И Струга have a dream

Un mondo difficile

И сè е тоа убаво, дури и прекрасно на моменти, особено кога соновите ќе почнат да стануваат јаве, и кога нешто сепак ќе те опоменува дека ''цело е кога има сè'', и кога на едно место се и сонот, и неговото остварување, и сеќавањата. Убаво е и кога ќе ја напуштиш Преспа и Македонија, и ќе видиш и сто пати поубави котлини и држави, а сепак тие места кај што си се родил ќе ти останат и дом, и родно место, и татковина, и носталгија.



Се раѓаш во провинција, сoсема случајно. Понекогаш поради тоа што на твоите предци преку глава им дошол поголем град. Но, и да бев роден во некоја метропола,  сепак и таа ќе беше провинција во однос на некоја друга метропола, па затоа со раѓањето, се раѓаат и соништата. Соништа да освојуваш, но не со оружје, ами со копнеж да го освоиш секој нов хоризонт што ќе се појави пред тебе. Исто како планинарот кој освојува врв, и кој штом ќе го освои, ќе здогледа друг и ќе тргне кон него, па потоа тој ќе стане следен негов предизвик, а од таму, следниот здогледан и така до бескрај...

Нејсе.

Убаво е кога живееш во незнаење, кога се воодушевуваш на она што те опкружува и кога гордо констатираш дека нема поубаво од Преспа и Македонија.

А убаво беше и времето кога години наназад, освен Фиќо, 101, Лада и Фиат,  ќе се забележеше и понекое странско и скапо возило со кое дошол на одмор некој наш печалбар, а ние како оси ќе се соберевме околу него нагаѓајќи колку кубици и коњи има, колку е гравирано, во исто време сонувајќи дека секој од нас ќе стигне до некое такво еден ден.

Убаво беше кога го гледавме и навивавме за ФК ''Преспа'',  копнеејќи некогаш да го гледам мојот Јувентус. Убаво беше кога се бањавме по цели денови во Отешево, а замислувавме колку е прекрасно на Азурниот брег. Убаво беше кога се организираа локални изложби на детски цртежи на тема НОБ, а копнеев да го видам Лувр и Мона Лиза.

Убаво беше и кога се собиравме да ги слушаме Конџоли и Персиди телепортирајќи се на некој спектакуларен концерт во светот во исто време. Убаво беше и кога ќе видевме авион, кога трчавме по него викајќи: чичко пушти летки, чувствувајќи желба некогаш да се извозам во такво чудо. Убаво беше и кога се дотерувавме и лицкавме угледувајќи се на познати и јавни личности,  и сакавме многу луѓе да нѐ познаваат и сакаат.

Убаво беше и кога гледавме Бушава азбука и сонувавме да стиснеме рака и да се запознаеме со Ана, Бодан, Влатко. Убаво беше кога Данацот го доби првиот компјутер на кој се собиравме да играме со денови, посакувајќи секој од нас да има таков. Убаво беше кога по стоти пат го гледавме ''Платеникот'' на Леоне учејќи цели фрази од него, горејќи од мерак да ја видиме убавата Клаудија Кардинале.

И кога ги загледувавме во младешки години девојчињата беше убаво влегувајќи во филм дека еден ден може да ја видиме дури и Наоми. Убаво беше и кога над отворениот атлас патував со мисли во многу земји и запознавав многу различни луѓе, а седев во мојата ученичка клупа во прв ред. Убаво беше и кога пуљевме вести и кога гледавме политичари, претседатели, премиери,  замислувајќи си еден ден да исчекориме со таква свита на некој настан.

И кога го учевме првиот дијалог со Анри и Силви по француски беше убаво, верувајќи во можност да го усовршиш твојот француски во Париз, на Сорбона. Убаво беше и кога читавме весници и гледавме ТВ,  гледајќи се себе си некогаш кога ќе пораснеш на екраните или низ печатените страници.

Убаво и забавно беше и кога со Нани го гледавме италијанскиот филм ''Мојот другар Папата'', кога низ смеа коментиравме: бооо, замисли да са сретниш со Папата.

И сè е тоа убаво,  дури и прекрасно на моменти, особено кога ќе почнат соновите да стануваат јаве,  и кога сепак нешто ќе те опоменува дека ''цело е кога има сè'', и кога на едно место се и сонот, неговото остварување и сеќавањата. Убаво е и кога ќе ја напуштиш Преспа и Македонија,  и ќе видиш и сто пати поубави котлини и држави, а сепак тие места кај што си се родил,  ќе ти останат и дом, и родно место, и татковина, и носталгија.

