Занес без основа

Ова наше поднебје секојдневно е збогатено со такви фарси и комични ликови, што не е ни чудно што сме прераснале во сеирџии како народ. И додека сите спремаат пуканки за класични теми од типот „туѓа несреќа" или бич фајт, или расправање на социјални мрежи, јас својот сеир го носам на едно поинакво ниво, односно, широкиот дијапазон на...

... ЛУЃЕ ШТО СЕ ЗАНЕСУВААТ БЕЗ ПОКРИТИЕ.

Тоа се, генерално, обични луѓе, често медиокритети, често незадоволни од своите достигнувања и често со бесконечен број оправдувања зошто е тоа така. Секогаш е некој друг крив, секогаш е „е таков сум, што да праам" или, вечната „проклета влада".

Но, ова е сепак, многу широко објаснување.

Обично таквите луѓе имаат крајно високо мислење за себе, не се знае по кој основ. Нешто се, као, „поинакви", нешто „подлабоки" само што се некако несфатени. Они многу подобро ја разбираат работата од тебе и сега они ќе ти објаснат за да сфатиш.
Тоа се понекогаш, луѓето кои со константна употреба на комплексни синтагми, банално адаптирани неадаптибилни интернационализми и со конверзација за причинско-последичната врска меѓу економската ситуација во Уганда и егзистенцијалната потреба на Македонецот се обидуваат да ја истакнат својата начитаност и нагледаност вести и Дискавери. Често лупаат со приучени термини и често ги грешат во муабет.

Еднаш, на еден настан, сретнав еден тип, чиишто текстови имам читано, а имам и ѕирнато некои негови кратки филмови. Текстовите ствар на вкус, филмовите за грев. И он као, потпрен на ѕид, Џејмс Дин фаца, пуши цигара и ме гледа подзамижано, можете да ја замислите сцената?! Чека дали ќе го познаам. Како бре, да ти пријдам, непријатно ми е што седиш така, ревносно наместен за постер! Си пројдов како поред турски гробишта, па да видиш како можела да се спушти ногата и да се има нормален став на телото... И зошто толку трансови? Дека снимил филмче и пишувал текстови? Е, де? Браво. Али скромност је врлина.

После на ред доаѓаат луѓето што „многу работат" и „многу се битни во фирмата". Тоа се тие типови што на кафе доаѓаат вечито уморни и објаснуваат колку многу директорот ги замарал на состанок, па ти знаеш ли каков притисок е тоа, па ти знаеш ли дека на одмор не ме пуштаат, не можат без мене да издржат... Во вакви случаи, можно е понекогаш да е стварно така, а во случаите јас што ги знам, обично не e. А единствената причина што мислиш дека ти е тебе најтешко, е тоа што другите не се жалат кај стигнат и немаат порив да истакнуваат колку многу, најмногу на свет работат.

Или, ах тие жени. Никогаш не сфатив зошто се има потреба да се збори во суперлативи за себе? Или да се истакнува колку си во нешто добар, па да се приложат и докази. Ако е така, само ќе се каже.
- Знаеш, јас затоа што многу се разбирам во уметност...
- Знаеш, јас имам убави нозе.
- Знаеш, јас сум атлетски граден...

Модерното време го донесе терминот „attention whoring", а социјалните мрежи го доведоа до совршенство. Па она суптилно ќе каже дека не носи прслук, па како во кревет и е најудобно во мрежасти чорапи, или „суптилни" сексуални алузии, или „аман, човек глава не може да дигне од удварачи". Туф, туф! А често се работи за нешто што сакаш да го погалиш од што ти е жал. Плус, тоа се истите девојки што лепат на профил слики во купачи, а мене ми викаат „Добро, како не ти е срам да се сликаш по гаќи?" Да се надоврзам, во категорија „жени што се занесуваат без покритие" спаѓаат и сите оние што мислат дека се премногу добри за секој што ќе им се приближи. Па онда, нејзиното хард ту гет преминува во една гротескна претстава каде што она фршти од лутина што, ете некој се осмелил да и се обрати, па не знае ни да се однесува во негово присуство, па љута, па „таква сум", па „што има он мене...". И после He-Man на 30 години... E па, He-Man. Се разбира, ова однесување се коси со плачот за внимание што го емитува, ама јас мислам дека He-Man е сепак крив за све. Имам другари што многу лесно би го срочиле решението.

Онда, има луѓе што стварно многу постигнале и стварно се неверојатни на своето поле. Ама тенка е линијата помеѓу ексцентрик на кој му простуваш за такво однесување и недоквакан квази-интелектуалец што после ти служи за мајтап, особено кога ќе се обиде да ти се обрати од високо. Симпатично.

Наравоучение, да се повторам:
Скромноста е доблест, да се потрудиме да не ни се смеат.

Јана

nultapozitiv@yahoo.com

10 октомври 2012 - 17:27