мир Мирче, стој Стојче, трпи Трпе...

Стратегија врз поговорки

Би сакал сите да замислиме како би ни се движела историјата, во последниве стотина години барем, кога не би се врзувале за некои сомнителни поговорки, туку со максимите на нашите револуционери. Сигурно и денешницава а и иднината ќе ни беа повесели.

Одсекогаш ме фасцинирале народните мудрости, поговорките. Ме насмевале, ме замислувале, ми се потврдувале, ме носеле на своите крилја низ времето, ама и ме терале да барам законска можност со Устав да се забранат некои од нив, со надеж дека ќе ни тргне потоа.

Денес, кога поради одморот не патувам низ географијата, поговорките повторно ме понесоа на патување низ историјата на своите крилја, па еве истото ќе го започнам со една можеби не најстара ама, барем според мене, најштетна поговорка за нашава состојба денес. Поговорка која отсекогаш страшно ме нервирала, па затоа ја ставам на прво место: наведната глава сабја не ја сече. Мора да е стара повеќе од 600 години. Што, инаку, ќе ги мотивирало нашите предци да чекаат 500 години за дигање на Илинденско востание? Ама, молчи, се смениле барем за кратко работите па после 5 века таа се заменува со онаа: многу арно не е на арно, па дигнале глава за промена. Го размрдале арното, ама тогаш, многумина виделе и на своја кожа осетиле како се потврдила старата дека сабјата навистина отсекла некоја дигната глава, ама и се покажало дека духот на народот поубаво дише со дигната глава, па макар и меч или сабја да ја покосила. Сепак, низ историјата си споменуваме и славиме многу исечени глави, а на наведнатите никој и не се сеќава.

Нејсе, тогаш се дигнале главите и минал тој период. Арно ама, не требало многу време за во мода да влезе една понова: викај ме и грне, само не ме крши. Па така, окупаторите кои редовно при влегувањето во Македонија се претставувале како ослободители и обединители на грнињата, веднаш им менувале и имиња и презимиња, а овие, пак, биле главно среќни, бидејќи не ги кршеле. Се тресам од помислата да не се актуелизира оваа поговорка во лошо време, на пример, кога би се подготвувале за референдум за името.
Сигурно на наша штета, а на радост на окупаторите одела и онаа: да би м'дро (мирно) седело, не би чудо видело или не би модро носело. Модрото сигурно не било во мода во тоа време, па го избегнувале и си седеле м'дро нашите. Чудото им било за џабе и да го видат. Па, нели, една друга вели: секое чудо за три дена? Да носиш модринка која ќе трае подолго од самото чудо или да ти летне главата за тридневен спектакал било луксуз, па сигурно си викале "скраја да биде".

Има во сѐ ова една народна мудрост која цело време одела во наша "полза". Преку неа сме покажале дека не сме глупави. Еве ја во прилог поговорката: глуп (прост) народ, силна држава. Ние секогаш сме биле паметни, оти во спротивно, ако сме биле глупи, согласно со поговорката, ќе ни била силна државата и ќе сме отфрлеле поробувачи. А ние сме останувале во ропство, ни страдала државата. Еве јас и денес сум во сериозна дилема што е подобро да сме си ние паметни, а државата да ни е слаба или, пак, обратно. Се менувале времињата, па кога веќе станувало критично да се подзаборави на оваа поговорка, во мода влегла една понова, социјалистичка, во времето после НОВ. Сите ја знаеме оти сѐ уште ги трпиме последиците од неа: учи за да не работиш. Се заучивме сите, станавме уште "попаметни" а државата уште покилава. Е да, се докажавме како паметни, ама последиците од нашата памет не ги трпи само државата, туку и нашите стомаци, а се плашам и нашите идни поколенија.

За арно или за лошо, сега во последно време, гледам, зајакнуваме како држава, стануваме некако посилни. И гледам, не било сé така црно со оваа поговорка. Кога се увидело дека може цела историја да се темели на поговорки, се родила, веројатно, и идејата за иднина заснована на поговорки. Тоа ми ти изродило бре, цела стратегија. Сега некако ми станува јасно зошто имаме задолжително образование, па наплив на факултети и универзитети. Немаме можност да направиме атомска бомба, ама сепак: и ние имаме коњ за трка. Тоа било нашето оружје во битката со оваа корумпирана и несовладлива Европа. И Америка нека не биде безгрижна, оти и со неа војната тивко си ја тераме. Да ја кажам или не стратегијава, прашање е сега! Ама, се надевам странските држави бидејќи се силни имаат глупав народ, (според логиката на споменатата мудрост), глупавиот нивни народ не знае македонски за да прочита и да ни ја уништи стратегијата. Затоа еве: мечка страв, мене не страв, ќе ја кажам.

Значи, школуваме млади луѓе, ги обучуваме и тие стануваат паметни. Како такви, паметни, во согласност со поговорката, се обратно пропорционални со силата на државата или, поедноставно кажано ѝ штетат на силата на државата. Затоа ги испраќаме надвор, низ западноевропските силни држави и Америка. Ние на тој начин стануваме сѐ посилни како држава, оти им даваме можност на глупите и простите да си ја преземат државата и да ја зацврстат со самиот простотилак од една страна, а од друга страна, западот станува сé попаметен со приливот на нашинците и со тоа им слабеат нивните држави. Додека имаме образование ќе имаме и сила и моќ. Прашање на време е кога ќе се види: кој коси, а кој вода носи. Како нус појава правдата, за жал, ќе побегне од кај нас оти: кај има сила, нема правдина. Ќе ни се покори запад, ама па ќе ѝ наштетиме на црквата, бидејќи: сила Бога не моли. Тогаш би требало да бидеме и многу богати согласно: кај што текло пак ќе тече, а течело кај нас барем за време на Александар. А запад ќе падне ниско на колена, бидејќи: кој високо лета, ниско паѓа.

Убаво ми звучи ова, ама сепак, јас повеќе би сакал да важи онаа поговорка дека: каменот си тежи на местото, па сите паметни или глупави да си сме дома и да си ја сакаме државата силна или слаба, ама не е до мене, индивидуализмот си го прави своето.

Исто така, би сакал сите да замислите како би ни се движела историјата, во последниве стотина години барем, кога не би се врзувале со овие поговорки, туку со максимите на нашите револуционери. Сигурно и денешницава а и иднината ќе ни беа повесели. Замислете, наместо Гоцевата: јас го разбирам светот како широко поле за културен натпревар на народите, да сме ја земале онаа другата негова: кој има две срца нека остане тука, кој има едно, ама машко, нека дојде со мене, или Дамевата: подобро ужасен крај, отколку ужас без крај, кај ќе ни беше крајот. Можеби ќе немавме сега бавчи за натпревар ама ќе имавме нешто многу повеќе, ќе имавме бодар дух, слобода, исправена кичма и дигната глава, (неминовно под закана од нечија сабја) ама горда и достојна за историја.

2 јули 2013 - 14:20