И кога ќе имаш пристојно Ауди, а си се возел и со Порше и со Ферари, и со што ли уште не, а сепак со радост ќе се сеќаваш на подигнатиот капак на стапче на скуваното фиќо на Ѓавато.
Кога многупати ќе одиш на големи стадиони гледајќи убави натпревари, и кога од трибини ќе го бодриш Јувентус, а ќе се јавиш на другарите да прашаш: а бе, шо напре Преспа со Мешеишта?
И кога ќе одиш на кафе во Монако,  и очите ќе ти се наполнат од тиркизот на Азурниот брег, а ќе се сетиш на долгите песочни плажи на Крани и на пријателствата стекнати на нив.

И кога ќе го посетиш Лувр, Орсеј, Националната галерија и што ли уште не, и кога ќе ги видиш од Леонардо до Моне, Мане до Модиљани, а сепак ќе се запрашаш кај ли исчезна големиот портрет на Тито од Стоковната куќа. И кога ќе останеш со подотворена уста од спектаклот на Жан Мишел Жар и други големи концерти,  и ќе се сетиш на неповторливата боја на саксафонот на татко ти и сè што си научил за музиката од него.

И кога ќе имаш стотици часови во воздух летајќи од град до град, од континент на континент а притоа констатираш дека светот е навистина мал.

И кога ќе станеш јавна личност, и кога многумина ќе те почитуваат, фалат и сакаат, а некои ќе те мразат, додека во срцето ќе знаеш дека сестра ти е таа што и покрај сѐ, те сака најмногу и без интерес.

И кога ќе ја научиш не само твојата азбука, ами и неколку други,  и кога ќе ги сретнеш  и Влатко,  и Бодан, и кога Ана ќе ти каже дека се радува на познанство, а тебе во глава ти пее А, Б, В, Г.... И кога веќе во секоја соба и во секоја торба имаш компјутер и игри,  а упорно ја бараш Space Invaders да те врати во детство.

И кога ќе одиш во Венеција на концерт,  и кога на излегување ќе се ракуваш со една убава дама во години која ќе се претстави како Клаудија, а ти ќе се сетиш на веќе излижаната видео касета со Вестерн шпагетите. И кога на Бриони ќе дојде фотограф и ќе праша дали може да те фотографира затоа што после Наоми со која си се разминал на само неколку чекори, ти си втора најголема атракција (секако поради несекојдневноста човек во мантија да се забележи таму),  а ти се потсетуваш на твојата прва љубов, на твојата прва симпатија.

И кога атласот веќе не ти треба од што го знаеш на памет,  а во себе си мислиш преку глава ми е веќе од патувања - сакам дома. И кога ќе станеш веќе досаден декор на политичките свити на разни приеми (домашни и странски),  а ти се гади од политиката и цела валканост нејзина.

И кога со студискиот престој во Париз, Анри и Силви ќе ти станат секојдневие а ти им благодариш на наставникот и професорката за основата на јазикот. И кога пречесто ќе те има низ весници и телевизии, и кога некој констатира дека така лечиш фрустрации и се трудиш да излезеш од анонимност, а ти се сеќаваш на зборовите дека одиш во манастир за да умреш за светот.

И кога ќе се сретнеш со Јован Павле, Бенедикт и ќе се фотографираш со нив, а знаеш дека поголема радост ти причинува кога Џесика ќе ти каже: фала бате за пелените за сестра ми.

И кога ќе го изгледаш ''Големата убавина'',  и ќе сфатиш дека станува збор не за убавина ами за голема таштина (ништост, суетност и бесмисла), а пред очи ти се појавува фреската каде што Aвва Сисој го наоѓа гробот на Александар Македонски и ја оплакува над него суетноста на овој свет, несомнено ќе сфатиш дека и оној кому и светот му бил мал, сега и гробот му е преголем,  и ќе се замислиш дали имаат смисла соништата.

Сепак... Убаво е да се сонува, ама соништата да не станат твоја опсесија па и да си спремен на сѐ за да ги реализираш.

Уште поубаво е еден ден да ти се исполнат тие соништа.

Но...

Најубаво е да не летаме во облаци кога тие ќе се исполнат,  и во исто време да знаеме дека не треба да се трескаме од земја ако не дојде моментот на исполнување. Најважно е да научиме преку сопствените соништа, остварени или не, дека убавината е во едноставноста и зачувувањето на човечноста преку неа. Тогаш може да се надеваме и на вечната убавина.

А соништа имало и ќе има,  и ќе нѐ радуваат и ќе нѐ растажуваат.

П. С. Сите ликови и настани не се измислени. Сите се и сеќавања и остварени соништа.

29 април 2014 - 01:34