Сам свој мајстор: Отцепи се професионално

Уште една независна република се отцепува од Македонија

Си-Ен-Ен си дроби во позадина, а јас на аутопилот сум загледан во мониторот на лаптопот ко да го гледам Коперфилд низ Кинески ѕид. Од време на време ќе ме пресече како канадски дрвосеча мислата дека ако не слушам вниматенlо известување во живо од референдумот во Шкотска, ќе им промакне некој глас при броењето и ќе изгубат независност само затоа што јас на секунд наместо да слушам новинари, сум земал да ја прегледувам галеријата од неодамна одржаниот Мис Брждани 2014.

А сакам пусто Шкотско да биде независно, јер осеќам дека нашите гајдобијни браќа ќе извадат страшно добро виски за прослава (шо е скроз хумано) плус Енглезите ќе видат еднаш во живот КАКО Е, ХАХА, додека ние, фрустрираните души со постојано место на живеење Балкански полуостров, ќе тераме мерак ко наше дете да игра главна улога во оваа претстава. Ништо не губиме, Англија ќе цвичи и некогаш тоа е и повеќе од доволно.

Ама денес не е голем ден само на Островот. Шкотска касни цели 20 и кусур години зад една друга република која за независна на плоштадот Скендербег во Скопје ладнокрвно ја прогласи Хали Баба Невзат Халили пред 40-те сведочиња. Референдумот за неа бил одржан веднаш по осамостојувањето на Македонија, се вика република Илирида и Си-Ен-Ен не кажува ни збор за неа иако е грандиозно државиште кое територијално зафаќа околу половина од Вардарскиот дел на Македонија (уопште не се прошириле во Егеј па да искористиме гужва, мамицата).

Оваа сериозна државна творевина најавена од најширокото раководство на Илирида во состав од претседател, генерал и уште еден за да се тројца, посеа страв кај многу Македонци кои во најавата за формализирањето на новата черешна која ќе се дели од Мајка Македонија препознаа нешто веќе видено и намерно заборавено.

Ама, падна резил на прогласувањето на републиката од типот независна Илирида – на свечаниот чин беше се биле собрале едно преку сила 50-тина души со кои ништо не може да правиш и да сакаш. Па да земеш и да направиш од нив една фудбалска репрезентација (јер јебеш земја без фудбалска репрезентација), една кошаркарска селекција (јер се навикнати да скокаат) и еден ракометен тим (јер има мета во името на спортот), ќе ти фалат два-тројца за да може да истрчаш на терен, а не па држава да пуштиш да си гувее со нив на смена.

Затоа, додека ги чекам резултатите од референдумот на Шкотите, за да не се случи тотален дебакл на независните идеи, решавам да го подготвам теренот и јас да си прогласам своја република. Кога можеше Халили со 50 мина да ја земе половина Македонија, мора да можам и јас барем нему да му го земам мојов стан, кој по нова распределба се наоѓа во неговата долгоочекувана држава.

Доста се заебававме, сега ќе видите како се прави независна држава.

Зошто независна Бетменска република?

Па прво и најважно - зато шо ми се мојт. Јер смо у могучности, шо би рекле Бугарите. Распишав референдум и истиот помина со излезност од 100% - гласаа сите еден регистрирани гласачи тоест јас и иако имаше мало двоумење, сепак референдумското прашање:

„Дали сте за прогласување независна Бетменска Република со право на стапување во необавезна врска со Шкотска на пример али само ако стане независна, како и со Македонија ако стане држава? И со Бразил или Аргентина во било кој случај, од мување на мали одмори до сериозна врска и оргијање?"

...на крајот беше одговорено со позитивен одговор. Смерницата за демократската волја на народот е повеќе од јасна: сè е подготвено за прогласување на Бетменска република.

Али република без свои закони и посебни одредби не е република. После завршувањето на референдумот и броењето на гласот, ја облеков својата државотворна тога, земав лист хартија и пенкало и си наредив самиот себеси да си ги запишувам гласно изговорените закони за Првата бетменска република:

-Забрана на турските, венецуелските, парагвајските, индијските, боливијските и други серии (си сугерирам себеси: „И Колумбијски стај, и Колумбијски!")... ОКЕЈ и Колумбијски, со основна мисија да ти уговнат расположение и децата да ги научат на адети од 14-тиот век. Оној кој ги донел во Македонија е персона нон грата во Велита Бетменија и е осуден на чили сос во шупче, да трча и да гори ко ракета во Кејп Канаверал. Строга забрана за сите емисии во кои се јавуваат морони за да ја поздрават емисијата или да се пофалат дека ја акнале снаата со рачка од секира по глава . Затворање на телевизии по слободна волја на врховниот телекомандант во Бетменската република, кој уствари сум јас („јаааас? Аха, ми текна, ми текна..." – помисли записничарот во мене).

-Прогласување на ненадлежност на Собранието и законите на Република Македонија и уважување на одлуките на независното бетменско собрание кои се обврзувачки јер сам ако не си се слушаш, кого ќе слушаш, нели да?

-Трета точка: „Бетменската република сè уште нема своја армија, но може да ја има до вечер ако треба јасно, само ако завртам три броја, ти не знаеш кој сè иам во именик?" Такоџе, Републик де Бетменџи е уставна монархија... што и тоа да значи. Не е важно, важно е да се знае дека јас сум шефот. А Кејт Мидлтон може да биде моја кралица на еден ден, колку да се фати малку темно влакно усред Бакингама. Ак не сакат ич не морат, нема ќе ја мољам јас.. да се вратиме на законите. Бевме кај шефот...

