Пред 30 години

Скопски приказни

Добро мамо, и јас сум шетала ко Луда Мара од кафич у кафич, ама ова вашево е веќе олимписка дисциплина – Како да излезеш во 7, да поминеш 10 кафичи, да се видиш со луѓе и да се вратиш дома во 10, затоа што ќе ти се дере татко ти дека во понеделник не се излегува.

Има нов вирус на Фејсбук. На мое големо задоволство, а очигледно и на 3350 луѓе (за сега), вирусот се вика Скопски Приказни. Толку многу работи му се случија на овој наш град, што редно беше да се јават неговите крвни зрнца и да го вратат пулсот на неговите заспани витални органи.
На толку вложен труд и пари во споменици и барокни згради, искача дека џабе везете, затоа што виталните органи на Скопје се кафаните, кафичите, парковите и многу места познати само на два-тројца, или на два-триесет души или можеби на цела една генерација.

На најфраерските генерации кои ги изградија темелите на ноќниот живот во Скопје, што раѓаат љубители на Скопје или ги едуцираат во своите кафани, им ја посветувам оваа колумна. Ја пишувам со помош на едно непроценливо парче, каде што еден детски памет несвесно запишал дел од историјата на Скопје, не таква каква што може да се прочита во учебник или енциклопедија, туку сведоштво на едно време, за кое моментално тие заразени 3350 души ревносно евоцираат спомени.
Значи, ви вадам информации од дневникот на Џина, се разбира со нејзина согласност. Чисто како информација, на првите страни после календарот за 1983-та година, се наведени „Praznici u Jugoslaviji".

Идеме.

02.01.1983
...Се договоривме да одиме во Џаџо. Бевме до таму, ама Џаџо беше затворен и отидовме во Софра. Беше многу убаво, само што јас не бев многу расположена. На враќање сите отидоа со такси, а јас, Сања и Еди стопиравме едно фичо.
...
Да се надеваме дека фичото имало само шофер, и ич други луѓе.

07.01.1983
Одвај станав во 7ч. Во школо беше досадно ко и обично. После часови, јас, Сања, Грета и Снеже отидовме до трговски и ги сретнавме Тања и мајка и. Купиле од Борово 5 пара чизми. Грета, Сања и јас земавме од тетка Зоре пари и си купивме. Јас и Сања бордо, Грета плави.

Некои работи не се мењаат. Џина и денес си се враќа со пет пара чизми, 20 пара менѓуши и 3 кошули од град. Единствено Борово не е веќе модерно.

19.01.1983
Денес спиев до 10. Станав, се облеков и до 11 ја читав „Леш у библиотеци" од А. Кристи. После отидов кај Сања и се договоривме да одиме пред Камел во 1.
Прво бевме до гимназија да си ги земеме книшките (Поминав мн. добра), а после отидовме пред Камел.
...
Вечерта бевме во 511 со Сања, Снеже, Тони, Иво и Чокре, па после во Јурист и на крај седнавме во Вардарче. Си поминав многу убаво, одавна не сум се смеела така. Вицовите беа генијални.
...
Заборавив. Се договоривме со Чокре да одиме во кино, ама од 17ч. немаше карти. Отидовме пред Камел и до „новинари" ама беше затворено, па свративме кај Тони.

21.01.1983
...Го сретнавме Наум и не однесе до град. Се симнавме пред Путник и се сретнавме со Куно. Поминавме пред Турист, Грин и Џули и отидовме пред Камел. Иво сакаше да одиме во Маџо, ама ние со Чокре отидовме на забава кај Игњат.
Во 21ч. со Биба отидовме стоп до Томас, а после пак во Камел. Таму беа Зоки, Гоце и Бато. Седевме до 22.15ч.
Дома бев во 22.30ч. Мајка ми ми се љутеше, ама брзо се смири. Седевме до касно и и раскажував за вечерта.

27.01.1983
...Во 17ч. ми се јави Бато и ми рече да дојдам вечер пред Камел, дека имал нешто важно да ми каже.
Немав време да се облечам (не знаев што да облечам; све облеков и ништо не ми се свиѓаше), и се јавив на Грета и и кажав дека ќе дојдам со Иво пред Камел. Тања, Снеже и Сашка отидоа во Турист, а јас и Иво бевме во Бони, па пак пред Камел, па во Томас, па пак пред Камел (аман бе, мамо?!). Дојде и Бато и ми го кажа тоа важното (му требало прашак за перење).
Во автобус ги сретнав Снеже, Тања и Сашка. Биле во Џули, Бони, Ани и тениско. Иво не викна утре на кафе, па заедно да одиме пред Камел. Не знам више што да облечам (вечити проблем).

Добро мамо, и јас сум шетала ко Луда Мара од кафич у кафич, ама ова вашево е веќе олимписка дисциплина – Како да излезеш во 7, да поминеш 15 кафичи, да се видиш со луѓе и да се вратиш дома во 10, затоа што ќе ти се дере татко ти дека во понеделник не се излегува.

*Објаснување за прашакот, за тие што не им текна: Бато бара прашак затоа што во тоа време се дефицитарни прашак, зејтин, кафе и слично, а мајка и на Џина имаше колонијал.

28.01.1983
...Жути ми направи коктел по негов избор од не знам што и малку ми се смути.
Во 21.30ч. се качивме (внимателно) јас, Сања, Снеже, Тања, Иво и Биба во фичото на Бато и не однесе до Стара железничка. Дома бев во 22.10.
Не ми се спие и слушам на радио полноќна програма. Има многу убави песнички.

СЕДУМ во фичо! Тоа се тие 80-ти, каде што фичо успева да однесе 7 (повторно со букви: седум) души од точка А до точка Б. Исто така, наредниот ден, колку да знае Жути цел ден и било мука од коктелот.

02.02.1983
...Се облеков и во 9 ми се јави Иво. Се договорил да го чекаме Густав на семафори во 9.30. Отидовме во 9.40, дојде Густав, па се вративме до кај мене да земеме леплива трака. Околу 10 бевме во Белви. Во 11 дојде и Златко. Назад се вративме со стоп. Ни застана едно комбе и не качи сите.
Јас, Сања, Густав и Златко се симнавме во Чаршија да купиме јажиња, а Иво отиде право во Камел.

Ова, почитувани Скопјани, значи дека за неколку дена е 30-годишнина од отвoрањето на дискотеката во Белви.

05.03.1983
...Му се јавивме на Иво и рече дека не знае дали ќе може да ја земе колата за во Белви.
...Околу 19ч. бевме пред Камел. Иво беше без кола и отидовме со такси до Белви (ни зема 30 000). Густав направи стварно добра журка.

***

Е па, среќна 30-годишнина од диското во Белви :)
Ова е само јануари, и почеток на февруари драги мои. Ако добро памтам, понатаму следат записи за журки и отварања, што значи, ова може да има и втор дел затоа што јас со задоволство ќе споделам  на што друго може да се слави 30-годишен јубилеј.

Во меѓувреме, ви посакувам содржаен ноќен живот.

Кој сака да прати дневник на увид: nultapozitiv@yahoo.com

Јана

3 февруари 2013 - 20:05