челото извиткани.

Јас сум Сандра, преведи му Тимор, заповедав. Јас и моите луѓе сме тука да ти помогнеме, немој да се плашиш од нас, на сигурно си мој пријателе. Кажи ми што да ти спремиме за јадење, кажи ми која црна мајка те роди вака несреќен, на чиј плускавец стапна та жив остана во џунглите липковски. Која црна несреќа те донесе овде за да ние сега те жалиме, гледајќи го твоето тело исушено налик оние од Треблинка излезени.

Тој побегнал од смртна казна, како чекан во гонг удираа зборовите на Тимор од Иранецот прераскаaжни. Пред три години, иранските власти на Божја правда како што вели, него и братучедот за шпионажа ги обвиниле. Ги следеле, ги мачеле на полициски ислушувања, а подоцна на братучедот и смртна казна му препишале. Со бесење. Онака како во филмовите. Како во, за нас, сцени само во Холивуд видени.

Не сум ничиј шпиун, се колнам во гробот на татко ми. Иран е политичка гробница, Диктаторска творба. Таму сите се државни непријатели. Сите од глава на Ахмадинеџад дека му мислиме сме обвинети. Затоа и побегнав. Затоа сега таму со смртна казна ако се вратам ќе се соочам. Братучедот кај и да е ќе го обесат. И мене требаше. Како куртулив, не знам ни самиот, шепкаше нашиот жив мртовец стоплен од неговата лева страна со моја рака на раме негово положена.

Не знам што ми стана, што толку тешко срцето неговата судбина ми ја прими и во забрзан ритам ја отчука смртната казна и глетката како виси пред публика. Тие трепки извиткани кон челото ги гледав на еден момент како цвеќе полско овенати. Чачкалицата од живо месо не ќе бара јаже дебело. Овој човек и со два прста можеш да го задавиш. Да го плукнеш, ќе го умреш ако посакаш.

Го сместив во големите шатори. Трчав да му најдам лекови како јас да го имам родено. Исчувано. Донесов со Црвен Крст три рала чорапи, ѕиври, пакет за лична хигиена и ќебиња две од Високиот комесаријат за бегалци набавени. Армија луѓе ангажирав да го легнеме. Да го заспиеме. Ноктот отчепен рече многу го боли, па завои докторите наврзаа, нокт веќе непостоечки да залечат.

Цел ден го ѕиркав јали е жив мртовецот наш мигрантски. Тој по новата класификација сега е економски. Не доаѓа од воено жариште, па тие таквите не ги сака никој, па и ние овде што за смртна казна едвај нешто и да знаеме. Ретко и да сме слушнале. Уште помалку со некој кој избегал од столчето на џелатот, јогурт и кифла на иста клупа да јадеме. Рака на раме и насмевка кон таквите? Бог да чува, нек се гони, од каде дојдовте – да не дојдете, Орце патриотот на увце да ви запее едвај чекате. Тие се заразни, тие се тие со кои јас ден од јуни лани поминувам, и оние со кои живеам и се гордеам. Да не беа тие, не ќе знаев како изгледаат две нозе од граната исечени. Дека го стегаат протезите не ќе видов со очите ми македонски, Не ќе гушкав дечиња без мајки овде дојдени. Сираци. Воени страдалници.

Еве ден втори како не го имам видено Иранецот на смрт осуден. Утре белким во кампот ќе го затечам. Се надевам жив е, пошто пенкало со инсулин му имаа дадено докторите од Клиника. А ние овде се токмиме во Болница да го одведеме. Ние кои бегалците доследно си ги чуваме. Не дека мораме. Ние хуманите така одбравме. Така сакаме.

Јас со човек на смрт осуден зборував. Со оној кој кога кажав да се сликаме, исцери насмевка. А и прст како знак дека ќе успее. Слободо проклета, ете зошто си најсвета. 

У пичку матер да иде и он, и јас која со жив мртовец зборував.

Земи го ако изрази самиот желба, Македонијо. Дај му азил, спаси го. Не дека овде смртта не доаѓа, но барем уште немаме сила, и јажиња на плоштад да окачиме. Ние овде поинаку на смртта гледаме. Додека Персијците незаслужено ја пречекуваат предвреме, ние овде барем едно знаеме.

Ние полека умираме.

Сандра