-...а шефот велит дека во оваа република има право на слобода на говорот во временски определени периоди од малу морген, и тоа секој втор малу морген во месецот. Со одлуката „Така по дома ти да си правиш ако така треба" обзнаено е тоталитарното право на врховниот Бетмендант да одлучи што е вредно за слушање или читање, а што е булшит и истиот булшит да го отстрани од својот лилјачки вилает во нула време и со сите расположиви средства, од тенкови до пулирапид. Бикоз ви тејк ноу булшит ин Бетменџи Репубљик.

-Бетменската република има фиксни 61м2 станбена површина + 8 м2 тераса постојана територија, која може да се зголемува секогаш кога неговото Високо Преобетменство Богдан Втори Независен ќе национализира зона од национален интерес, без оглед дали станува збор за шанк, седиште на стадион, ред на каса во Веро или красно уреден астал. Прогласувањето на национализираната територија оди со мантрата „Е, многу ми е убаво". Логично, национализирање на јавни простори типа пубични плоштади со истиот извик е можно, но ниту милиметар квадратен од независната република нема да ѝ припадне како компензација на патничката која преноќила тука само на сопствен ризик јак и предобра волја на прехуманиот народ на оваа република кој сака да згрижува незгрижени под услов да се пичкуматерину убави (не е без фалинки државата де, не е, ама нема сега за тоа...).

-Монетарна единица во Бетменската република ќе е МОЛК (Млк), јер во Бетменската република молкот е и појќе од злато. Уз пат, луѓето кои не знаат да запрат со зборување и не услишуваат молби на околината да зачепат уста ќе бидат погодени со стрела во газ.

-Oфицијална химна републиката нема потреба да има бидејќи глупо е да бираме една од стотиците пренајубави песни кои јако често ќе се слушаат во сите простории и непростории (фрижидерот де, ќе го озвучиме) на републиката. Почесни постери на Спрингстин, Флојдци, Мајкл Џексон, Елвис и Битлси и такоџе чесни постерчиња на Стоунси, Лу Рид, Вејтс, Дорс и Смитс ќе бидат поставени на ачик места во оваа прекрасна република. Тој што слуша глупава музика има забрана за улаз, освен ако не е пичкуматерину убав и нема кај да преспие, ко што нели, рековме погоре. Види пасос јебига. Ајде, даље, не ме нервирај сеа.

-Знаме? Ма какво знаме? Чаршав за јадење, ете кариран, чест и част на брача Шкоти кои бијат лут и крвав бој на ист ден со нас. Јебало те знаме..

-Мм, важно! Се воведува строга забрана за навивање за фудбалската репрезентација на соседна Македонија пошо сме ужас со нозе и бетер со нерви, па просто нема потреба од изложување на стресови кои ќе ни зависат од тоа дали селекторот на фудбалерите ќе им соопшти тактика или ќе им покажува како решил една скандинавка дури какал пред меч. Во Бетменвил ќе се форсираат спортови ко бадминтон, карлинг и хокеј на трева во кои јебига можда сме најдобри на свет ама не знаеме. Такоџе, секое дете на 4 години има да проба да свири на харфа, англиски рог или чинели, од истите причини - можеби знае, али како да знае, ако не проба бе, а?

-Во оваа независна република никогаш нема да се дупчи за да се најде нафта, туку ќе се дупчи за да се одржи здравиот разум, за да се одржи сексуалното здравје и евентуално сокче од тетрапак ако сака да пие некој. Највреднувана течност на местото на црното злато ќе е јогуртот и империјата на Бетмените ќе вложува во константно истражување на фрижидерот со цел наоѓање на нов извор на јогурт во истиот. Јогуртот како национална пијачка ќе важи за втората најзначајна бела течност во историјата на човештвото и оваа дефиниција ќе се воведе во сите учебници.

-Да, учебници. Сите ќе ги напишам јас, освен за предметите за кои не требаат учебници како латински, англиски, математика, историја и други општи науки. Стипендии на екстра талентирани ученици нема да се делат освен ако самиот не се изненадам себеси некој ден па да си поделам стипендија за научно-истражувачка дејност во хемиската индустрија, на тема „Забрзување на дигестивен тракт за време на посета на угостителски објект - начини и предности". Знам, знам дека овој пасос можеше да биде напишан и пократко. Можеше и целиот текст, ама шовебам, вака е во мојата република.

А додека си ја пишувам декларацијата за независност баритоните на СиЕнЕн започнаа да ги коментираат првите резултати од Шкотска. Шо да ти кажам... прекрасната тартан армија најверојатно ќе остане под круната на нејзиното височество Елизабета Вториот дел. Хеј, а можеа да дојдат под мое, сто пати поубаво ќе им беше. Но до наредниот референдум за Шкотска, немам време за чекање. Морам да подготвам терен за сите здраворазумни субјекти кои ќе сакаат да реализираме солидна билатерала. Особено бидејќи единствениот државотворен конкурент на овие простори, Илирида, има само 50 членови и судејќи по нивната возраст, бројот ќе им се намалува и без ниту еден ден војување со пушки, туку во војна само со деновите кои ладно си минуваат и покрај сите глупи идеи кои ќе ги кажеме со надеж дека ќе останеме надвор од ингеренциите на времето.

Ама, за тоа нека му ја мислат глупите. Овде важат други правила.

Добредојдовте во Бетменската република. Нека ми е честита.



*Провери дали ти треба виза на betmenvelit@gmail.com и @BatmanSaysT.
19 септември 2014 - 03:50