Џони не оди никаде

Недела попладне под за'ржаното ноемвриско небо над малото грaтче Хендерсонвил во Тенеси. Земја голема, гробишта мали. Интимни и средени како рајска бавча. Скромни надгробни споменици, одржувана трева, тишина и неодоливо присуство на тој готски авторитет адаптиран на јужњачките светови. Вртиме со погледите и на празните гробишта го бараме споменикот на Џони и неговата Џун.

Ене го, прекриен во свежо цвеќе и сувенири оставени од неговите посетители. Тивко е и никому не му се зборува. Се ѕвериме во плочата а мене ми се тресат рацете. На гробот на Џони Кеш се замислив себеси како стојам на гробот на Џони Кеш. Проекцијата се судира со реалноста, и двете се кршат баш во мене. Ја вадам ракијата [препечената домашна сливка,] на Џони Кеш му турам пристојна доза, иста таква пијам и јас. Му палам цигара, палам и за мене. Треперам и сигурен сум дека никој никаде во тој момент не прави ништо поважно.

"Земјотресот" паузира во моментот кога датумите од надгробните плочи на Џони и Џун укажуваат дека првиов не издржал повеќе од 120 денови без неговата љубов со која буквално не се разделил цели 35 години. Мислам...дали замолил за услуга кај смртта? Дали истата излегла во пресрет на катраносаната душа на осамениот старец? Сакам да верувам оти е така исто како што верувам дека нивната љубовна приказна е меѓу среќните...

Кеш е оној ист мангуп кој со спотот на "Hurt" на смртта и се искурчи во фаца. Како да и рече подготвен сум, дај се од себе... и со сиот шарм и достоинство почна да се пакува за на гробишта. За онаму каде постои единствен мир, каде се потсетуваш каков булшит од зделка е животот и дека најдобрата ставка во тој договор е онаа последната. Највистината од сите вистини која смее и безрезервно не заебава. Колку сурова, толку и чесна. Супер појава која не дискриминира и речиси во индустриски ритам ги брише животинкиве по светот. Процедура за која нема фаќање врски. Привилегиите за по Земја а за под нејзе комплетна транспарентност и фер третман.... Забегав со мисливе, но Џони Кеш му доаѓа како совршен саундтрак за танцот на истите во главава.

Иако е 9 години на гробиштата Мемори гарденс, Џони е насекаде околу мене. Во автобус, на работа, по улица, во кафана. Ме остри, ме теши, ме радува и ме расплакува. Одлична зделка, исто како и самата смрт. Џони не планира да замине од мојот живот а јас уште помалку да се разделам од тотемот со чија помош демоните ги правиме парче. Кога авторот тресе и на славје и во тага и на народно ти помага во борбата со мртвите пријатели и живите непријатели, нека биде од каде сака само да остане крај мене.

Така и овој духовен десперадо, кој во прво лице пее за некој што застрелал неверна зла кучка, па бегал, па си го лежи своето, па се кае... и сето тоа на брда кокаин. Потоа ќе го возвишува Исус, ќе објасни зошто униформите ни се црни, ќе ги љуби ближните до небо но ќе се потопи во алкохол и безмилосно ќе напушта. Ќе биде третиот најпопуларен лик во Америка по Ричард Никсон и Џон Вејн но без недоумици ќе ја потсети американската и светската јавност на пустошењето на домородците на неговиот континент. Ќе свири по цркви, затвори, гнасни клубови, Карнеги Хол.... На своето ТВ шоу во ударните термини ќе пее крај Луис Армстронг, Хозе Фелисијано, Реј Чарлс, Боб Дилан.... Ќе створи многу, нема да престане до последниот здив и триумфално ќе замине, запомнет како оној кој успеа сензационално да воскресне во немилосрдниот музички бизнис.

Со карактеров се запознав пар години пред да замине. Кај Лари Кинг видов чиче со вознемирувачки авторитетна појава и очигледно децении јавен живот зад себе. Колку лесно раскажуваше за амфетаминските ноќи минати со Елвис, за затворите, Холивуд, за обесправените, сиромашните и изгорените од судбината, за подоцна со необјаснива милост да говори за својата Џун. Како воз да ме удри.

И покрај референцата во текстов, Џони Кеш [барем на овие простори] верувам дека не не лови по основа на хипстерајот, туку зошто е сељак во онаа смисла на цврст, напатен и вреден човек. Речиси како подгрбавените измачени старци по нашите полиња. Пејач на прости песни со јадро, кои ги разбира и научникот и козарот. И тинејџерот и бабата. Роден сред рецесија во невидена сиромаштија и на макотрпната земјоделска работа научен од 8-годишна возраст, Џони е татко, дедо и прадедо. Истерал 71 и до самиот крај не се пожалил од болки, барем не во песна. Sвезда од тешка категорија и тајфун од карактер крај кој доста се забавувале но и трауматично страдале.

Кеш е против војната но со војниците и против криминалот но со криминалците. Како што ја сее пораката по светот, Кеш делува и како личен терапевт кој можеби ќе одбие да го скроти или игнорира лошотилукот доколку е ваш сојузник. Тука е кога се кубат коси кога нешто се остава, кога нешто се препушта, или кога нешто заминува/се враќа. Пренесен на носач на звук, неговиот бас баритон сфатете го како глас на врач кој знае повеќе од смртникот, но тука е за арно.

Тивко почнува да врне на гробиштата а ние без да размениме збор, бавно се упатуваме кон излезот. Почитта е одадена. Вртејќи се кон вечниот дом на Џони Кеш и Џун Картер на духовите им ветив дека ќе се вратам.

Џони веќе 9 години е под земјата и многу над неа. Неговата појава пулсира и брка шејтани од свеста и совеста на оние кои му ја дале својата доверба и ги цеди отровите од грешните и збунетите. Нема повеќе такви пејачи... па ни луѓе воопшто. Со мадиња до земја да застане зад сопствените грешки, да се судри со искушенијата, да побара прошка за на крај сета борба несебично да ја опее за сите нас. Почивај во мир.

В.Л.Адо

lazoroskivladimir@gmail.com

@adoohoho

12 септември 2012 - 17:18