Европо, факоф

Туџе нечемо своје не дамо. Па ни критика. Затоа се осеќам глупо ко Претседател на држава на маргини на самит секогаш кога некој надворешен извор ќе напише некоја бљувотинска критика за нештата кои ги сакам, а си носат предзнак „мое" или „наше". Како вели Владо Јаневски: „Ова е само наше Скопје, тука ми е се..." /освен креативноста, честа и оригиналноста/. Ама мене стварно ми е тука скоро сè и стварно сакам да го видам градов поубав и понасмеан. Шо ме закомати сеа пак за Ск да се фаќам?

Ми седнале, ле, некакви си евро-шизици и направиле листа на оригиналност на градови во Европа според која Скопје е на последното 1.200 (илјада-и-двестотто) место на блудничкиот континент, а на глобални рамки нашиот најглавен скоро единствен град е рангиран на 3.485 место од вкупно 3.500. Ма то не може тако, другарице и другови. Глупа листа мора пасти. Секој напад на нашега главнога града е напад на цела земја, да вам ја кажем, другарице и другови. Прогласувам ратно стање! Овие оригинални парафрази на другарот Тито ми се омаж кон чоекот кој придонел доста за оригиналноста во Скопје, а деновиве на другиот свет е познат како Маршал Пропелер, умирајќи повторно откако неговиот самопрогласен либеро во овој обичен земски живот, Слободан Угриновски го зачлени во ВМРО, со пета.

Земав да чешам глава, да помозгам малку, зошто бе баш Скопје е последниот град кога е во прашање оригиналноста? Па биле ли тие од комисијата, да им се пљукнам, во Јагодина кај Палма, Бетовен и Шопен? Биле ли во Кратово? Вегас? Кандахар? Пекинг? Па во Пекинг толку се неоригинални што сите личат еден на друг. Вегас е Париз во Венеција во Суза. Кандахар е исти Ханој. Си ја почешкав главата, протече крв по моите кортексни канали, запловеа гондолите на трезвеноста, триумфално ми светна портата на провидението, врисна публиката во колосеумската арена на гладијаторски натпревар меѓу народите и ми текна шо е работава: нè мразат. Нема друго. Љубоморни говеда. А не е дека нема на што.

Ти не би ни бил љубоморен ако си Германец со 2.000 евра плата, живеење во земја во која парламентот го содржат 56 партии (па пола саат читаш пред да заокружиш на избори), не си сигурен кој ти е Претседател ама знаеш Бекенбауер ти звучи познато, сто заушки си кркал поради фашизмот ама си го издржал и тој Титаник и фифти јиарс лејтер си пак шеф во Европа? Сè е ок, ама нешто ти фали. Фонтана која пее, на пример!

Или замисли да си стар бркат Француз со 5-6 хектарчиња нивичка со лозјенце. Осончана ко Англичанка на Закинтос, плодна ко вистински патриот носител на субвенции од програмата за Трето Дете. Си правиш вино за мерак, за да е идилата поголема,со невестата одгледувате и кози и патлиџани, таа ти меси леб, внуците едвај чекаат за викенд да ти дојдат и да се истрчаат низ двор со фудбалска топка ко збунети пекинезери. Но, од архитектура околу тебе, освен куќата од камено приземје со зелени прозори нема ништо препознатливо. Пријателе, тебе пријателе, ти треба еден стуб од Хераклеа со коринтски капител, пријателе. Да разбие малку. Инаку, ако случајно пројде турист покрај твојот дом ќе те одмине како проширување на ЕУ. Како линија на Бинго. Како американски претседател на турнеја.

Италијаните имаат Ферари, фудбал и пица, ама плоштадите им се пустиња. Криволак. Ту и тамо по еден два споменика преку сила ќе видиш. Празнотија а ла симит погача. Швеѓаните мислиш среќни се? Волво, Икеа, ротирачко торзо во Малме, АББА... од една страна. Ама Златан Ибрахимовиќ оригинален Швеѓанец ли е? Пејачката од Роксет има иста фризура како Ким Вајлд, а социјализмот им е увезен од една македонска рударска област. Па и АББА, која оригиналност ја има? Сите четворица пеат ис-то (ис-то, ис-то, ис-то). Мама миа! За Швајцарците да не ти зборувам. Пола од куќите таму им се копии на архтиектонските злодела во Зајас. Каде им е ними оригиналноста? Каде е оригиналноста на Шпанците кои за свои и ги пишат каталонецот Гауди, вонземјанинот Пикасо и сликарот Доменикос Теотокопулос „Ел Јужнососедињо" (некаде познат и како „Ел Греко")?

Часна пионерска реч, некои СК2014 несреќни решенија кои како рецидиви на рак на вкус печуркасто се насадуваат низ Скопје сигурно се меѓу поглавните причини поради кои нè туриле на листата на неоригинални градови. И сега што? Прав стратег тука би изиграл на контра. Нема повлекување: кога ќе им „плеснеме у фаца" уште едно најоригинално Панорамско тркало - епилептичен напад проследен со опсесивно-компулзивни тикови на наизменично мижење ќе им се исподесат. Ако Владо склопи песна против листата, ќе ги дематеријализира судиите, ќе ги раздели на фотони и нивни копии, македонска и руска. Има да ги донесеме пред Мостот на Уметноста кој ќе им го земе здивот и нема да им го врати 45 секунди, да видат малку зорт.

Итно треба да се изгради нова хидраулична фонтана со статуа на „Зачуден Архимед" кој ќе гледа накај Вардар, ќе се движи нагоре надолу, во и надвор од базенот и кога ќе влезе во вода ќе извикува „ЕУ, РЕКА" (зависно од периодот на годината може и „НАТО, РЕКА" или „НИЕИРУСИТЕ202МИЛИОНА, РЕКА"). Во моментот на влегување во вода на Зачудениот Архимед од фонтаната да прска на сите страни топла вода. Чудо. Странец турист да дојде, очи да оплакне - и мишки, ако се запотил акајќи низ сите културно-уметничко-забавни јазли низ градот.

Ја ѕирнав и макетата на новиот споменик посветен на Мајка Тереза кој наводно ќе се градит во комшилук на Воинот на Коњ шо е фино пошо нзс на двата споменика им е Индија. Уште ако се напрајт и споменик на Сител Сапуница, па еден троаголен дел од плоштадот да си крстиме Мали Пенџаб ќе е супер за туристи од таму. Едно маало годишно во Скопје да ни дојт, +20.000 туристи имаме. Само една мала корективна сугестија имам. Наместо финтаџиското решение со грамадна празна качулка на најпознатата Скопјанка во која има помала статуа на Мајка Тереза, да се стајт скината глава на Дарт Вејдер пештерски обработена за да го збере помалиот споменик. Ви текнува? Во секое лошо има добро, поента прва - туристи будисти колку сакаш. Фанови на Стар Ворс стотици милиони низ цел свет, ќе дојдат на поклонение околу споменикот. Трето и најважно, Лукас ги шитна Стар Ворс на Дизниленд, со што отвoраме простор за нови странски инвестиции на плоштад.

Абе Европа треба да дознајт какви оригинални креативци сме ние. А влегување во неа после овие показни вежби, само ако нè замолат учтиво. Све си коштат, па и привилегијата да се дружит чоек со нас.

Јас би бил вољно и со една ваква фонтана во двор да ми напрајт Брисел. Ако им значи нашето пријателство и соработка.

Aко не, Вегас одма ќе не примит. 



Oригинални идеи, тука: betmenvelit@gmail.com, @BatmanSaysT 

 

3 април 2013 - 16:31