А реков дека нема да пишувам за серии...

Значи просто им љубоморам на фановите на турски серии. Којзнае колку е прејако чувството, опседнат си со 2-3 серии, и ги гледаш од сабајле до вечер, сосе репризи, а во меѓувреме има реклами за претходните и наредните епизоди, значи едно општо бањање во твоите слатки телевизиски задоволства. А ти слободно време колку сакаш.

Како да е малку од сабајле до вечер тоа, па тоа, во меѓувреме еден од најсаканите македонски водители им ги доближува и интимно со прашања од приватниот живот. И после зошто не гледам телевизија. Затоа што не можам каде и да свртам да слушам како кенкаат, стенкаат, раѓаат, се лапаат и ги воспитуваат своите деца некои чудни гласови залепени на некакви непознати фаци.

Се обидувам да се ставам во нивната ситуација. Да седнам од сабајле пред телевизор - Game of Thrones. Во меѓувреме реклами за следната епизода Game of Thrones. Па продолжува епизодата, па завршува, па почнува документарец за снимањето. Па завршува тоа, па почнува емисија со сцени од снимањето на трета сезона. Па уште една епизода. Па после реприза од епизода од прва сезона. Па да разбиеме монотонија со Fellowship of the Ring, дека нели сродно, Шон Бин. Па Питер Динклиџ на интимен разговор кај Драган Вучиќ кажува како ја започнал својата кариера. Па уште една епизода. Па пошто е стигнато веќе 2 саат сабајле, реприза од горенаведеното.

Се потресов од задоволство.

Сега уствари појасно ми е како им е на сите тие луѓе опседнати со идиотските турски серии.
Исто така ми е јасно и дека луѓето од немајкаде ќе гледаат тоа што им сервираш.
Очигледно некој сака да бидеме глупи, затоа што не е тешко да се сервираат умни серии и филмови наместо глупи собитија на патријархални семејства и богоугодни сцени со силување, каде не гледаме чин (фала богу, уште тоа фали), него дожд и лисја. И онаа Ферхунде кенка. И пази, молим те, прва епизода ја силува, 20 милиони епизоди покасно, они се во брак. Среќни и тоа, она го сака.
ДА МИ ОБЈАСНИ НЕКОЈ?!

Брат ми доаѓа еднаш од школо и вака почнува муабетот:

-Пушти (не знам која беше, еве нека биде) Зет-Домазет.
-Не може.
-Значи Јана, пушти, сакам да гледам.
-Не може. Зошто?
-Па цело одделение гледа.

Таман пред да си го кркнам ножот, 3 ипол минути откако погледа детето, се откажа затоа што серијата е бескрајно глупа. Отиде да гледа Top Gear.
Али, цело одделение гледа турска серија. Не знам дали ја сфаќате сериозноста на ситуацијата. Не знам дали напишав веќе некаде, за споредба, дека после еден зимски распуст, не толку многу далечна '96-7-ма година, се вративме во школо воодушевени од „Монструм" со Роберто Бенињи. Сите го гледавме. А сега ова.

Не знам од кај толкав мерак упорно да се откупуваат тие серии. Ме теши моментот што, хронолошки гледано, народот се презаситува, па едно време имавме нонстоп шпански, ги прекинаа, па нонстоп португалски – ги прекинаа, па сега и овој врв на телевизиска глупост се надевам дека ќе го прекинат. Само се надевам дека следниот бран ќе биде некоја храна за ум, душа, очи и уши, наместо во недостаток на комшиски трач да се пуниме со ѓубре. Да не заборавиме дека меѓу целото телевизиско ѓубре има вести. И филмови од претходниот век.

Тогаш, до следниот бран - Замунда. И странска телевизија, наместо овие бедни изговори за телевизиска станица.

Јана

nultapozitiv@yahoo.com

29 ноември 2012 - 14:23